Македонија
Иванов: Не се откажуваме од двојната формула
Македонија никогаш не ја напуштила двојната формула, само имало интерпретации на таа позиција. Отсекогаш сме велеле дека разговараме во рамките на Резолуцијата 817 на Советот за безбедност на ОН од 1993 г.
Ова го изјавил претседателот Ѓорге Иванов по средбите во Њујорк со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен и со холандскиот премиер Јан Петер Балкененде, на кои една од главните теми било прашањето за името.„Кај нас во Македонија некој создава претстава дека го поддржуваме грчкиот став за име за севкупна употреба. Македонија никогаш немала таков став“, рече Иванов. Расмусен и Балкененде се интересирале до каде се разговорите за името што се водат со посредство на ОН и каква е позицијата на Македонија. Заедничка оценка е дека изборите во Грција ќе го забават процесот. „Ги пренесов искуствата што ги имаме од досегашните средби со Нимиц, за она што ќе разговараме на претстојната средба во Њујорк, како и за неговиот став кон активноста на македонската страна. Се интересираа за состојбите во Македонија и колку е нашиот придонес во она што го имаме како задача – евроатлантската интеграција“, изјави Иванов. Шефот на македонската држава ги информирал и за уделот на Македонија во мисијата ИСАФ и за договорената заедничка македонско-американска мисија во Авганистан наредната година. Истакнал дека иако не е формално членка на Алијансата, АРМ со учеството во мисиите ја одржува компатибилноста со НАТО армиите. Македонскиот претседател денеска присуствуваше на Самитот за климатски промени, што се одржува во рамките 64. Генерално собрание на ОН. На покана од поранешниот американски претседател Бил Клинтон, попладнево по њујоршко време учествува и на петтиот годишен состанок на Клинтон глобалната иницијатива. Денешните активности во Њујорк претседателот Ѓорге Иванов ќе ги заокружи со средба со претставници на Американско-еврејскиот комитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Склучен Меморандум за соработка помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје
Денес во просториите на Економскиот факултет – Скопје, деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа состанок со г-дин Александар Манев-генерален директор на Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје и со претставници од истата институција.
Во рамки на остварената средба, се одвиваше плодна дискусија во насока на унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции како и обезбедување достапност на професионална размена на искуства заради остварување на заеднички цели. Во таа насока, состанокот се заокружи со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете страни со кој се официјализираше соработоката помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје.
Со ова, двете институции се согласија да соработуваат во реализација на широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес за едукација и подобрување на знаењето и стручноста преку најразлични активности и проекти од взаемен и општествен интерес, реализирање на практична настава за студентите од Факултетот, презентирање на практични проблеми, решенија, предизвици и можности за студентите на Факултетот, организирање работилници и конференции, и други активности.
За време на посетата, генералниот директор, г-дин Александар Манев и останатите претставници, во придружба на деканот и продеканите на Економскиот факултет – Скопје, ги разгледаа капацитетите со кои располага Економскиот факултет – Скопје.
ПР
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.
Македонија
Апасиев: НАТО не носи демократија, НАТО е кршач на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за декларацијата на Собранието по повод четири години од членството во НАТО истакна дека Нато не носи демократија.
Нато, според него, е кршач на меѓународното право и повелбата на Обединетите Нации.
„Без дозвола на Совет за безбедност НАТО ја нападна Југославија во 1999 година, ја нападна Либија, го нападна Ирак и редици други држави.
Последниот пункт е дека народот сакал во НАТО. Не е точно. Не е испочитуван член 120 од уставот кој што вели: Одлуката за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинство од вкупниот број на избирачи. Референдумот во 2018 беше неуспешен и немаше цензус и оттука уставниот услов за да влеземе во НАТО не е испочитуван, што значи противуставно и против волјата на народот сме влезени во НАТО”, додава Апасиев.