Македонија
Јазикот на етничките заедници ќе биде изборен предмет во седум училишта во Центар
Општина Центар информира дека почнувајќи од учебната 2019-2020 година, во седумте општински основни училишта како изборен предмет за трето одделенците ќе се воведе изучување на јазиците на помалите етнички заедници во Република Северна Македонија.
Во текот на месец мај, по препорака на Министерството за образование и наука, Општина Центар спроведе анкета за изразување интерес за изучување на српскиот јазик во паралелките од второ одделение во сите седум основни општински училишта на која позитивно се изјаснија вкупно 153 ученици.
„Имајќи предвид дека анкетата е спроведена на 29 јуни, односно на денот на доделување на сведителствата, поради можно отсуство на дел од учениците, се очекува оваа бројка да се зголеми откако во септември ќе биде спроведена дополнителна анкета за отсутните. Согласно тоа, очекувањата се дека во учебната 2019-2020 година ќе има една до две цели паралелки кои факултативно ќе го изучуваат српскиот јазик“, велат од Општината.
Со почетокот на учебната година, веќе во септември, ќе биде спроведена и анкета за изучување на јазиците и на другите етнички заедници, поточно: бошњачки, турски, влашки и ромски јазик, и во зависност од интересот и овие јазици ќе бидат воведени како изборни предмети за учениците од трето одделение.
Од општината додаваат дека воведувањето на јазиците на помалите етнички заедници како изборен предмет во основните училишта на територија на општина Центар има за цел да им овозможи на децата од одредена националност и академски да го изучуваат јазикот на националноста на која ѝ припаѓаат, но и да им даде можност на децата од другите националности да се запознаат со јазикот на своите соученици. Проектот е во насока на зближување и заедништво, мултиетничка толеранција и разбирање и изучување и запознавање на децата со што повеќе јазици уште од најрана возраст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Митрески: Повисоки пензии, енергетски пакети и зимски регрес, пензионерите заслужуваат подобар стандард
„СДСМ се грижи за сите граѓани, особено за пензионерите. Преку конкретни политики обезбедивме економска сигурност и подобрен животен стандард. Минималната и просечната пензија пораснаа за 50 проценти, обезбедивме континуиран раст на пензиите. Го стабилизиравме Пензинскиот фонд, обезбедивме сигурност“, изјави Јован Митрески, носител во ИЕ 5 од Коалицијата за европска Македонија, предводена од СДСМ.
Тој додаде дека во време на Ковид кризата пензиите беа исплаќани и предвреме со цел да се заштити здравјето на пензионерите. Во таа насока, нагласи Митрески, зајакнат е здравствениот сикстем, реновирани се повеќе клиники и ургентни центри низ државата, а 80 проценти од градежните зафати од реконструкцијата во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ се завршени.
„Во новиот мандат гарантираме минимална пензија од најмалку 20.000 денари, а просечната ќе достигне 30.000 денари. Ќе воведеме енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март, како и зимски регрес за пензионерите, во износ од 3.000 до 6.000 денари. Највисока поддршка ќе има за пензионерите со пониски пензии“, изјави Митрески и додаде дека ќе се градат и нови домови за стари лица.
Митрески истакна дека ни треба системски пристап, мерки кои се одржливи и кои даваат резултати, а не популистички и наменски решенија, кои само го уриваат системот.
Тој ги повика граѓаните на 24 април и на 8 мај да ја поддржат Коалицијата за европска Македонија, предводена од СДСМ која има План има визија и знае како.
Македонија
Д-р Филипче од Струмица: 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија во следниот мандат
„Секогаш е пријатен муабетот со пензионерите, затоа што тие се мудри, искусни и нивните совети се секогаш добредојдени“, рече д-р Венко Филипче, кој во рамки на својата агенда како кандидат за пратеник на СДСМ и Коалицијата оствари средба со Здружението на пензионерите во Струмица.
Во изјава за медиумите по остварената средба, д-р Филипче се осврна на придобивките и мерките кои СДСМ ги овозможи за пензионерите, потенцирајќи дека и во иднина ќе направи сè за да ја заштити оваа категорија граѓани.
„Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, овозможивме граѓаните да имаат лекови во кој било ден од месецот. Оваа мерка беше најважна за пензионерите кои можат во кој било период од месецот да ја земат својата терапија. Воведовме бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст. Овозможивме и бесплатно болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјава“, рече д-р Филипче.
Тој посочи и дека без разлика на кризите со кои се соочуваше целиот свет, СДСМ не дозволи товарот да биде ставен на грбот на оние кои не можат повеќе да заработуваат и пензиите беа покачени за 50% во нивниот мандат. Но, како што рече, за пензионерите мора да се посветува и повеќе внимание во наредниот период.
„Тие се најпеднатните плаќачи на обврските кон државата, најнавремено плаќаат сметки за струја, комуналии, купуваат голем број лекови, тие веднаш откако ќе ја земат пензијата, на еден начин парите повторно ги враќаат во државната каса“, истакна Филипче.
На крајот од своето обраќање, д-р Филипче ги повтори и ветувањата на СДСМ во следниот мандат, односно минимална пензија од најмалку 20.000 денари, просечна пензија од 30.000 денари, како и воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март. Во зимските месеци, рече Филипче, пензионерите ќе добиваат регрес од 3.000 до 6.000 денари и додаде дека највисоката поддршка ќе биде за пензионерите со најниски пензии.
„Ќе направиме сè за на стари години по пензионирањето секој да ужива во плодовите од својот поранешен труд. Тоа се наши родители, кои нè застанале на нозе, штеделе за да нè школуваат, да нè изведат на прав пат. Сега ние треба да се грижиме за нив и да им обезбедиме достоинствена старост“, заклучи Филипче.
Македонија
Јакимовски за Мицкоски: Маските пандаа, ГРОМ се единствената трета опција со промакедонски ставови
Маските пандаа. Христијан Мицкоски јавно објави дека повеќе нема да ги напаѓа ниту Левица, ниту ЗНАМ, ниту господинот Максим Димитриевски, што значи дека тие од тајна стануваат јавна коалиција и ова јасно покажува дека тие веќе ги имаат усогласено ставовите во врска со промена на Уставот и во врска со внесот на Бугарите во Уставот, изјави претседателскиот кандидат, Стевчо Јакимовски.
„Ова јасно покажува дека и Левица и ЗНАМ стануваат дел од ВМРО-ДПМНЕ и сануваат продолжена рака на оваа коалиција и оваа голема политичка партија и станува јасно на политичката сцена, искрен да бидам јас сум многу среќен, затоа што ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија“ останува единствена трета опција, единствена независна сила што се бори против овие два големи политички блока коишто не донесоа среќа на граѓаните на Република Македонија и коишто водат политика по принципот „кажуваат ДА и кога народот вели НЕ“. Очигледно е дека за овие промени коишто тие сакаат да ги направат во Уставот граѓаните јасно се изјаснуваат дека нивниот одговор е НЕ, но ова повеќе од јасно укажува дека се создава уште една група којашто сака спротивно на интересите и мислењето на граѓаните и јавното мнение кое кажува НЕ, тие да кажат ДА за уставните промени и јасно е дека ги имаат усогласено овие нивни чудни ставови“, рече Јакимовски.
Како што додаде, навистина е крајно нечесно да се трудите да ги изиграте македонските граѓани, да го изиграте македонскиот народ, цело време да глумите патриотизам, да глумите уставобранители, цело време да глумите дека сте загрижени за граѓаните и дека вие сте тие што ќе ги ограничите ДУИ во нивниот поход кон освојување на комплетната власт на Република Македонија, а всушност се подготвувате и се групирате да го извршите најголемото предавство во историјата на македонскиот народ.
„Јас уште еднаш ќе кажам дека сум многу среќен што се случува ова, затоа што граѓаните јасно можат да видат, а поготово гласачкото тело на ЗНАМ и на Левица јасно можат да видат дека единствена трета опција во оваа држава со јасни македонски ставови останува само коалицијата „Храбро за Македонија“ и ГРОМ“, рече Јакимовски.