Македонија
За плочникот пред ГТЦ потрошени над половина милион евра
Градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска го промовираа новиот плочник кој се наоѓа помеѓу влезот на ГТЦ и градскиот плоштад. За реализацијата на овој проект од градскиот буџет се потрошени речиси 33 милиони денари
„Воведуваме нови стандарди во уредувањето на јавниот простор во Скопје. Овој простор пред само неколку месеци го препознававме како место каде што на првиот посилен дожд се собираше вода на пропаднатиот асфалт, што ни го ограничуваше движењето. Овој простор заедно со зелениот покрив на ГТЦ го претставуваат, всушност, новиот стандард за изгледот на јавниот простор во нашиот град и се вклопуваат еден во друг со цел нам и на граѓаните од целата држава да им биде простор на кој може да поминат убави моменти. За реализацијата на овој проект од градскиот буџет се потрошени речиси 33 милиони денари со вклучен ДДВ“, рече Шилегов.
Тој додаде дека тука е и местото каде што е родена Мајка Тереза, која при посетата на Скопје во почетокот на 80-тите години, заедно со тогашниот скопско-призренски бискуп Јоаким Хербут и тогашниот градоначалник Методи Антов, засадила 3 дрвца во малото паркче, а кои сè уште се таму.
„Овој тревник зад мене, за жал, во 2012 година од претходната власт бил продаден и на овој простор треба да никне 20-метарска, можеби и повисока зграда, и на аголот на стоковната куќа улицата да биде широка помалку од три метри. Овој простор е приватен и на него Градот не може да инвестира и да го уреди, меѓутоа додека сум јас градоначалник, заедно со градоначалникот на општина Центар и со советниците на Град Скопје, ќе се грижиме овој простор да остане јавен простор и нема да дозволиме да се изгради зграда. Ве повикувам и вас граѓаните, да застанете во одбрана на овој простор и да не дозволиме ова место, каде што беа тепани студенти, да никне зграда. Исто така, ги повикувам и надлежните институции, односно Јавното обвинителство и Јавното правобранителство, конечно, да бидат на ниво на своите функции што ги извршуваат и да ја поништат продажбата и да ја вратиме сопственоста каде што припаѓа. Овој простор е на Град Скопје, а не е простор на кој ќе се прават луди барокни експерименти“, нагласи Шилегов.
Плочникот е со површина од речиси 5. 000 квадратни метри, а е изграден од 3 вида плочки, на кои е изведена патека за лицата со инвалидитет. Поставена е и соодветна урбана опрема, која подразбира оптимален број клупи, канти за отпадоци, осветление, атмосферска канализација и заштитни столпчиња што ќе го спречат непрописното паркирање и движењето на возилата. Исто така, формирани се и дрвореди од 22 повеќегодишни дрвја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Постојниот простор на СВР Охрид ќе се стави во функција на градот, надземно ќе биде убав парк, а подземно катна гаража
„Денеска на покана на министерот и градоначалникот сум во Охрид, да дадам и јас лично поддршка на проектот кој тие двајца го најавија дека тоа ќе биде еден од приоритетите на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Станува збор за простор на СВР Охрид кој ќе се стави во функција на општина Охрид или ќе биде надземно убав парк, а подземно катна гаража“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ценам дека треба да се слушаат потребите на граѓаните, треба да се слушаат потребите на тие кои се избрани од граѓаните.
Ценам дека на овој начин ќе се овозможи еден поголем комфор во рамките на градското централно подрачје во Охрид во оној дел каде што е туристичка зона и ценам дека како држава треба да поддржуваме проекти кои ќе значат додадена вредност за средините во кои се прават. Еден од тие проекти е овој овдека.
Така што уште еднаш од мене голема благодарност и до министерот и до градоначалникот на поканата. Очекувам вакви и слични проекти и во иднина во други области во Македонија“, изјави Мицкоски.
Сервисни информации
Сообраќајот на патот Прилеп-Македонски Брод, се одвива наизменично по една коловозна лента
Во 14:58 часот сообраќајот на регионалниот пат Прилеп-Мак.Брод, сообраќајот се одвива наименично по една коловозна лента.
АМСМ информира дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Апел за помош за малиот Војдан
„Почитувани, ви се обраќам како очајна мајка на Војдан, кој е дете со церебрална парализа. Војдан е предвремено родено дете, кој е борец уште од првата секунда од неговиот живот. 71 ден ги помина во инкубатор, на респиратор, со мал милион дијагнози и прогнози, но тој се избори и си дојде дома.
Кога мислевме дека нема крај на нашата среќа. Господ повторно ни го зададе најголемиот удар, на Војдан му дијагностицираа Церебрална парализа. 8 месеци ги поминавме по болничките лавиринти во нашата држава, со што немаше значителен напредок. Од негови 11 месеци, одиме на рехабилитација во Загреб. Одиме секој месец и остануваме таму по една недела. Војдан има сериозен напредок во неговата битка, која продолжува и од кога ќе се вратиме дома. Секојдневно има физикална терапија, со што јас како родител сум обучена да работам со него, дефектолошки и логопетски третман одиме на приватно. Фондот за здравство не ни го признава лекувањето на Војдан, па цели овие години одиме со помош на нашиот хуман народ. Како мајка на која единствена желба и е здравјето на нејзиното дете, уште еднаш и до бескрај ги молам сите хумани граѓани кој се во можност да ни помогнат за Војдан да излезе како победник во битката“.
Информации околу кампањата за собирање на донации имате тука