Македонија
Опозицијата повторно ја напушти координацијата
Пропадна и денешниот обид на владеачкото мнозинство и опозицијата да ги договорат деталите за формирање на Анкетна комисија и постигнување на согласност за Деловникот за работата на Собранието.
Пропадна и денешниот обид на владеачкото мнозинство и опозицијата да ги договорат деталите за формирање на Анкетна комисија и постигнување на согласност за Деловникот за работата на Собранието. Опозицијата ја напушти и денешната координација со образложение дека прво мора да се утврди персоналниот состав на Анкетната комисија која ќе работи на расветлување на собранискиот инцидент, од први јули, кога дојде до судир меѓу пратеници на опозицијата и припадник на обезбедувањето, за да може да се премине на другата точка од дневниот ред, односно Деловникот.„Бегањето на ВМРО – ДПМНЕ од утврдување на составот на Анкетната комисија е бегање од расчистување на случајот. Денес, ние дојдовме спремни откако ќе го затвориме прашањето за Анкетната комисија да разговараме за сите отворени прашања поврзани со Деловникот, она што ВМРО – ДПМНЕ требаше да го заврши уште пред година дена“, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Цветанка Иванова.Иако претседателот на Собранието Вељаноски, вчера на координаторите им дал гаранција дека додека не се затворат сите отворени прашања и за Деловникот и за персоналниот состав на Анкетната комисија дека нема да се излезе од координација и точките да се стават на пленарна седница, од СДСМ остануваат на ставот-прво мора да се утврди персоналниот состав на Анкетната, па да се премине на Деловникот.Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на вчерашниот став, дека тие направиле доволно отстапки и дека сега и опозицијата треба да направи отстапка, односно да се потпише на Деловникот, па да се формира персоналниот состав на комисијата која ќе има за задача да го расветли инцидентот од 1 јули.„Жалам што колегите од опозицијата не смогнаа сили ниту збор да кажат за Деловникот, за да поминеме на наредното прашање, а тоа е персоналниот состав на анкетната комисија.
Вељаноски понуди пакет кој не беше прифатен од страна на опозицијата, едноставно кога ќе се спомене зборот Деловник тие веднаш стануваат и ја напуштаат седницата“, изјави координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева.Од НСДП го поддржуваат ставот на СДСМ оти без формирање на Анкетна комисија првата точка на координацијата не е завршена и не може да се премине кон усогласување за измените на Деловникот.„Имам чувство дека ниту претседателот на Собранието ниту координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ниту имаат мандат да постигнеме компромис ниту пак ВМРО-ДПМНЕ има желба да се формира Анкетната комисија“, рече Горан Мисовски од НСДП.Премиерот Никола Груевски денеска изрази надеж дека СДСМ ќе ги прифати предлозите за ВМРО-ДПМНЕ за надминување на ситуацијата и расчистување на собранискиот инцидент кој се случи на 1 јули во Собранието.„Конечно се надевам дека СДСМ ќе најде сили да го прифати она што ВМРО – ДПМНЕ во неколку наврати им го нудеше за да излезат од оваа ситуација, која што тие ја наметнаа напаѓајќи човек во собранието, само затоа што не знаеле дека е службено лице. Верувајќи дека ако некој не е службено лице може да го нападнат, да го искршат од мавање затоа што не е службено лице, но ете тоа е тоа, тоа е стил на работење очигледно. ВМРО – ДПМНЕ секој ден им нуди некои опции за излегување од ситуацијата, се надевам дека ќе најдат сили во интерес на државата да се излезе од оваа ситуација, која што тие ја направија“ изјави Груевски.За понеделник спикерот Вељаноски закажа нова координациска средба на која повторно точка на дневен ред ќе биде Деловникот.Од опозициските партии велат дека тие ќе останат на барањето да се утврди персоналниот состав на комисијата, па да се разговара за Деловникот. Доколку не се затвори тоа прашање тие најавија повторно напуштање на координацијата.СДСМ и НСДП, вчера го прифатија предлогот за формирање на Анкетна комисија, што на координацијата беше доставен од ВМРО ДПМНЕ, а за утврдување на причинско-последичните околности, кои довеле до настаните, самите настани пред и во зградата на Собранието, случени на први јули, согласно вкупните законски и подзаконски прописи, како и одговорноста на учесниците во тие настани./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Склучен Меморандум за соработка помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје
Денес во просториите на Економскиот факултет – Скопје, деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа состанок со г-дин Александар Манев-генерален директор на Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје и со претставници од истата институција.
Во рамки на остварената средба, се одвиваше плодна дискусија во насока на унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции како и обезбедување достапност на професионална размена на искуства заради остварување на заеднички цели. Во таа насока, состанокот се заокружи со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете страни со кој се официјализираше соработоката помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје.
Со ова, двете институции се согласија да соработуваат во реализација на широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес за едукација и подобрување на знаењето и стручноста преку најразлични активности и проекти од взаемен и општествен интерес, реализирање на практична настава за студентите од Факултетот, презентирање на практични проблеми, решенија, предизвици и можности за студентите на Факултетот, организирање работилници и конференции, и други активности.
За време на посетата, генералниот директор, г-дин Александар Манев и останатите претставници, во придружба на деканот и продеканите на Економскиот факултет – Скопје, ги разгледаа капацитетите со кои располага Економскиот факултет – Скопје.
ПР
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.
Македонија
Апасиев: НАТО не носи демократија, НАТО е кршач на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за декларацијата на Собранието по повод четири години од членството во НАТО истакна дека Нато не носи демократија.
Нато, според него, е кршач на меѓународното право и повелбата на Обединетите Нации.
„Без дозвола на Совет за безбедност НАТО ја нападна Југославија во 1999 година, ја нападна Либија, го нападна Ирак и редици други држави.
Последниот пункт е дека народот сакал во НАТО. Не е точно. Не е испочитуван член 120 од уставот кој што вели: Одлуката за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинство од вкупниот број на избирачи. Референдумот во 2018 беше неуспешен и немаше цензус и оттука уставниот услов за да влеземе во НАТО не е испочитуван, што значи противуставно и против волјата на народот сме влезени во НАТО”, додава Апасиев.