Македонија
Убиениот Новаковиќ го тепале осум лица
Охридската полиција целосно го расчисти и документираше вчерашниот инцидент во кој животот го загуби српскиот државјанин Дејан Новаковиќ, при што поднесе кривична пријава против осум лица.
Охридската полиција целосно го расчисти и документираше вчерашниот инцидент во кој животот го загуби српскиот државјанин Дејан Новаковиќ, при што поднесе кривична пријава против осум лица.
Како што информираше портпаролот на МВР Иво Котевски, досега се приведени седум лица, додека за осмото лице, кое што е државјанин на Србија се уште се трага.
Сите седуммина приведени се од Охрид и околината и се на возраст од 25-34 година, рече Котевски, додавајќи дека меѓу приведените е газдата на клубот „Куба Либре“, каде што започнала тепачката.Приведените веќе се изведени пред истражен судија.
Истовремено распишана е потерница по Драган Ѓорѓиевиќ (1981) од Лесковац, кој исто така заработи кривична пријава.Од првичната обдукција е утврдено дека Новаковиќ најверојатно починал од удар со тап предмет во градите, поради што против осомничените е поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека извршиле „Убиство на свиреп и подмолен начин“.
Полицијата извршила претрес во домовите на приведените, при што им запленила дел од облеката за натамошни анализи. Земена е и плунка за ДНК анализа од пет лица, а од три лица земени се микротраги од под нокти.
Заедно со доказниот материјал во текот на денов пред надлежниот Истражен судија ќе бидат изведени: К.М.(1976) од Охрид, Н.Ѓ.(1984) од Охрид, Ш.П.(1980) од с.Велгошти-Охрид, Ј.И.(1984) од Охрид, Ч.Б.(1984) од с.Мешеишта-Охрид, Ш.Ј.(1979) од с. Велгошти-Охрид и Ѓ.Ј.(1985) од с.Мешеишта-Охрид.
Од преземените мерки и активности констатирано е дека околу 03.00 часот во физичката пресметка пред влезот од објектот, осуммината осомничени физички го нападнале Дејан со удари со раце и нозе, соборувајќи го на плочникот пред влезот од објектот.
Сакајќи да му помогне, неговиот другар Горан Периќ се обидел да го извлече од опкружувањето, но и тој бил физички нападнат од истите лица. Во тој момент Дејан успеал да се оттргне и се дал во бегство упатувајќи се кон градскиот плоштад и по ул. „Свети Климент Охридски“, скршнал пред обложувалницата „Премиер“, ја поминал ул.„Бул. Македонски Просветители“ и стигнал пред влезот на објектот од Поштата, каде го стигнале осомничените, го собориле на плочникот и со удари со раце и нозе во пределот на телото му задале тешки телесни повреди, од кои на лице место починал.
По настанот осомничениот Н.Ѓ. со намера да им помогне на лицата учесници во настанот да не бидат откриени, ја избришал датотеката од компјутерот во кое стои видео записот од безбедносните камери поставени во ноќниот клуб, а се однесува на критичниот период кога е сторен настанот. Исто така и наредил на вработената во објектот како хигиеничарка да ги исчисти трагите од крв во дел од објектот каде што не и било задолжение да чисти.
Според одредени медиуми, тепачката започнала внатре во ноќниот клуб помеѓу две групи на српски државјани, по што продолжила надвор од објектот. Притоа газдата на клубот, откако препознал еден свој пријател се вмешал во тепачката, што ги повлекло и припадниците на обезбедувањето да се приклучат./крај/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ибраимоски и Глигорова: „СТОП за исвршителите, брзите кредити и должничкото ропство“ е еден од главните постулати на програмата „Храбро за Македонија“
Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола каде се потпишуваше петицијата „СТОП за извршителите и брзите кредити“.
Воедно, Ибраимоски и Глигорова нагласија дека оваа борба за правда, за враќање на извршителите кадешто им е местото и ослободување на народот од должничко ропство е еден од главните приоритети на предизборната програма на коалицијата „Храбро за Македонија“.
– Денеска бевме во Битола, на средба со граѓани. Имавме петиција за „СТОП на извршителите“ и стоп за кеш кредити, успешна петиција. Суштината на нашата кампања во изборна единица пет, ќе биде токму оваа агенда: „СТОП за извршители и СТОП за брзи кредити“. – нагласи Глигорова.
– Ме радува што сите граѓани ја прифатија нашата иницијатива и се потпишаа многу луѓе и тоа е добро, што народот почна поинаку да размислува за разлика од претходно. И очекувам дека и во другите градови, како што се Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и другите околни места, ќе ни ја дадат поддршката за парламентарните избори, истакна претседателот на ПЦЕР и носител на пратеничката листа, Самка Ибраимоски.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.
Скопје
Скопје викендов со изменет режим на сообраќај поради одржување на предизборни митинзи
Поради одржување митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година на 21 април (недела) во 13.00 часот пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на оваа улица почнувајќи од 19:00 часот на 20 април (сабота) до 21.00 часот на 21 април (недела), соопштуваат од МВР.
Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ до крстосница со булевар „Св. Климент Охридски“.
Исто така, на 21 април во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните