Македонија
Џафери се сретна со потпретседателката на Националното Собрание на Франција
Претседателот Џафери се сретна со Летиција Сен Пол, потпретседателка на Националното собрание на Република Франција, која учествува на Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ во име на претседателот Ришар Феран, како земја актуелен претседавач со Советот на Европската Унија.
Претседателот Џафери упати искрена благодарност за поддршката на Француската Република особено во изминатите години, вклучително и на парламентарно ниво и активните заложби на пратениците од Националното собрание и Сенатот за евроинтеграциските процеси на Република Северна Македонија. Тој ја поздрави одлуката за одржување на Конференција за Западен Балкан во јуни оваа година, како добра можност на земјите членки за директна комуникација и дијалог и размена на мислења околу актуелните случувања со земјите од регионот. Во однос на нашите две стратешки определби утврдени по нашето осамостојување, членството во НАТО е денес наша реалност и нашите единици активно учествуваат во мисиите на алијансата и на Европската Унија, а во очекување сме и на добивање датум за преговори за членство во ЕУ, истакна претседателот Џафери. Тој апелираше за што поскоро отворање на преговорите за членство со Република Северна Македонија и Република Албанија, заради одржување на јавната поддршка и за спречување на надворешни влијанија кои можат да му наштетат на процесот.
Потпретседателката Сен Пол ја поздрави активната соработка на парламентарно ниво, особено залагањата на пратеничката Лилијана Танги за унапредување на билатералните односи и споделувањето на француските искуства за европските прашања. Таа изрази особено задоволство за усогласеноста на Република Северна Македонија со позициите на Европската унија, особено за Украина и споделувањето на заедничките европски вредности од страна на нејзините граѓани. Потпретседателката Сен Пол покажа особен интерес за нашиот став околу новата методологија за преговори, актуелните случувања со Република Бугарија и нашите очекувања од конференцијата на Западен Балкан во јуни оваа година, со оптимизам за понатамошно унапредување на взаемната соработка меѓу двете држави и процесот на европска интеграција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.