Македонија
Проштално писмо од Нимиц до Црвенковски

По повод завршувањето на претседателскиот мантат на претседателот Бранко Црвенковски, медијаторот Метју Нимиц му испратил писмо во кое искажува благодарност и восхит, соопштуваат од кабинетот на претседателот
„По повод завршувањето на Вашиот претседателски мандат, дозволете да Ви ја искажам мојата благодарност за гостопримливоста што ми ја покажавте низ годините и мојот восхит за лидерската улога која ја одигравте во нашите дипломатски напори да реализираме едно сериозно прашање. Бевте силен и ефективен застапник за позициите во кои верувавте и по мое видување, низ изминатите години покажавте длабока посветеност за долготрајниот развој на вашиот народ, земја и регион. Знам дека ќе продолжите да играте важна улога во политичкиот живот на Вашата земја“, се вели во писмото на Нимиц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пендаровски: Клучните придобивки од Рамковниот договор беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со порака:
„Пред 21 година, во Охрид, претседателите на четирите тогашни најголеми политички партии заедно со претседателот Борис Трајковски и претставниците на ЕУ и на САД го потпишаа Рамковниот договор кој ја спречи натамошната ескалација на конфликтот и донесе мир и стабилност како предуслови за натамошен демократски развој на македонското општество.
Клучните придобивки од договорот беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата. Со него се поставија и темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници.
Во изминатите 21 година, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците.
Денес, кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани мораме секогаш пред очи да го имаме еден од основните принципи на Рамковниот договор со кој употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина.
Сите наши напори во иднина да ги насочиме кон многу посилен економски развој, квалитетно образование и здравство, и здрава животна средина во која ќе постојат сите претпоставки за секој наш граѓанин да ги реализира своите амбиции и потенцијали“.
Македонија
Бочварски: Започнавме со рехабилитација на транзитот низ Штип

Владата преку Министерството за транспорт и врски, како најголем инвеститор во земјата и поддржувач на општините, работи активно во реализација на транспортната стратегија, а тоа е изградба и модернизација на патната инфраструктура низ целата држава, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта, Костадин Ацевски, извршија увид во рехабилитација на транзитот низ Штип.
Транзитот низ Штип се рехабилитира со средства обезбедни преку Јавното претпријатие за одржување на регионалните и магистрални патишта, во соработка со Министерството за транспорт и врски, во висина од 20 милиони денари.
„Особено ми е драго што започнавме со рехабилитација на овој патен правец. Како што ветивме пред граѓаните, еве денеска тоа го гледаме на дело, започнуваме со гребење на оштетениот асфалт и поставување на комплетно нов слој асфалт, инвестиција во висина од над 20 милиони денари преку централната власт, со што обезбедуваме побезбедно патување на нашите граѓани. Во изминатиот период реоконстуриравме транзити и низ други градови во земјата Виница, Делчево, Охрид, Крушево, а наскоро започнува и реконструкцијата на транзитот низ Тетово. Сакам да ги уверам сите граѓани дека сме максимално посветени во исполнувањето на нашата цел, а тоа е безбедна и модерна патна инфраструктура низ целата земја“ – изјави министерот Бочварски.
Македонија
Приватно обезбедување ќе патролира околу парковите и игралиштата во Општина Центар

Општина Центар склучи договор со Друштвото за обезбедување на лица и имот „Екот Гард“ за обезбедување и редовни патроли на детските игралишта и парковите во општината.
Овој чекор доаѓа по честото оштетување на реквизитите од страна на несовесни граѓани, кои намерно ги оштетуваат и уништуваат парковите и детските игралишта и ќе опфати повеќе локации: паркот „Капиштец“, детското игралиште кај ТЦ „Зебра“, игралиштето на плочникот кај поранешна „Агромеханика“, игралиштето кај кафе барот „Mr. Jack“, игралиштата во блоковите 3 и 9 од Градски ѕд и детското игралиште во населба Пролет.
Во насока на зголемување на степенот на безбедност на територија на општината, униформирани лица од агенцијата за обезбедување ќе вршат контроли и ќе водат евиденција за евентуалното уништување на реквизитите и оштетувања од друг карактер.
Општината ќе врши надзор врз работењето на обезбедувачите, патролите на игралиштата ќе се одвиваат секој ден, од 19:00 часот па сѐ до 7 часот наутро, а припадниците на обезбедувањето по потреба ќе бидат и во контакт со службеници од МВР.
Ги охрабруваме сите граѓани кои ќе забележат било какви оштетувања и уништувања на реквизитите и останатите елементи на детските игралишта, да ги пријават до Општина Центар на телефонскиот број 075 219 142, со цел спречување на поголемо оштетување и овозможување на брза и навремена замена на уништениот реквизит.