Македонија
Шилегов од Кисела Вода: Во Скопје вака се градело само после земјотресот
Скопје денес е многу подобро од пред четири години. Вложивме многу љубов во секое маало, во секое катче од нашиот град, порача Петре Шилегов, кандидатот за градоначалник на Град Скопје и актуелен градоначалник, на вечерашната трибина во општина Кисела Вода.
Тој рече дека само во Кисела Вода, на местата на некогашните диви депонии се подигнати над 22.000 квадратни метри нови паркови површини, каде се засадени над 1.000 садници, а посочи и на низа други проекти кои се однесуваат на заштитата на животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.
„Денес со гордост можеме да кажеме дека Скопје е првиот град во регионот кој воведува брз автобуски превоз. БРТ системот на брз автобуски превоз популарно наречен ‘трамвај на тркала’ на Скопје мора да му се случи“, истакна Шилегов.
Тој го нагласи ефикасниот начин на работа денес, кој, како што кажа, го носи најдоброто за скопјани.
„Во Скопје 4 булевари се граделе истовремено само после земјотресот – и денес. Денес во Скопје за прв пат после повеќе децении се градат два нови моста истовремено. Минатата година реконструиравме и градевме вкупно 21 улица. Ја нарековме Градежна офанзива бидејќи на толку сообраќајници во една сезона се работело повторно само 2 пати, по земјотресот и денес. Низ улиците на Скопје денес се движат 33 нови ултра модерни еко автобуси на гас од реномираниот европски производител МАН. Покривот на ГТЦ беше детектиран од УНДП како т.н. топлотен остров, сега е полн со луѓе и зеленило. Ги реконструиравме сите средни училишта во градот, коишто сега имаат нови енергетски ефикасни фасади. Воведовме нов концепт за третман на комуналниот отпад. Ги променивме садовите за отпад со нови кои ги задоволуваат најсовремените стандарди за квалитет со можност за селектирање на отпад. Обезбедивме нови камиони и нови машини специјализирани за ефикасно чистење на јавни површини. Со субвенциите на инвертер клима уредите во Скопје денес чадат 5.000 оџаци помалку во однос на претходно“, дополни Шилегов.
Тој на скопјани и на граѓаните на општината Кисела Вода им порача дека најдоброто доаѓа и ќе се случи со заокружување на бројот 12, на локалните избори на 17 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.