Македонија
Продолжува „модернизирањето“ на наставниците
Деновите кога наставниците ја одржуваа наставата само со табла и креда се завршени, и со обуките за наставниците во основното образование за одржување на интерактивна настава се оди чекор напред во образованието, велат од Бирото за развој на образованието.
Деновите кога наставниците ја одржуваа наставата само со табла и креда се завршени, и со обуките за наставниците во основното образование за одржување на интерактивна настава се оди чекор напред во образованието, велат од Бирото за развој на образованието. „Не можеме да очекуваме ние во 21 век наставникот да држи час од катедра само со една креда, сево ова е веќе надминато и дури и оние наставници кои се уште пружаат отпор, и тие ќе мораат да ја реализираат интерактивната настава во училиштата,“ рече директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ која заедно со Министерот за информатичко општество, Иво Ивановски денеска ги посети обуките за наставници во основното образование од кои дел се одржуваат во ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“. Хорватовиќ информираше дека наставниците со новите измени во законот за основно образование ќе бидат обврзани да ја реализираат интерактивната настава и за оние кои ќе одбиваат да користат современи методи на настава ќе следат санкции. „Станува збор за 513 објекти кои можат да се применуваат по предметите биологија, хемија, физика и математика. Оваа обука која денес ја посетивме е наменета за наставниците од општината Кисела Вода и е една од многуте кои ги спроведува Бирото за развој на образованието во Македонија, а до почетокот на оваа школска година ќе бидат опфатени 3.800 наставници во обуките кои се за електронските содржини од Интел,“ информираше Министерот Ивановски, кој објасни дека преку комбинирање на старите методи и новите методи на предавање на лекциите со мултимедијална содржина, многу полесно ќе им се зграпчи вниманието на учениците. Тој додаде дека паралелно со оваа обука се спроведува уште една обука обезбедена од УСАИД каде се едуцираат мастер обучувачи повторно од основните училишта за оперативниот систем Убунту. „Паралелно одат две големи активности со кои што до крајот на октомври би требало да бидат опфатени сите наставници во основното образование и со тоа и тие како и оние дванаесет илјади од минатата година од средното образование, ќе ги поминат обуките за оперативниот систем како и за оние алатки кои ги имавме обезбедено за учениците и професорите во средното образование,“ рече Министерот. Ивановски најави дека наредната година ќе се изработуваат електронски содржини и по специфични наставни предмети како географија, историја, македонски јазик, албански јазик итн., со што најави дека наставниците и професорите и во текот на наредната година ќе продолжат со надградување на своето знаење за да можат на еден помодерен начин, предметот кој го предаваат да го претстават пред учениците и во средното и во основното образование. Дигиталните објекти кои се во вредност од дванаесет милиони долари се обезбедени од „Интел“ преку меморандумот за соработка кој е потпишан со Министерството за информатичко општество. Овие содржини потоа се преработени од страна на министерството и се прилагодени и преведени на сите јазици кои се употребуваат во наставата во Македонија. /крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гордана Силјановска Давкова учествуваше на одбележувањето на 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија
Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, на 20 април 2024 година, сабота, со почеток во 11.00 часот, пред Споменикот на децата бегалци во Жена-Парк карши Собранието, се одбележи 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија, на денот на упокоението на Свети Методиј Солунски на 19/6 април 885 година.Присутните ги поздравија претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски, Гордана Димитриеска Кочоска потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Република Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Македонија твоја“.
– Искрена почит кон трагедијата која им се случи на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои воопшто не беа виновни за војната и последиците од неа. Тука сум, не како политичарка и кандидатка за Претседател на Македонија, туку како професорка, интелектуалка, докажан борец за човековите права, на сите, но и како мајка и родител, кој може да ја разбере трагедијата на одвојувањето на најмилото чедо од себе. За нас децата претставуваат се – нашиот свет, нашата радост, нашата гордост. Трагедијата на децата бегалци е пострашна затоа што со неа засекогаш нивните семејства беа поделени.
Денес живееме во свет каде сме сведоци на големи миграции предизвикани од политичка, економска, социјална нестабилност. Но, сведоци сме и на страшните бегалски судбини, во кои има многу недолжни деца, предизвикани од суровите војни кои често се водат во интерес на другите. Децата се најчестите жртви на војните, кои, и покрај сите конвенции за нивна заштита, едноставно не носат резултат, освен еден – трагедијата, рече Силјановска-Давкова.
Судбината на македонските деца бегалци од Граѓанската војна во Кралството Грција, за жал и денес е тема која е ставена под тепих, не само од политиката, туку и од науката, која многу се бави со бегалските прашања, но трагедијата на децата бегалци некако е запоставена. Затоа ние сме тука за да се потсетиме на нивната судбина и трагедија за која воопшто не беа виновни
Нивната трагична судбина беше зацртана, а за жал се покажа и зацементирана со спогодбата помеѓу Привремената демократска влада на Грција и источноевропските земји (март–април 1948), после која биле евакуирани над 30.000 македонски деца, во Југославија, тука сакам да подвлечам не само на територијата на НР Македонија, потоа во Романија, Чехословачка, Полска, Унгарија и Источна Германија. Но, за жал овој егзодус не застана тука. Еден дел од децата, подоцна освен што дојдоа во Македонија, заминаа и на другите континенти, каде го продолжија својот животен пат, а некои од нив станаа признати членови на општествата во нивниот нов дом или татковина, како на пример светски познатиот историчар Ендрју Росос, кој со својот научен опус го афирмира македонското минато, рече Силјановска-Давкова.
Токму затоа не смееме и не треба да ја заборавиме судбината на овие невини деца, кои патем не беа само Македонци, меѓу нив имаше и Грци. Бришењето на меморијата едноставно е невозможно. Можете, иако во нашата современост тоа е страшно и недозволиво, се да забраните, да не се пишува за нив, јавно да не се говори, но меморијата останува, во душите, во срцата на оние на кои им е направена а со тоа и кај нивните наследници. Таа не може да биде избришана. Затоа, длабоко свесна за неправдата која им е направена, а таа прерасна во трагедија, повикувам да не ги заборавиме децата бегалци, нивната трагедија, нивните семејства, без разлика дали се во Македонија, во Европа, на американскиот континент или пак во Австралија. Кон нив имаме и должност и почит, не само затоа што се Македонци, туку затоа што беа мали и недолжни деца, жртви на војната и политиката. Почитувајќи ја нивната судбина и трагедија, ја почитуваме истата судбина и трагедија на недолжните деца ширум светот, жртви на војните, кои најчесто не се нивни, рече Силјановска-Давкова.
На крајот, како идна претседателка на Македонија, подавам рака на пријателство и соработка и искажувам надеж дека еден ден заедно со грчките политичари ќе се најдеме на ова место да оддадеме почит на децата, кои беа невини жртви на Граѓанската војна и ја напуштија родната земја, а нивните роднини, многумина од нив родители, браќа и сестри останаа дома и денес живеат во Грција заедно со поколенијата (наследниците). Почитувањето и знаењето на минатото, без разлика какво е и позитивни и негативно, остава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа, рече Силјановска-Давкова.
Македонија
Лукаревска: Од целосно заборавени, домашните претпријатија ги поддржавме со 100 милиони евра, ќе ја дуплираме поддршката
Се радувам што граѓаните и луѓето од бизнис заедницата се искрени и отворени. Разговараме без задршка, без страв, тоа е придобивка од слободата. Сакаме да создаваме партнерства во градењето на европската иднина. Ќе останеме заедно и заедно ќе ги решаваме предизвиците кои што нема да бидат ниту малку ниту лесни. Европската агенда е напорна, бара вклученост на сите, но тоа е најдобриот и најефикасниот начин секој ден работите да ги подобруваме, за да ги достигнеме европските стандарди, рече Лукаревска, носителката во ИЕ3 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија пред новинарите во Кочани.
-И до сега многу работевме за да бидеме конкурентни. Многу вложивме во зајакнувањето на домашните компании. Од целосно заборавени, без никаква финансиска поддршка, ние ги поддржавме со 100 милиони евра. Ќе продолжиме и во следните четири години, зашто тоа е важно и за компаниите и за сигурноста на вработените. Во наредниот мандат домашните компании ќе ги подржиме со 180 милиони евра. Поддршката ќе биде дуплирана. Заедно, партнерски со нив, ќе продолжиме да ја јакнеме домашната економија со јавни инвестиции од 3,5 милијарди евра.
Лукаревска истакна дека дел од овие средства ќе бидат вложени и во праведна енергетска транзиција и енергетска независност.
-Домашното производство на електрична енергија ќе го зголемиме за 70%. Со тоа државата ќе постигне енергетска независност, и самостојно ќе задоволува 100% од сопствените потреби за струја. И тоа главно од гас и од чисти и обновливи извори. Рековме НЕ за малите хидроцентрали и за сите фосилни технологии кои ни ги загадуваат воздухот и почвата.
Сето ова е продолжување на нашата досегашна работа, зашто тоа е важно за стабилноста и за нашата европска иднина.
Не се откажуваме, ќе го задржиме континуитетот, зашто немаме време за губење. Важни се овие избори за да ја славиме победата за европска Македонија, рече Лукаревска во Кочани
Македонија
Митрески: Ги зголемуваме субвенциите за енергија на 120 илјади денари за домаќинства, ранливите потрошувачи ќе добијат поголема поддршка
„Енергетската независност на Македонија е значаен приоритет за СДСМ и за Коалицијата за европска Макединија. И во време на најголемата енергетска криза, граѓаните не го почуствуваа недостатокот на светскиот пазар, затоа што водевме мудри политики и обезбедивме енергија за целата држава. Во наредниот мандат гарантираме зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70 проценти во однос на 2019 година, со што ќе бидеме енергетски независни“, изјави Јован Митрески, носител на ИЕ 5 за СДСМ и Коалицијата за европска Македонија.
Тој најави дека во наредниот мандат ќе биде зголемен капацитетот на обновливи извори на енергија за најмалку 100 проценти, а еден милион граѓани ќе добиваат енергија од обновливи извори.
„Ги зголемуваме субвенциите од 80 илјади на 120 илјади денари за домаќинства, ги зголемуваме мерките за заштита на правата на ранливите потрошувачи на енергија. Воведуваме забрана за изградба на нови мали хидроцентрали“, додаде тој.
Митрески најави и дека ќе продолжи поддршката на бизнисите, преку 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производството и 3,5 милијарди капитални инвестиции и гарантираме стабилна даночна политика.
„Воведуваме 0 проценти данок на личен доход за минимална плата, како и по 200 евра за во првите 12 месеци за секое прво вработувањ на лица до 26 години. Планираме инвестиции од над 2,7 милијарди евра, за модернизација на инфраструктурата во сите општини, квалитетна инфраструктура е предуслов за растечка економија и повисок животен стандард“, додаде Митрески.