Македонија
Шилегов ја презентираше студијата за заштита на парк-шумата Водно
Во присуство на претставници на стручната и научната јавност, на невладините организации, медиумите и заинтересираните граѓани денеска во салата на Советот на Град Скопје се одржа втората презентација на ревидираната „Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума Водно“.
„Кон крајот на август годинава ја одржавме првата јавна расправа за новата Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума ‘Водно’, во чии рамки имавме можност да слушнеме многубројни забелешки кои главно се однесуваа на начинот и обемот на заштитата. При изработката на студијата главниот акцент е ставен на идентификацијата и валоризацијата на важните екосистеми и живеалишта, како и на поедините видови растенија, габи и животни и нивната застапеност на меѓународните листи за заштита на биодиверзитетот. По првата јавна расправа оставивме простор претставниците на еколошките здруженија и претставниците на стручната јавност во рок од 30 дена да достават дополнителни коментари и забелешки на студијата, со цел да постигнеме оптимално ниво на квалитет на студијата која ќе овозможи ефикасна и сеопфатна заштита на природните богатства на Водно. Досега добивме исклучително вредни и квалитетни забелешки од Шумарскиот факултет, ‘Екосвест’, ‘Го сакам Водно’ и советничката Драгана Велковска, кои внимателно беа разгледани од експертскиот тим кој работи на оваа студија. Дел од овие предлози и забелешки се веќе дел од новата верзија на студијата за која дискутираме денеска, а на преостанатите забелешки им беа подготвени одговори со аргументирани образложенија кои се однесуваат на нивната применливост“, рече на денешната расправа градоначалникот Петре Шилегов.
Тој додаде дека самиот факт што вторпат се разговара за истата студија и се разменуваат мислења и аргументи со стручната јавност и со граѓаните го прави процесот на изработка на студијата инклузивен и транспарентен.
Според него, со оваа студија ќе се создадат услови Водно да добие заштита од 5-та категорија што е соодветно за природните специфики на заштитеното подрачје. Шилегов пред присутните објасни зошто е најсоодветна 5-тата категорија на заштита, имајќи предвид дека шумата на Водно е антропогена (создадена од човечка рака), речиси без ретки растителни и животински видови.
„Кај 5-тата категорија на заштита шумата може да се заштити со одлука на Владата што ќе овозможи да се избегнат непотребните одлагања на процесот предизвикани од политичкиот контекст во кој живееме. Со други зборови, ќе може да се донесе одлуката од Владата пред формирањето на техничката влада, а особено пред распуштањето на Собранието заради претстојните предвремени избори. Студијата за која разговараме денеска се вика Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума ‘Водно’. Студијата е речиси готова и денеска разговараме за можните корекции во нејзината содржина. Паралелно со ова, неодамна беше распишан јавен оглас на кој беше избран експертски тим кој треба да изработи Студија за туристичко-рекреативен центар Водно. Вторава студија во никој случај нема да се коси со студијата за која разговараме денеска, туку напротив, ќе биде одлична рамка која преку прецизно утврдување на опфатот и начинот на заштита на шумата, ќе даде насока во кој правец втората студија смее да се движи. Втората студија има за цел да покаже дали има услови и доколку има, кои се најсоодветните локации за различните содржини со кои може да се збогати просторот за рекреација на посетителите, без притоа да се наруши животната средина на растителните и животинските видови кои живеат во шумата. На пример, втората студија ќе покаже дали има или нема услови за изработка на адреналинска патека или зиплајн. Доколку има услови, на која локација може да се изведе? Доколку нема услови, ќе имаме и стручно образложение зошто нема услови за тоа. Притоа, доколку студијата покаже дека има услови за изградба на некаква рекреативна содржина тоа не значи и дека веднаш ќе биде изградена“, рече Шилегов.
Тој најави дека и за оваа студија ќе има јавна расправа, а јавноста ќе може да цени што е или што не е во интерес на граѓаните. Значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е големо, а напорите на Град Скопје се насочени кон зачувување на природата и заштитата од пожари.
Тој рече дека вишокот средства кој ќе остане заради немањето толкав простор со поволни услови за пошумување, треба да се искористи за создавање услови за поголема заштита на шумата. На пример, тие би можеле да се искористат за обезбедување соодветна опрема и инфраструктура која ќе обезбеди подобра заштита од пожари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Позитивна оценка за првиот круг од претседателските избори, забелешки за острата и негативна реторика од страна на ОБСЕ/ОДИХР
Првиот круг од претседателските избори беше конкурентен и гласачите можеа да направат информиран избор. Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР во своите прелиминарни заклучоци со позитивна оценка, но со забелешка за острата и негативна реторика.
Шефицата на мисијата на ОБСЕ, Џилијан Стирк, на денешната прес-конференција посочи дека во кампањата биле почитувани основните слободи, процедурите во гласањето биле испочитувани во голема мера, додека, пак, во некои случаи избирачките одбори не ги завршиле целосно пропишаните процедури при пребројувањето.
„Основните слободи беа почитувани во кампањата, но како што се приближуваше денот на изборите, а границите помеѓу претседателската и парламентарната трка почнаа да се замаглуваат, реториката стануваше сè понегативна и во некои случаи дискриминаторска, одразувајќи ја политичката фрагментација и етничките поделби“, истакна Стирк.
Околу измените во Изборниот законик, истакна дека тие биле воведени преку процес на кој му недостасувало транспарентност и консултации со јавноста.
Беше потенцирана и недоволната застапеност на жените во кампањата, како и ограничениот ангажман на жените гласачи што, како што е посочено, ја покажува потребата од поголема посветеност на обезбедување нивна вклученост во политичкиот живот.
Во врска со распределбата на средствата за кампања беше нагласено:
„Поврзаноста на распределбата на средствата за кампања и медиумските можности со партиската припадност несразмерно ги фаворизираше кандидатите кои се поврзани со големите политички партии“, наведе Стирк.
Набљудувачката мисија ќе го проследи и вториот круг на претседателските избори заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Македонија
(Видео) Николоски: Како носител на ИЕ 4 за мене најдрага е победата на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, во следните две недели ќе продолжиме да работиме уште поинтензивно
Денес продолжуваме со кампањата за парламентарните и претседателските избори, денеска се спојуваат повторно двете кампањи. Продолжуваме тука од Струмица каде што планираме големи проекти по формирање на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Повикувам сите граѓани да ја прочитаат нашата програма Платформа 1198 каде што нудиме решенија за најкрупните проблеми на граѓаните, пред се во делот на владеење на правото и воспоставување на функционален систем на владеење на правото и правна држава, понатаму економскиот развој, решенија за состојбите во образованието и во здравството, поддршка за пензионерите, но и за најмладите преку проектот „Купи куќа“ и бројни други проекти кои што ги имаме во Платформата 1198, порача Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4.
„За нас е огромна привилегија поддршката која што ја добивме вчера, сметаме дека резултатот кој што вчера го постигна Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ е обврска во следните две недели уште поинтензивно да се среќаваме со сите кои што сакаат да се сретнат со нас, да го објасниме нашиот концепт и визија и да ја побараме поддршката. Очекувам на 8 мај да има убедлива победа за Гордана Силјановска Давкова и најмногу пратеници за ВМРО-ДПМНЕ кој што ќе овозможат стабилна влада која што нема да биде уценува од никого и кој што ќе овозможат во опозиција да одат и СДСМ, но и политичката партија ДУИ“, кажа тој.
Додаде дека е среќен како носител во ИЕ 4 што имаат победа во Струмица.
„Тоа мислам дека е голем сигнал не само за Струмица, не само за струмичката околија туку за цела Македонија. Победата за Струмица за мене е најдрага од сите победи вчера, сакам да се заблагодарам на тимот позади мене, во следните две недели ќе работиме уште поинтензивно за да имаме уште поубедлива победа и Струмица конечно да го добие она што го заслужува, а тоа е економски развој и воведување на функционална правна држава каде што ќе има јасно владеење на правото, а не она што се случуваше во годините наназад“, рече Николоски.
Македонија
Стојчевски: Родена е третата политичка сила во македонскиот политички блок
Даниел Стојчевски, носителот на листата на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија во ИЕ 2 истакна дека е родена третата политичка сила во македонскиот политички блок.
„Граѓаните испратија јасна порака. Изборното востание со својата незапирлива позитивна енергија се шири низ цела Македонија. На граѓаните им е доста од неказнета корупција,неправда,сиромаштија,лажни ветувања и криминална власт. Ние од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија,искрено и чесно сме посветени на идејата нашата татковина да ја иградиме како просперитена држава во која обединето живеат среќни граѓани ,и никогаш нема да дозволиме граѓаните да бидат поделени по политичка, етничка или верска припадност“, истакна Стојчевски.
Се заблагодари на подршката на граѓаните и гласот кој го дале за како што рече, просперитетна Македонија.
„Ви благодариме за довербата која ни ја давате, да стигнеме до нашата заедничка цел, да ја видиме Македонија таму каде што заслужува да биде“, посочи тој.