Македонија
Ѓуровски: Руските разузнавачки служби имаат продор на Балканот и во Северна Македониja
Професорот по безбедност, Марјан Ѓуровски, истакна дека Руската Федерација го искористила неснаоѓањето на Европската Унија и притоа си создала простор во претстојниот период да користи класични политички средства за влијание преку продор на руските разузнавачки служби во регионот на политичките и во бизнис-круговите на одделните земји за економски и енергетски средства за влијание.
Притоа, потенцира Ѓуровски, таа прави обид да го прошири своето влијание преку медиумите, културата, академската средина, преку разни владини и невладини организации, кои потекнуваат од Руската Федерација или се формирани во одделните земји, употребува разни групи, како и Руската православна црква.
Обраќајќи се на свеченото отворање на регионалната школа за безбедност „Надворешните актери и нивното влијание на регионалната безбедност и евроинтегративниот процес на Западен Балкан“, во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Центарот за европски студии „Вилфред Мартенс“ и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Ѓуровски додаде дека многумина на пораките за ризиците што произлегуваат од кинеското и руското влијание на овој дел од Европа гледаат со иронија.
„Многумина на нашите денешни пораки за ризиците што произлегуваат од кинеското и руското влијание на овој дел од Европа ќе гледаат со иронија, а можеби и со потсмев, но воедно останува нејасно зошто ненаоѓајќи го своето место и простор тука дома, се одлучуваат да заминат, да ја побараат својата иднина во западниот свет, како СР Германија, САД, Австралија. Доколку не се сложуваат со нас, а воедно ги нагласуваат кинеските вредности и влијанија, останува неодговорено прашањето зошто во најголемиот дел, наместо во Берлин, некои денес не размислуваат својата иднина и работа ја побараат во Пекинг, Москва или, пак, во западниот свет“, нагласи Ѓуровски.
Тој потенцира дека Балканскиот Регион е дел од хибридниот конфликт меѓу Западот, од една страна, и Руската Федерација и НР Кина, од друга. Според него, потребно е да се подигне нивото на свесност за ширењето на влијанието на новите надворешни државни актери и интереси на Балканот, кое, како што вели, е силно изразено и негативно за регионот.
Според Ѓуровски, новите државни актери имаа цел да го запрат или забават процесот на проширувањето на НАТО во регионот, да ја прошират енергетската зависност во регионот, посветени се да го забават процесот на ЕУ-интеграцијата во регионот и да проектираат мека сила во регионот преку сите можни инструменти на националната моќ.
„Интенција е да се креира замрзнат конфликт или статус кво во регионот. Преку пласирање лажни вести се форсира стратегијата на неутралност на Балканот убедувајќи ги граѓаните на земјите од регионот да останат надвор од НАТО и ЕУ. Тоа е користење нелинеарен пристап за креирање перцепција дека западните вредности се погрешни наспроти играње на картата на националните чувства на граѓаните бидејќи повеќето сме свртени кон минатото и оптоварени со него“, напомена Ѓуровски.
Инаку, доколку западните држави сакаат да запре процесот на стагнација во регионот, професорот Ѓуровски смета дека политиката на европските интеграции не треба да биде политика на стапот и морковот, тука преку реални и видливи политики на интеграција на Западен Балкан ќе се придонесе да запре дезинтеграцијата и наместо умови надвор, да извезуваме успешни приказни.
Според Ѓуровски, денес американско-германското сојузништво и заедничкиот пристап е клучот за влијателен евро-атлантски клуб и фукционален и стабилен Западен Балкан.
„Кина и Русија се актери, кои како стратешки ривали на западниот модел на општество имаат разни идеи за демократијата, владеењето на правото и слободата на религијата. Кинеските амбиции оправдано будат страв во ЕУ. Се стравува дека корупцијата може да продолжи да расте поради евтините пари. Кај многу проекти станува збор за одобрување заеми од кинеските банки. Кинезите не бараат демократија и правна држава кога одобруваат финансиски заеми, што го олеснува задолжувањето на земјите што сѐ уште не се членки на ЕУ (Албанија, Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина). На овој начин се гради корозивен капитал, односно дипломатија на лихварство“, заклучи професорот Ѓуровски.
Во рамките на свеченото отворање воведни предавања и свое обраќање имаа Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија, Ханс-Герт Потеринг, поранешен претседател на Европскиот парламент и висок претставник за европски прашања при Фондацијата „Конрад Аденауер“, Вернер Фаслабенд, претседател на Академскиот совет на Центарот на европско образование, Вилфред Мартенс од Брисел и поранешен министер за одбрана на Австрија, УКЛО, Анке Холштајн, амбасадор на Сојузна Република Германија во земјата, Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Северна Македонија.
Според најавите, активно учество на тридневната конференција, која се одржува на хибриден начин, зедоа истакнати експерти и студенти од СР Германија, Австрија, Белгија, Република Северна Македонија, Република Албанија, Република Грција, Република Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Османи: Европскиот фронт е голема идеја чие време е дојдено
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вечерва на митинг пред граѓаните на Кичeво изрази благодарност до лидерите на Европскиот фронт и коалицијата која, како што вели Османи, е продолжение на битките во континуитет една по една, за разбивање на замоците на етничките монополи.
„Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, истакна Османи.
Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.
„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател. Значи, браќа и сестри, се натпреварувам, на 24 април да ја разберете тежината на оваа мисија, дека вашиот глас не е само за мојата кандидатура, вашиот глас, вашата поддршка е за да ја разбиете последната тврдина на етничкиот монопол и за заокружување на еднаквоста на сите заедници во нашата заедничка држава“, заклучи Османи.
Македонија
Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково
Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково. Ќе го поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме во агробизнис, грантови и земјоделци Ќе ги поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме повеќе во агробизнисот, во грантови за земјоделците и во економски развој за да ја вратиме некогашната репутација на земјоделството и производството на регионот на Липково и Куманово. Ова беа дел од пораките кои претседателскиот кандидат Арбен Таравари ги испрати вечерва од општина Липково. Оваа општина ја донесе ДУИ на власт а како награда добива само штета, неправда и лошо владеење.
„Наместо да се привилегира и развива овој регион кој некогаш важеше за кризен регион, лошото владеење на ДУИ го втурна во повеќекратни кризи. Економска и земјоделска криза, невработеност и миграциска криза, но и безбедносна криза и монтирани случаи. Никој повеќе од жителите на овој крај не ги почувствувал последиците од лошото владеење на ДУИ“, нагласи Таравари во својот говор.
Но, според него, оваа состојба ќе заврши со гласот на самите граѓани, кој ВРЕДИ и ќе ја донесе долгоочекуваната промена.
„Ќе донесеме повеќе правда, прво за политичките монтирани случаи, каде што ќе се заложиме за правда и обештетување за оние Албанци кои неправедно се држат во затвор. Никогаш не го забораваме војникот на слободата и жител на овој крај, Реџаил Ќерими, кој неправедно беше држен во затвор 13 години и почина во ќелијата кога отворено се знаеше дека нема врска со она за што го обвинуваа, изјави Таравари.
Меѓу другото, Таравари од Липково повтори дека со доаѓањето на ВРЕДИ на власт ќе се забрани коцкањето, а ќе се простат и долговите од фирмите за брзи кредити кои исто така рече дека ќе се затворат.
Македонија
Кои се седнатите на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти, прашува Силјановска-Давкова
Ги нема сликите низ весниците кои се најдобар доказ, бидејќи сликите понекогаш повеќе кажуваат од зборовите, за тоа кој е кој во ова корупциско и криминално гнездо, вели професорката Горданa Силјановска -Давкова вечерва од Велес.
„Колку претседатели сте виделе, колку премиери сте виделе, колку министри за внатрешни работи сте виделе седнати на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти? Може да се сликате со некого на улица, ама на софра да бидете тоа значи дека сте во спрега. Значи, во право е претседалот на ВМРО-ДМПНЕ кога вели дека, не само со чинење, не само со криминални активности, туку и со замижување пред криминалот и корупцијата вие сте соучесник во нив, посочи Силјановска Давкова и додаде:
„Во овие избори има нешто специфично, до ѕидот сме доведени. Вие заслужувате власт соодветна на вашето достоинство, власт од којашто нема да се плашите и срамите, туку ќе се гордеете“, порача вечерва од Свети Николе, кандидатката за претседател на државата, поддржана од ВМРО – ДПМНЕ и коалициските партнери