Македонија
Џафери-Акар: Турција е силен поддржувач на интеграциите на Северна Македонија
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со Хулуси Акар, министер за национална одбрана на Република Турција, кој престојува во официјална посета на земјата.
Џафери оцени дека одржувањето интензивна комуникација меѓу двете земји на високо ниво силно придонесува за унапредување на севкупните односи и посочи дека наши војници во моментот се дел од турскиот контингент во мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Претседателот на Собранието го информира гостинот за реформската агенда и унапредувањето на добрососедските односи преку надминување на разликите и отворените прашања со соседите во изминатите две години. Тој се осврна и на потпишувањето на протоколот за членство во НАТО укажувајќи дека со оглед на брзината со која се одвива процесот на ратификација на протоколот во земјите членки на алијансата се надеваме дека до самитот на НАТО во Лондон земјава ќе стане 30-та членка на НАТО. Во контекст на интеграцијата во ЕУ, очекуваме во јуни 2019 година да биде определен датум за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Унијата.
Џафери се осврна и на плодната парламентарната соработка, како на билатерално ниво, меѓу парламентите на Република Северна Македонија и Република Турција, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија, а особено во Парламентарното собрание на НАТО.
Министерот за национална одбрана, Хулуси Акар, истакна дека Република Северна Македонија е многу значајна за Република Турција и изрази поддршка на реформската агенда на земјата, позитивно вреднувајќи го унапредувањето на добрососедските односи. Турција останува силен поддржувач на евро-атлантското и европското интегрирање на Република Северна Македонија и е подготвена како и досега да ја поддржи земјава на тој план. Тој посочи дека на сите средби била истакната заложбата за понатамошно унапредување на соработка меѓу двете земји, пред сè, во полето на одбраната. Министерот Акар рече дека Турција дава логистичка поддршка за опремување, едукација и обука на нашата Армија и нагласи дека можноста за школување и обучување во воените школи во Турција досега ја искористиле 1.200 припадници на Армијата. Истовремено, тој посочи дека припадниците на нашата армија што работат заедно со припадниците на турскиот контингент во Авганистан се многу успешни во својата работа.
На крајот на средбата соговорниците изразија надеж за понатамошно унапредување и продлабочување на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција на планот на одбраната, како и во сите други полиња.
На средбата присустваа и Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, и Илија Николовски, заменик на претседателот на Комисијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.
Македонија
Апасиев: НАТО не носи демократија, НАТО е кршач на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за декларацијата на Собранието по повод четири години од членството во НАТО истакна дека Нато не носи демократија.
Нато, според него, е кршач на меѓународното право и повелбата на Обединетите Нации.
„Без дозвола на Совет за безбедност НАТО ја нападна Југославија во 1999 година, ја нападна Либија, го нападна Ирак и редици други држави.
Последниот пункт е дека народот сакал во НАТО. Не е точно. Не е испочитуван член 120 од уставот кој што вели: Одлуката за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинство од вкупниот број на избирачи. Референдумот во 2018 беше неуспешен и немаше цензус и оттука уставниот услов за да влеземе во НАТО не е испочитуван, што значи противуставно и против волјата на народот сме влезени во НАТО”, додава Апасиев.
Скопје
Арсовска избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денес во Совет на Европа на конгресот на локални власти едногласно е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво.
Арсовска минатата година беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, а годинава со нов мандат за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво ќе ги води и следи процесите на почитување на европскиот кодекс на однесување за сите лица вклучени во локалното и регионалното управување.
Нејзини надлежности, како што информираат од Град Скопје, меѓу другите, се да го координира и подобри влијанието на работата на конгресот за спречување на корупцијата во локалните власти, да известува за утврдени случаи на корупција на локални и регионални власти и да ја промовира стратегијата на конгресот за спречување на корупцијата и унапредување на јавната етика на локално и регионално ниво.
Арсовска ќе го претставува конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и справување со корупцијата, организира и координира активности со групата држави против корупцијата (ГРЕКО), со цел идентификување и размена на добри практики, решенија за предизвиците и начини за промовирање на јавната етика и спречување на корупцијата.