Македонија
Милошоски со писмо до Бакојани

Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, упати писмо до Дора Бакојани, шефицата на грчката дипломатија
Во писмото, Милошоски, пишува дека двете држави заеднички треба да ја искажат својата обврска и одговорност за натамошното развивање на грчко-македонските односи, во духот на добрососедството и партнерството. Тој, потсетува на трите македонски иницијативи предложени до грчката страна на официјалниот состанок во рамките на ОН, за прашањето за името меѓу двете страни, што се одржа во Охрид, во јануари 2008 година.“Воден од словото и духот на Времената спогодба од 13 септември 1995 година, би сакал да го повторам и, со тоа, по втор пат да предложам потпишување Декларација за пријателство, добрососедство и соработка, меѓу нашите две земји. Цврсто сум уверен дека оваа Декларација не само што ќе придонесе кон пријателството на народите од двете земји за денешните и идните генерации, туку и ќе даде значаен придонес кон мирот и развојот на регионот на Југоисточна Европа и на Европа во целина“, се вели во писмото на Милошоски, упатено до Бакојани. Министерот Милошоски, предлага заедничко разгледување на историските настани, поради искажаната чувствителност на Грција за историските прашања. “Во овој контекст, би сакал уште еднаш да предложам основање Заеднички комитет за образование и историја. Подучувањето заедничка и повеќеперспективна историја на Балканот може да игра важна улога во процесот на помирување со минатото, преку спречување на употребата на историските настани за поттикнување идни недоразбирања“, се вели во писмото до Бакојани.Милошоски ја повикува Грција двете држави да ја продолжат праксата на одржување редовни консултации и состаноци на различни нивоа, како и на потпишување билатерални спогодби во сите области од заеднички интерес. “Затоа, би сакал да го повторам нашиот Рамковен предлог за унапредување на билатералните односи меѓу нашите две земји. Ова ќе придонесе кон понатамошното зајакнување на соработката и меѓусебното разбирање, како и кон унапредување на регионалната соработка, што е неопходен услов за создавање стабилен и просперитетен регион и негова интеграција во европските и евро-атлантските структури“, се вели во писмото.Милошоски, изразува надеж дека Грција, како земја со силна посветеност на целите и начелата на Повелбата на Обединетите нации, Финалниот документ од Хелсинки и Париската повелба, ќе ги прифати неговите иницијативи со цел, развивање на пријателските односи меѓу двете земји.Со ова ќе се испрати силна порака за посветеноста и конструктивниот приод кон тековните разговори меѓу Република Грција и Република Македонија под покровителство на ОН за надминување на разликата околу името.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обдукцискиот наод за Вања се уште не е изготвен и доставен до обвинителството

Обдукцискиот наод за 14 годишната Вања Ѓорчевска се уште не е изготвен и доставен до обвинителството, велат оттаму.
Од обвинителството додаваат дека се во постојана комуникација и размена на податоци со Институтот за судска медицина.
Повеќе детали за анализите и проверките кои се прават не се соопштуваат во интерес на истрагата.
–Дејствијата на сите инволвирани се предмет на истрага во моментов за што секојдневно се прибираат вербални и материјални докази кои меѓусебно се споредуваат. Јавното обвинителство апелира во текот на истрагата да не се шират непроверени информации кои можат да наштетат на постапката, но и дополнително да ја вознемират јавноста, велат од ОЈО.
Македонија
СДСМ: Близок соработик на Мицкоски фатен со кокаин; ВМРО-ДПМНЕ: Толоманоски по пријавата е разрешен

Истакнат член на ДПМНЕ од Пештани и близок соработник на Мицкоски е фатен со кокаин, вели СДСМ.
„Како што информираше МВР, вчера на 9-ти декември во 2 часот и 55 минути е приведено лицето А.Т. заради поседување предмети со кокаин. Станува збор за Александар Толоманоски-Дандаро, близок на Мицкоски и градоначалникот Пецаков. Ова е вистинското лице на ДПМНЕ и кажува многу за какви луѓе станува збор.Очигледно има многу бело околу ДПМНЕ и Мицкоски а не само Белата палата!?“, велат од владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, враќаат: „Александар Толоманоски по пријавата од МВР за поседување на наркотични средства е веднаш разрешен од местото претседател на месниот комитет Пештани во Охрид“.
„Тој во најитен рок ќе биде и исклучен од партијата. Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков од директорката на училиштето каде Толоманоски работел ќе побара поведување на дисциплинска мерка за прекинување на работниот однос. ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува за секое незаконско однесување и постапување без оглед на политичка, верска или било каква друга припадност“, реагираа од опозициската партија.
Македонија
Маричиќ: Мора силно да се залагаме за мирно разрешување на конфликтите низ дијалог и дипломатија

Во честитката по повод денешниот празник, заменик претеседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ потсетува на клучниот постулат на Универзалната декларација на ОН од 10 декември 1948 година: „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права“.
„Во време кога светот е изложен на сериозни, драматични, трагични воени и терористички акти, кога е загрозено првото и најважно човеково право, правото на живот, мора силно да се залагаме за мирно разрешување на конфликтите низ дијалог и дипломатија, за меѓусебна толeранција и разбирање. Затоа, да прифатиме да не зборуваме за подобрување на човековите права само на 10 декември, туку да зборуваме и да работиме на тоа секој ден во годината“, напиша Маричиќ.
Маричиќ потсетува „наша обврска денес е да бидеме дел од оние што учествуваат во зајакнувањето на меѓународниот систем за почитување на човековите права, да ги развиваме стандардите и максимално да настојуваме на исполнувањето на обврските“.