Македонија
12 пожари на отворено изгаснати благодарение на пожарникарите

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на државата се евидентирани вкупно 12 пожари на отворено. Сите пожари беа успешно изгаснати благодарение на брзата и ефикасна интервенција на пожарникарските единици. Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), ситуацијата е под контрола и нема пријавени повредени лица.
„Конкретно, Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Скопје, информира дека пожарникарите од БППЗ на Град Скопје од 13:20 до 15:10 часот, интервенирале со 1 пп возило и 3 пожарникари во гасење запалена ниска вегетација на површина од 300 m2 кај „клучката“ во Хиподром во Општина Гази Баба. Од 15:00 до 15:40 часот пожарникарите гаселе запалена ниска вегетација на површина од 500 m2 во близина на болницата „Санте Плус“, со 1 возило и 2 пожарникари во Општина Ѓорче Петров и од 15:10 до 16:20 часот, гаснеле запалено ѓубре на површина од 10 m2 кај Смилковско Езеро, со 1 возило и 3 пожарникари во Општина Гази Баба“, се вели во соопштението од ЦУК.
Регионалниот ЦУК Струмица информира дека ТППЕ Гевгелија од 17:05 до 18:30 часот интервенирале за гаснење запалена депонија кај раскрсницата „Фурка и Дојран“ со 1пп возило и 2 пожарникари во Општина Дојран.
РЦУК Охрид известува дека пожарникарите од ТППЕ Охрид од 15:20 до 15:40 часот со 1 пп возило и 3 пожарникари интервенирале за гаснење запалено ѓубре кај градските гробишта. Пожарникарите од ТППЕ Дебар од 14:05 до 15:00 часот со 1 пп возило и 2 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација на периферија на градот. Од ТППЕ Струга од 14:20 до 14:50 часот со 1 пп возило и 2 пожарникари интервенирале на запалена трска кај хотел „Изгрев“.
РЦУК Штип информира дека пожарникарите од ТППЕ Пробиштип од 11:00 до 12:50 часот со 1 пп возило и 2 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација во атарот на с.Гајранци во Општина Пробиштип. Од ТППЕ Виница од 14:00 до 15:00 часот со 1 пп возило и 2 пожарникари гаснеле запалено стрниште во атарот на с. Јакимово во Општина Виница.
Од РЦУК Штип соопштуваат дека ТППЕ Кочани во периодот од 16:50 до 18:15 часот со 1 пп возило и 2 пожарникари интервенирале на запалено стрниште и ниска вегетација во атарите на селата Грдовци и Тркање во Општина Кочани.
РЦУК Куманово информира дека пожарникарите од ТППЕ Куманово имале две интервенции за гаснење запалена ниска вегетација, прво од 13:00 до 15:00 часот со 1 пп возило и 3 пожарникари кај с. Табановце и од 17:50 до 19:35 часот, со 1 пп возило и 3 пожарникари кај с.Черкезе во Општина Куманово.
ЦУК информира дека во последното деноноќие на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот имале вкупно 1 747 повици, од кои што „реални“ повици биле 50,72 проценти, а 49,28 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Од вкупниот број на повици, кон Полицијата биле упатени 56,56 проценти, кон Итната медицинска помош 34,40 проценти, а кон пожарникарите 5,25 проценти од реалните повици. Инаку, имале 847 повици за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици и на тие што се именувани како „неитни повици“. Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).
Инаку, во пресрет на понеделник, Регионалниот ЦУК Скопје информира дека ЈСП Скопје известиле за изменета траса на движење во еден дел на автобусите на линиите 4, 18, 63A, 66, 66A и 118, поради изведување градежни работи на пат.
Потсетуваат дека сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Избегал од болница и пукал – Левица бара разрешување на директорот на болницата во Демир Хисар

Левица алармира за скандалот со пациент кој избегал од психијатриската болница во Демир Хисар, при што повредил едно лице во Прилеп.
Лицето, како што истакнуваат од партијата, издржувало мерка задолжително психијатриско лекување, а при бегството се упатил во Центарот за социјални работи во Прилеп каде што пукал со пиштол кон вработена во Центарот, а имало и расправија со директорот на Центарот. Според Левица, против сторителот биле водени соодветни кривични постапки, но и покрај сите информации за него, сепак лицето успеало да избега, што е сериозен индикатор за аномалиите во работењето на оваа установа. Го поставуваат прашањето, како бегалецот успеал неколку дена да биде надвор од болницата.
Левица бара итно разрешување на Жан Лозановски, директорот на ЈЗУ Психијатриска болница во Демир Хисар, како кадар на коалициониот парнер – ЗНАМ.
„Поради крајно лошо менаџирање со болницата, таа со години наназад, но и денес се наоѓа во очајна состојба.
Претходно, за оваа болница и вработените алармираа за очајната состојба и лошото менаџирање кои се континуирани и по доаѓањето на директорот Жан Лозановски. Ниту една машина за перење не е во функционална состојба и вработените се принудени да позајмуваат алишта за пациентите од Црвениот крст. Дополнително, вработените кои работат со години со договори на определено време, секоја година се во неизвесност дали ќе им биде продолжен договорот.
После ваквиот скандал со бегство на пациент, при што беше загрозена безбедноста и на други лица, потребно е министерот Таравари веднаш да го разреши директорот Лозановски и да се утврди одговорност за сериозниот пропуст поради кој дојде до загрозување на животот на едно лице“, потенцираат од Левица.
Македонија
Собранието ќе продолжи со работа следната недела: „Привременото одложување на активностите беше гест на почит кон трагедијата во Кочани“

Собранието преку соопштение се огласи во врска како што велат, неточните информации и широко распространетите обвинувања за одложување на работата на Собранието минатата и оваа недела.
Појаснуваат дека ваквата одлука е донесена како резултат на согласност на сите присутни пратенички групи на координативната средба одржана на 24.03.2025 година.
„Привременото одложување на активностите на Собранието беше гест на почит кон трагедијата во Кочани, каде што животот го загубија млади луѓе и израз на солидарност со семејствата на жртвите и со сите граѓани погодени од оваа катастрофа.
Повторуваме дека оваа одлука не е резултат на какво било индивидуално или еднострано политичко одлучување, туку е одраз на заедничката институционална волја на сите пратенички групи да дејствуваат со чувствителност во момент на национална жалост“.
Собранието, како што информираат од таму, ќе продолжи со работа следната недела.
Македонија
По вчерашното пукање во Прилеп: истрага за обид за убиство и недозволено држење оружје

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 50-годишен прилепчанец, бидејќи како што соопштија од таму, постои основано сoмнение дека тој сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик, како и – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
Вчера, во просториите на ЈУ МЦСР Прилеп, тој со умисла се обидел да ја лиши од живот една оштетена – социјален работник, а во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.
Со оружје – пиштол марка „Берета“ модел 950 Б со калибар 6,35 мм, кој го поседувал без дозвола, тој започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија.
Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил и нанесол површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот и нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината.
Директорот на установата успеал да го совлада и да го задржи до пристигнување на полициските службеници, кои покрај пиштолот кај него пронашле и одзеле и еден нож.
Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – Задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.
Поради сите овие и други околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност да го повторува кривичното поведение, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.