Македонија
21 јуни e ден на најстарото езеро во Европа – Охридското Езеро

Во светот постојат само дваесеттина древни езера (езера постари од 1 милион години), од нив на
eвропскиот континент се наоѓаат две – Охридското и Преспанското Езеро, информираат од Еколошкото здружение на граѓаниte „Фронт 21/42“.
Вредностите на Охридското Езеро, како што додаваат од таму, се од планетарен размер – како дом на над 1.200 вида, според единица површина – Охридското Езеро има убедливо највисок индекс на биодиверзитет од сите езера на светот; над 200 од тие видови се ендемски, ги нема на ниедно друго место; Охридското Езеро е музеј на живи фосили, древни видови, кои во неговите води постојат над 2 милиона години и кои се бесценет извор за научни истражувања на еволуцијата на видовите.
„Живееме во време кога за ваквите вредности (и многу други што ги поседува Охридското Езеро) има значителен пазар: во светот патуваат сè повеќе еколошки освестени луѓе во потрага по уникатна и богата природа, недопрена убавина, мир и спокој; со над 100 вида птици што се гнездат тука, Охридското Езеро може да биде на мапата на Британското здружение на набљудувачите на птици (една од најмоќните и најбогати организации во светот); неговите вредности се достојни за научните истражувања на докторандите на највидните светски универзитети, за документарен филм на сер Дејвид Атенборо. За жал, патот за развој, кој од осамостојувањето на Македонија до денес континуирано го избираат нашите носители на власт, е пат што води до уништување на вредностите, кои може да бидат во центарот на една многу поинаква, одржлива и вистински развиена економија. Во име на развој акцентот и понатаму е на урбанизација и на она малку од брегот што е останато недопрено (сега под етикетата на контролирана урбанизација, која е во согласност со Планот за управување со Охридскиот Регион), се носат закони за заштита, кои во суштина обезбедуваат терен за понатамошно уништување (како тој за Студенчишкото Блато, за легализација на дивоградбите итн.), се дава позитивно мислење за проформа документи, кои ‘стручно’ проценуваат дека планираната урбанизација нема да има негативно влијание врз природата (како извештајот СОЖС за ‘Горица север’ и многу други), во фиока се чуваат документи што може да стават крај на уништувањето (како ефективен закон за управување со Охридскиот Регион)“, е наведено во информацијата.
И покрај алармантното предупредување на Мисијата на УНЕСКО од 2020 година дека продолжувањето на трансформацијата води до точка по која нема враќање, нашата земја останува посветена на фарсата, додека вредностите неповратно се губат. И Бернската конвенција во својата последна одлука од април 2022 година им порача на македонските власти дека „краткорочните финансиски придобивки нема да донесат долгорочен успех откога природата и убавината на овие области неповратно ќе се уништат“. Сè уште нема ниту еден сигнал дека ваквите пораки стигнале до кое било одговорно лице во земјата, посочуваат од ова здружение.
„Во 2016 година објавивме меѓународна петиција со цел да ги спречиме тогашните штетни проекти – петицијата ја потпишаа илјадници луѓе од сите страни на светот, голем дел од нив оставајќи дополнителни пораки; една од пораките што најточно го сумира пристапот на Македонија кон Охридскиот Регион е од потписник од Велика Британија, која сбило уште еднакво е валидна: „Тоа е како да ги исечете дрвата за да направите паркинг за сите оние што ќе дојдат да ја видат шумата“, додаваат од таму.
„На некои идни генерации, кои можеби ќе препознаваат и ценат вистински вредности и ќе знаат како да развиваат економија благодарение токму на негувањето на тие вредности, сè повеќе им ги одземаме можностите, заедно со правото да уживаат и се инспирираат од убавините што сè уште колку толку ги имаме затоа што ни ги оставиле претходните генерации. Денес, на неговиот ден, додека сè уште го имаме, да го прославиме природниот феномен со кој имаме чест да живееме. А на носителите на одлуки да им порачаме: сè уште не е предоцна да се
спаси шумата. Денес, нека биде денот кога засекогаш ќе го напуштите патот што води до неповратно уништување на највредното природно богатство во државата“, се истакнува во пишаната информација од Еколошкото здружение на граѓаните „Фронт 21/42“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовски: Дали тим од МНР денеска е на тајни преговори во Софија за прифаќање на предлогот и протоколот?

„Тотален дебакл и перманентно нарушување на сите преговарачки позиции со Бугарија е резултат на оваа влада, предводена од СДСМ и ДУИ. Смешни се кога ги слушаме од владата дека велат дека државата била цел на хибриден напад, кој пак ниту се обиделе да го спречат доколку го имало, ниту пак поднесуваат одговорност затоа што не можеле да го спречат доколку имало такво напад. Смешни оправдувања за неспособноста на оваа влада!“ изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој прашува:
-„Дали денеска има тим од МНР кој е пратен во Република Бугарија да преговара за францускиот предлог?
-Дали е точно дека овој тим денеска преговара за предлогот да биде ставен во протокол за Европската унија?
-Дали со ова молчење, тимот од МНР ја крои тажната судбина на државата, далеку од очите на јавноста каде што ги води овие преговори во Софија?“.
„Ковачевски, Османи, Маричиќ и сите останати да одговорат што работат и што преговараат тајно, далеку од очите јавноста во однос по ова прашање поврзано со францускиот предлог. Ваков дебакл, каков што ѝ се случи на Република Македонија и на граѓаните, не се случил никогаш и никаде во ниту една дипломатија“ порача Арсовски.
Македонија
Скопјанец со столче ја тепал сопствената мајка

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 31-годишен скопјанец осомничен за кривично дело тешка телесна повреда од член 131 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 21 јуни во вечерните часови, во семејниот дом на улицата Дебарца во Скопје, осомничениот при вршење семејно насилство со умисла тешко телесно ја повредил својата 70-годишна мајка.
Тој најпрвин почнал вербална расправија, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со раце по лицето и телото. Продолжил да ја удира со столче, при што ѝ нанел тешки телесни повреди и ѝ ги скршил двете раце.
Од страв да не биде повторно нападната, оштетената го напуштила домот и го пријавила настанот на 24 јуни кога осомничениот повторно станал агресивен кон неа.
Надлежниот јавен обвинител оцени дека постојат околности што очигледно укажуваат на можност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Тупанчески: Судовите не смее да ја кријат својата работа од оние во чиј интерес дејствуваат

Министерот за правда, Никола Тупанчески, присуствуваше на VII Охридска школа на природно право.
Во своето обраќање на тема „Одржување демократско општество преку зајакнување на неговите институции“, Тупанчески рече дека Министерството за правда се залага колку што е можно повеќе да создаде услови за зајакнување на институциите, кои треба да го овозможат развојот на демократското општество.
Во таа насока поддржано е формирањето на судско-медиумскиот совет, кој е составен од претставници од судството и од медиумите со цел да се зајакне довербата меѓу овие две фели и да се овозможи правилно и објективно информирање за судските процеси од интерес на јавноста, без притоа да се нарушуваат основните човекови права на учесниците во постапките.
Министерството за правда активно работи и на зголемување на транспарентноста на судовите како еден од инструментите за зајакнување на довербата на граѓаните во судството и правната сигурност на компаниите.
Судовите како државни органи не смее да ја кријат својата работа од оние во чиј интерес дејствуваат. Со тоа ќе се зајакне довербата на граѓаните во власта, а девијантните однесувања ќе се санкционираат.
„Значаен сегмент за развојот на институциите е нивната дигитализација. Планот за дигитализација на правосудството Министертсвото за правда го реализира успешно. Тоа ќе овозможи побрза правда, намалување на корупцијата, намалување на трошоците во судските постапки, странките ќе заштедат време, ќе има помал број одложени судења. Целосната дигитализација очекуваме да се реализира во 186 судници во 34 суда, што ќе придонесе кон зајакнување на довербата на јавноста и заштита на системот“, потенцира Тупанчески.