Македонија
Стечајците под закана од лутите возачи
Стечајците кои повторно протестираа денеска пред Владата, им се извинија на Скопјани за нарушувањето на нивниот комодитет, но велат дека ќе продолжат да протестираат за своите права и „за да преживеат, доколку е потребно ќе превземат и порадикални мерки“.
Стечајците кои повторно протестираа денеска пред Владата, им се извинија на Скопјани за нарушувањето на нивниот комодитет, но велат дека ќе продолжат да протестираат за своите права и „за да преживеат, доколку е потребно ќе превземат и порадикални мерки“. Тие се пожалија дека денеска се појавиле во значително помал број, поради тоа што голем дел од нив се плашеле, како од лутите возачи со кои минатата недела дојде до инциденти, така и од полицијата и одредени групи на граѓани. Според стечајците, Скопјани наместо да им се придружат во протестите, се закануваат дека ќе ги газат со автомобили и ќе ги тепаат. „Имаме страшни закани од поединци и групи, а воедно и од полицијата. Ние доаѓаме по основа на Уставот на Македонија, член 21 кој децидно кажува дека секој граѓанин има право на протести без однапред да го пријави протестот,“ вели Томислав Крстиќ, стечаец од Велес, кој додаде дека полицијата имала 48 часа за да ги пренасочи улиците, за да не се прави метеж и да им го обезбеди правото на протест. Стечајците денеска покажаа и печатени коментари од револтираните граѓани на Скопје, поставени на интернет страниците на медиумите. Во некои од нив се вели: „Стечајци, јас да не ве отпуштив од работа, јас да не ви ги земав фирмите, ајде одете кај што ви го направиле тоа. Мене кога некој не ми плаќа го тужам или тепам, а не плачам по улица.“ Еден друг граѓанин вели „Никогаш нема да подржам протест кој ја нарушува слободата на другите граѓани. Кој им дава за право да ме попречуваат мене и останатите граѓани да функционираме нормално?“ Лилјана Георгиевска, дел од стечајците, испрати порака до Скопјани да бидат потолерантни спрема стечајците и да ги поддржат. „Вие знаете дека има закон за извршители, можете да замислите што на нас ни следува, со тој закон на некого и куќата ќе му ја одземат. Молам за трпение на сите возачи и коректност од полицијата, бидејќи ние навистина имаме проблем, не сме шарлатани, не сме партиски определени туку сме група на граѓани кои бараат пари само за едни сметки и лекови, за ништо друго,“ рече таа за Макфакс. Крстиќ порача дека шесте илјади денари кои ги бараат се наменети за петте основни категории одредени од Државниот Завод за статистика за леб, вода, греење, хигиена и лекови. „6018 денари се минимални средства со кои едно семејство ќе може да постигне латентно мирување на организмот односно да преживее. Ние немаме право на живеење, само сакаме да преживееме,“ рече тој. Стечајците веќе со месеци еднаш неделно доаѓаат во Скопје на протести и бараат од државата да добиваат месечен надоместок по 100 евра до пензионирање или до вработување./крај/ко/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Рекет“ не е расчистен, барам фер шанса за да ја докажам својата невиност, Заев беше човекот што комуницира директно со сите, вели Бојан Јовановски
Бојан Јовановски, денеска, во Кривичниот суд предаде барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“, во кој како првообвинет беше осуден на казна затвор од девет години.
Оваа одредба, како што појасни тој, ја користи врз основа на прибавување нови докази.
Барањето, како што рече, е поднесено поради нови околности и докази што не биле употребени во доказната постапка.
„Случајот ‘Рекет’ не е расчистен. Тој случај треба целосно да се расчисти, сите инволвирани да одговараат, а јавноста, конечно, да дознае што точно се случувало и каде се парите. Затоа, денеска, официјално, во Основниот кривичен суд поднесувам барање за повторување на кривичната постапка со името ‘Рекет’“, истакна тој.
Рече дека поседува цврсти докази, кои набргу ќе ги приложи, посочувајќи го експремиерот Зоран Заев дека е човекот што комуницирал директно со сите лица што биле кривично засегнати со постапките на СЈО.
„Обвинителката Вилма Русковска презентира само две-три пораки што сум ги разменил јас со тогашниот премиер Зоран Заев, а токму од тие две-три пораки излегува дека Зоран Заев знаел за случајот ‘Рекет’, но во една позитивна афирмативна смисла, односно дека тој е човекот што го бранел законот. А јас ќе ви кажам дека тој е сè, само не е човекот што го бранел законот. Значи, Зоран Заев беше човекот што комуницира директно со сите лица што беа кривично засегнати во постапките на специјалното јавно обвинителство. Зоран Заев беше човекот што од позиција на моќ имаше реален авторитет и можеше да влијае врз многу постапки и влијаеше врз многу постапки“, посочи Јовановски.
Појасни дека зад случајот „Рекет“ стоела една политичка консталација на притисоци.
„Јас сум единствениот цивилен граѓанин во ова општество што е суден за кривично дело што е предвидено за лица што вршат службена положба. Досега се судени Сашо Мијалков и Никола Груевски, третиот суден по ова кривично дело сум јас, но разликата е тоа што тие вршеле службена положба, а јас сум бил цивилен граѓанин“, изјави тој.
„Барам да ми биде дадена шанса во фер постапка, а не искривоколчена и избрзана, да ги докажеме материјалната вистина и фактичката состојба, т.е. што навистина со случувало во фамозниот ‘Рекет’, случај зад кој стоеше цела констелација на политички притисоци“, додаде Боки 13.
Тој истакна дека притисоци му биле вршени и во пресрет на денешната прес-конференција, но, како што рече, воопшто не се плаши и ќе продолжи и понатаму да зборува.
Македонија
Бојмацалиев: Една година ФРОНТЕКС – прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и државната секретарка, Магдалена Несторовска, оствари работна средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ по повод одбележувањето една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија, а со цел промоција на соработката помеѓу претставниците на ФРОНТЕКС во локалниот координативен центар и одговорните старешини од РЦ за ГР ЈУГ, како и промовирање на европскиот пристап на координирање на сите заеднички активности и справување со предизвиците.
„Одбележуваме една година од работата на макеоднската полиција заедно со ФРОНТЕКС, со цел да ги одбраниме нашите и границите на ЕУ од прилив на мигранти. Тоа успешно го правиме од 2015 до денеска. Договорот е од историска важност, тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише со Европската Унија и ја отвори вратата за поинтензивна оперативна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување“, истана Бојмацалиев во изјава за медиумите заблагодарувајќи се до Тасевски и Несторовска за напорите што ги направија договорот да биде на македонски јазик и успешно да функционира во нашата држава.
„Со тоа уште еднаш покажуваме дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции, заедно работиме и од неодамна имаме барање од други полиции да вршиме обуки на нивните службеници како се справуваме со миграцијата. Од земја што бараше помош од другите држави за справување со миграцијата, сега нудиме помош“, рече Бојмацалиев.
Македонија
Ковачки ги повика неопределените да гласаат: „ Да се обединиме за идејата ‘Македонија повторно твоја’“
Народот е подготвен и обединет за промени, приклучете се кон ВМРО-ДПМНЕ за да ја поразиме оваа ненародна и криминална влада на СДС и ДУИ, порача Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 3.
„Денеска сме во Кратово, Ранковце и Крива Паланка. Тука сме да презентираме проекти од Платформата 1198, ќе поразговараме со сите граѓани. Ги повикувам сите граѓани кои сеуште не се определиле и кои што ја чувствуваат позитивната енергија која што доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, да се обединиме околу идејата за Македонија повторно твоја, да се обединиме околу проблемите“, рече Ковачки.
Како што додаде вчерашниот митинг во Охрид покажал дека народот е подготвен и обединет за промени, а ВМРО-ДПМНЕ е партија за македонско национално единство.