Македонија
Џафери: На Владата не ѝ е изгласана недоверба, продолжува да работи во полн состав
На 20 минути пред полноќ, претседателот на Собранието, Талат Џафери, констатираше дека нема кворум за гласање на прашањето за доверба на Владата.
На седницата се појавија дел од министрите од владината коалиција, како и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пред два часа го напуштија Собранието.
На Владата не ѝ е изгласана недоверба и таа продолжува да работи во полн состав, констатираше Џафери.
„Со оглед дека немаме кворум за целта за кое беше поставено ова прашање, не може да има дебата за изгласување доверба на Владата. Не ни останува ништо друго освен да констатираме дека на Владата не ѝ е изгласана недоверба и таа продолжува со полн состав и должностите што ги има. Предвидената материја за оваа седница е исцрпена и констатирам дека седницата е завршена“, рече Џафери.
По ова, присутните претставници од владината коалиција станаа и си честитаа.
Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ пред да си замине од Собранието побара брзи и предвремени избори во најкус можен рок, откако денеска воопшто не започна дебатата за гласање доверба на Владата, со оглед на тоа што пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, не се појави во Собранието. Од Беса, но и од ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека Реџепи е киднапиран и дека под присила ја дал изјавата објавена на „Фејсбук“, дека е добар и дека се наоѓа на сигурно место.
Без Реџепи, опозицијата не успеа да собере 61 пратеник со цел да се изгласа недоверба во Владата.
Во наредните три месеци не може да се поднесува нова иницијатива по прашањето за гласање доверба на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Штипјанец и скопјанец фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач
Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Тој додаде дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
До 11 часот е пријавено дека на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до 9 часот, се искачи на 12,78 отсто.
Македонија
Димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информира за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, тоа се одвива мирно, без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и учесниците на изборите – во текот на гласањето, до завршувањето, да се воздржат од какви било инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија – 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија – 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3.480 избирачки места.