Македонија
Пролетен ден со ЕСРА

Во сабота на 16 мај, во Градскиот парк ќе се одржи голем хепенинг насловен како Пролетен ден со ЕСРА
Од 13 часот во сабота па се до 1 часот по полноќ, во организација на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Европската филмска академија ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк ќе се одржи голем хепенинг на кој со свои сетови ќе се претстават студенти на Универзитетот од Тонска продукција, како и настап на неколку познати македонски бендови како Културно Уметнички Работници, Тотално Опуштање, Милко и други. Хепенингот следува како продолжение на Отворениот ден на ЕСРА кој се одржа минатата сабота.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пендаровски: Клучните придобивки од Рамковниот договор беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со порака:
„Пред 21 година, во Охрид, претседателите на четирите тогашни најголеми политички партии заедно со претседателот Борис Трајковски и претставниците на ЕУ и на САД го потпишаа Рамковниот договор кој ја спречи натамошната ескалација на конфликтот и донесе мир и стабилност како предуслови за натамошен демократски развој на македонското општество.
Клучните придобивки од договорот беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата. Со него се поставија и темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници.
Во изминатите 21 година, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците.
Денес, кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани мораме секогаш пред очи да го имаме еден од основните принципи на Рамковниот договор со кој употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина.
Сите наши напори во иднина да ги насочиме кон многу посилен економски развој, квалитетно образование и здравство, и здрава животна средина во која ќе постојат сите претпоставки за секој наш граѓанин да ги реализира своите амбиции и потенцијали“.
Македонија
Бочварски: Започнавме со рехабилитација на транзитот низ Штип

Владата преку Министерството за транспорт и врски, како најголем инвеститор во земјата и поддржувач на општините, работи активно во реализација на транспортната стратегија, а тоа е изградба и модернизација на патната инфраструктура низ целата држава, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта, Костадин Ацевски, извршија увид во рехабилитација на транзитот низ Штип.
Транзитот низ Штип се рехабилитира со средства обезбедни преку Јавното претпријатие за одржување на регионалните и магистрални патишта, во соработка со Министерството за транспорт и врски, во висина од 20 милиони денари.
„Особено ми е драго што започнавме со рехабилитација на овој патен правец. Како што ветивме пред граѓаните, еве денеска тоа го гледаме на дело, започнуваме со гребење на оштетениот асфалт и поставување на комплетно нов слој асфалт, инвестиција во висина од над 20 милиони денари преку централната власт, со што обезбедуваме побезбедно патување на нашите граѓани. Во изминатиот период реоконстуриравме транзити и низ други градови во земјата Виница, Делчево, Охрид, Крушево, а наскоро започнува и реконструкцијата на транзитот низ Тетово. Сакам да ги уверам сите граѓани дека сме максимално посветени во исполнувањето на нашата цел, а тоа е безбедна и модерна патна инфраструктура низ целата земја“ – изјави министерот Бочварски.
Македонија
Приватно обезбедување ќе патролира околу парковите и игралиштата во Општина Центар

Општина Центар склучи договор со Друштвото за обезбедување на лица и имот „Екот Гард“ за обезбедување и редовни патроли на детските игралишта и парковите во општината.
Овој чекор доаѓа по честото оштетување на реквизитите од страна на несовесни граѓани, кои намерно ги оштетуваат и уништуваат парковите и детските игралишта и ќе опфати повеќе локации: паркот „Капиштец“, детското игралиште кај ТЦ „Зебра“, игралиштето на плочникот кај поранешна „Агромеханика“, игралиштето кај кафе барот „Mr. Jack“, игралиштата во блоковите 3 и 9 од Градски ѕд и детското игралиште во населба Пролет.
Во насока на зголемување на степенот на безбедност на територија на општината, униформирани лица од агенцијата за обезбедување ќе вршат контроли и ќе водат евиденција за евентуалното уништување на реквизитите и оштетувања од друг карактер.
Општината ќе врши надзор врз работењето на обезбедувачите, патролите на игралиштата ќе се одвиваат секој ден, од 19:00 часот па сѐ до 7 часот наутро, а припадниците на обезбедувањето по потреба ќе бидат и во контакт со службеници од МВР.
Ги охрабруваме сите граѓани кои ќе забележат било какви оштетувања и уништувања на реквизитите и останатите елементи на детските игралишта, да ги пријават до Општина Центар на телефонскиот број 075 219 142, со цел спречување на поголемо оштетување и овозможување на брза и навремена замена на уништениот реквизит.