Македонија
Џафери-Борел: Македонскиот јазик како еден од официјалните јазици на ЕУ е реалност
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес оствари средба со Жозеп Борел, висок претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија. На средбата присуствуваа и потпретседателите на Собранието, Горан Мисовски и Хусни Исмаили, координаторите на пратеничките групи во Собранието, Јован Митрески и Арбер Адеми, заменик-координаторите Дафина Стојановска и Халил Снопче, претставниците на помалите партии во Собранието, Сафије Садики Шаини, Бастри Бајрами и Антонијо Милошоски, член на НСЕИ.
Претседателот Џафери изрази задоволство за реализацијата на посетата и динамиката на одржување на средби со претставници на Унијата, изразувајќи особена благодарност за нејзината финансиска помош наменета за справување со последиците од пандемиската, енергетската и економската криза. Истовремено, беше нагласена нашата подготвеност за продолжување со континуираното и целосно усогласување со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, вклучително и во однос на случувањата во Украина. Тој го изнесе своето видување за актуелната политичка ситуација, тековните собраниски активности и информираше за нашиот придонес во рамки на нашето претседавање со ОБСЕ и ПСЈИЕ оваа година, за унапредување на нивните утврдени цели и вредности.
Високиот претставник Борел ги поздрави заедничките позиции на политичките чинители во изминатите децении за европската перспектива на земјата и за добросостојбата на нејзините граѓани. Осврнувајќи се на изминатите циклуси на проширувања и искуството на неговата земја, Борел нагласи дека процесот на проширување е најдоброто нешто што секоја од денешните земји членки го направила за просперитет и за мир на европскиот континент.
Случувањата во Украина беа посочени како двигател за забрзување на проширувањето и историскиот момент, кој пружа исклучителна шанса што не треба да се пропушти. „Потпишувањето на Договорот со Фронтекс е непобитна реалност и гаранција за македонскиот јазик како еден од официјалните јазици на Европската унија,“ изјави Борел. Во однос на Собранието во тој процес, Борел истакна дека неговата улога е од исклучително значење, заради фактот што неговите претставници доаѓаат по избор на граѓаните. Пораките кои беа упатени до соговорниците се однесуваа на потребата од поголема координација меѓу власта и опозицијата и нивно заедничко делување заради државните интереси. Беше издвоено значењето и улогата на Комисијата за европски прашања, како и измените кои треба да се внесат во Деловникот за работа на Собранието за овозможување на непречено донесување на потребното европско законодавство до стапувањето во членство во Унијата.
Присутните од страна на Собранието на Република Северна Македонија, искажаа различни видувања за евроинтеграциите, од кои голем дел беа за поддршка на претстојните уставни измени, но беа искажани и стравови за можни следни барања од страна на Република Бугарија во овој процес. Во таа насока, беше информирано и за ниската поддршка на граѓаните на последните анкети за зачленувањето во ЕУ заради барањата на Бугарија и беа побарани гаранции овој процес да се води според принципите и стандардите од изминатите проширувања на Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тренчевска: Најемотивна сум кога зборувам со пензионерите, креаторите на државата денес
Коносителката на листата за пратеници на Изборна единица 4 од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска денес им се обрати на пензионерите во Општина Струмица и ја објасни изборната програма на која според неа столб е грижата за пензионерите.
„Да се потсетиме на се она што го имаме направено за вас пензионерите и да ве информираме за се она кое се обврзуваме како партија во наредниот период. Како помлади генерации сме обврзани да ви обезбедиме спокојни пензионерски денови, затоа во изминатиот период ја донесовме методологијата со која гарантираме постојан раст на пензиите. Пред нашиот мандат најниската пензија која изнесуваше околу 8000 денари, денес е покачена на скоро 14.000 денари“ изјави Тренчевска.
Таа посочи дека покрај континуираното покачување на пензиите продолжува да се исплаќа и финансиската поддршка која е директно на терет на буџетот на Министерството за труд и социјална политика и дека истата не ја загрозува исплата на пензиите.
„Најголем дел од вас се сеќаваат дека ги добивавте пензиите во 6 групи на пензионери, затоа што системот на пензиско и инвалидско осигурување на бил стабилен. Денес сите вие секој први во месецот пензиите ги имате на вашите сметки, системот е стабилен и гарантира долгорочна сигурност“ истакна Тренчевска.
Таа рече дека никогаш повеќе нема да дозволи фондот да биде нестабилен, затоа што сите предвидени мерки и политики кои се предвидуваат не се на терет на фондот, туку ќе бидат на централниот буџет.
„Се обврзуваме на минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. Воведуваме новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6000 денари како, картичка за пензионерите со попуст од 30% на прехранбени производи како и изградба на најмалку 12 нови домови за стари лица“ рече Тренчевска.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Како што ветив, платите се за 12% повисоки за културните работници
Вработените во култура ја добија мартовската плата покачена за 12 проценти. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека со тоа, таа го исполни своето ветување.
„Како што ветив, платите на културните работници од денеска се покачени за 12 проценти.
Овааа Влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во Секторот култура се искачи на 52 отсто, со потпишувањето на Колективниот договор“, изјави министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека веќе две години се бори за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат.
„Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога Законот за кој оваа Влада се избори е на страната на културните работници“, вели министерката.
Таа, како предизборна игранка и манипулација ги оцени реакциите и протестите на СКРМ.
Вчерашниот состанок во Министерство за финансии, вели министерката за култура, „не беше свикан со намерата која Синдикатот за култура им ја презентираше на своите членови, нути пак за некаква игра, денес тоа се докажа“.
Пред две недели од Министерството за култура кажаа дека нема промени во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот за култура. Единствена промена била внесувањето на минималната плата во диспозитивот на договорот.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.