Македонија
Јовески и Русковска на меѓународна конференција во Република Бугарија
Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот портедок на секоја демократска држава. Притоа правото мора да биде еднакво достапно до секој граѓанин, а институциите да го обезбедат она да важи за сите еднакво бидејќи селективната правда е најголема неправда, истакна денеска јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, во онлајн-обраќањето на меѓународната конференција „Судска реформа. Специјализирано правосудство“, што ја организира Јавното обвинителство на Република Бугарија.
„Борбата со организираниот криминал и корупцијата нема да ја постигне својата цел ако се води селективно и по желба и интерес на политички и економски моќници. Таа треба да биде неселективна и да се спроведува со заеднички напори на сите одговорни во државата, во согласност со меѓународните стандарди и добрите практики на развиените демократии“, нагласи Јовески.
Во тој контекст тој особено ја потенцира важноста на меѓународната соработка, но и на специјализирани јавни обвинители, кои постапуваат против овој вид тешки кривични дела.
За улогата на специјализираното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во македонскиот правосуден систем зборуваше основниот јавен обвинител на ова обвинителство, Вилма Русковска.
„Структурата на кривичните дела што се во надлежност на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а кои многу често се извршени во организирана форма од страна на група, која во многубројни случаи е и меѓународна, резултира со спроведување обемни и сложени предистражни и истражни постапки, кои често опфаќаат и примена на посебни истражни мерки. Сето ова укажува на динамиката и комплексноста на работата на јавните обвинители во Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција при совладување на приливот“, рече Русковска во своето онлајн-обраќање.
Конференцијата ја прогласи за отворена главниот јавен обвинител на Република Бугарија, Иван Гешев, кој констатира дека и земјите членки на Европската Унија се соочуваат со потребата од реформи во правосудството, но и со реални опасности за владеењето на правото и основните демократски вредности.
На форумот учествуваа и претседателот на Комисијата за правни прашања на Европскиот парламент, Адријан Лазара, претседателот на ЕUROJUST, Ладислав Хамран, генералниот секретар на Меѓународната асоцијација на јавните обвинителите, Хан Мораал, како и високи претставници од обвинителствата на Шпанија и Италија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Д-р Филипче од Струмица: 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија во следниот мандат
„Секогаш е пријатен муабетот со пензионерите, затоа што тие се мудри, искусни и нивните совети се секогаш добредојдени“, рече д-р Венко Филипче, кој во рамки на својата агенда како кандидат за пратеник на СДСМ и Коалицијата оствари средба со Здружението на пензионерите во Струмица.
Во изјава за медиумите по остварената средба, д-р Филипче се осврна на придобивките и мерките кои СДСМ ги овозможи за пензионерите, потенцирајќи дека и во иднина ќе направи сè за да ја заштити оваа категорија граѓани.
„Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, овозможивме граѓаните да имаат лекови во кој било ден од месецот. Оваа мерка беше најважна за пензионерите кои можат во кој било период од месецот да ја земат својата терапија. Воведовме бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст. Овозможивме и бесплатно болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјава“, рече д-р Филипче.
Тој посочи и дека без разлика на кризите со кои се соочуваше целиот свет, СДСМ не дозволи товарот да биде ставен на грбот на оние кои не можат повеќе да заработуваат и пензиите беа покачени за 50% во нивниот мандат. Но, како што рече, за пензионерите мора да се посветува и повеќе внимание во наредниот период.
„Тие се најпеднатните плаќачи на обврските кон државата, најнавремено плаќаат сметки за струја, комуналии, купуваат голем број лекови, тие веднаш откако ќе ја земат пензијата, на еден начин парите повторно ги враќаат во државната каса“, истакна Филипче.
На крајот од своето обраќање, д-р Филипче ги повтори и ветувањата на СДСМ во следниот мандат, односно минимална пензија од најмалку 20.000 денари, просечна пензија од 30.000 денари, како и воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март. Во зимските месеци, рече Филипче, пензионерите ќе добиваат регрес од 3.000 до 6.000 денари и додаде дека највисоката поддршка ќе биде за пензионерите со најниски пензии.
„Ќе направиме сè за на стари години по пензионирањето секој да ужива во плодовите од својот поранешен труд. Тоа се наши родители, кои нè застанале на нозе, штеделе за да нè школуваат, да нè изведат на прав пат. Сега ние треба да се грижиме за нив и да им обезбедиме достоинствена старост“, заклучи Филипче.
Македонија
Јакимовски за Мицкоски: Маските пандаа, ГРОМ се единствената трета опција со промакедонски ставови
Маските пандаа. Христијан Мицкоски јавно објави дека повеќе нема да ги напаѓа ниту Левица, ниту ЗНАМ, ниту господинот Максим Димитриевски, што значи дека тие од тајна стануваат јавна коалиција и ова јасно покажува дека тие веќе ги имаат усогласено ставовите во врска со промена на Уставот и во врска со внесот на Бугарите во Уставот, изјави претседателскиот кандидат, Стевчо Јакимовски.
„Ова јасно покажува дека и Левица и ЗНАМ стануваат дел од ВМРО-ДПМНЕ и сануваат продолжена рака на оваа коалиција и оваа голема политичка партија и станува јасно на политичката сцена, искрен да бидам јас сум многу среќен, затоа што ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија“ останува единствена трета опција, единствена независна сила што се бори против овие два големи политички блока коишто не донесоа среќа на граѓаните на Република Македонија и коишто водат политика по принципот „кажуваат ДА и кога народот вели НЕ“. Очигледно е дека за овие промени коишто тие сакаат да ги направат во Уставот граѓаните јасно се изјаснуваат дека нивниот одговор е НЕ, но ова повеќе од јасно укажува дека се создава уште една група којашто сака спротивно на интересите и мислењето на граѓаните и јавното мнение кое кажува НЕ, тие да кажат ДА за уставните промени и јасно е дека ги имаат усогласено овие нивни чудни ставови“, рече Јакимовски.
Како што додаде, навистина е крајно нечесно да се трудите да ги изиграте македонските граѓани, да го изиграте македонскиот народ, цело време да глумите патриотизам, да глумите уставобранители, цело време да глумите дека сте загрижени за граѓаните и дека вие сте тие што ќе ги ограничите ДУИ во нивниот поход кон освојување на комплетната власт на Република Македонија, а всушност се подготвувате и се групирате да го извршите најголемото предавство во историјата на македонскиот народ.
„Јас уште еднаш ќе кажам дека сум многу среќен што се случува ова, затоа што граѓаните јасно можат да видат, а поготово гласачкото тело на ЗНАМ и на Левица јасно можат да видат дека единствена трета опција во оваа држава со јасни македонски ставови останува само коалицијата „Храбро за Македонија“ и ГРОМ“, рече Јакимовски.
Македонија
(Видео) Мисајловски: Во фокусот на програмата на ВМРО-ДПМНЕ се економијата и животниот стандард
Во фокусот на програмата на ВМРО-ДПМНЕ е економијата и животниот стандард, денес со компаниите разговаравме за како да се зголеми продуктивноста на компаниите и за отворање на нови 50 илјади работни места, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, носител на изборна единица 2.
„Денеска сум повторно во Ѓорче Петров. Ќе разговараме за рамниот данок, ќе разговараме како да се зголеми продуктивноста на компаниите, но и за отворање на нови 50 илјади работни места. Главниот фокус на програмата на ВМРО-ДПМНЕ е економијата и животниот стандард, тука сме најмногу фокусирани и затоа сакаме да ги слушнеме компаниите кои се нивните маки, бидејќи овие 7 години имаа навистина многу предизвици, многу потешкотии и сакаме заеднички со нив партнерски да градиме однос во иднината каде навистина ќе им помогнеме со многу мерки од нашата програма“, рече Мисајловски.