Македонија
Нови 13 лица заболени од свинскиот грипот, СЗО не поддржува затворање на училиштата
Во последните 24 часа регистрирани се 13 лица позитивни на новиот грип од типот А (Х1Н1). Вчера се прегледани 63 сомнителни пациенти за кои се чека лабораториска потврда дали се заболени, со што бројот на позитивни случаи моментално изнесува 107 лица
Според анализите кои во понеделник претпладне ги соопшти претседателот на Комисијата за пандемски грип Јованка Костовска, околу 68 отсто од заболените лица се на возраст од 10 до 25 години, процентот во однос на заболени мажи и жени е речиси ист, 85 отсто од позитивните случаи се од Скопје, вкупно 34,6 отсто се ученици, а најголем број пријави за сомнителни случаи се забележани минатата недела.Вкупно 28 случаи од заболените не дале податок дека биле надвор од Македонија, а тие што потврдиле најчесто биле на пат во Турција.Групно затворање на училиштата поради новиот грип се’ уште нема да има, но ќе се постапува индивидуално за секое училиште одделно, со што не е исклучено затворање на некои од нив.Ова, пак, попладнево го рече министерот за здравство Бујар Османи по средбата со директорката на Европскиот центар за контрола на болестите(ЕЦДЦ) и нов директор на Светската здравствена организација за Европа(СЗО), Сузана Јакаб.Двајцата констатираа дека Македонија останува посветена на предизвикот да се справи со пандемијата на новиот грип и во таа насока ги презема сите мерки што се во согласност со европските стандарди.„Како што знаете во ЕУ веќе не се бројат заразените, туку тешко заболените и смртните случаи. Иако бројките во вашата земја се сеуште мали, неодходно е навремено да се преземат сите мерки за да се запре ширењето на грипот. Македонија има план за справување со пандемски заболувања и истиот е одобрен, препорачан и ажуриран согласно стандардите на ЕУ“, рече Јакаб по средбата.Министерот и новиот директор на СЗО се согласија дека мерките треба да бидат пред се во насока на одржување на лична и јавна хигиена, потоа мерки што се преземаат во болниците, како и во поглед на фармацевтските и антивирусните сретства што треба да го спречат ширењето на грипот. Министерот рече дека доцнењето на вакцините против грипот А(H1N1) не е по нивна вина, туку поради бавното производство и се очекува првите вакцини да стигнат до крајот на ноември.Според стандардите на СЗО, не постои процент на заболени кој може да се оцени како критичен за да се затвораат училиштата. Директорката Јакаб додаде дека СЗО не го поддржува затворањето на училиштата бидејќи тоа може да создаде дополнителни проблеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција
Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените се почнати. На првата прес-конференција по затворањето на избирачките места тој рече дека очекува победа на 8 мај.
„Земјотресот по се изгледа дека денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај ВЛЕН ќе победи и ќе дојде долго очекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, рече Таравари.
Тој јавно се заблагодари на граѓаните за масовниот одѕив и изрази надеж дека набљудувачите нема да дозволат злоупотреби на гласовите.
„Сега веќе се знае дека на овие избори имаше многу помасовно излегување на гласање отколку претходните избори што зборува дека промените ни се приближуваат и ни доаѓаат. Ние како ВЛЕН сме пресреќни дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега веќе промените се внатре во кутиите кои веќе се отвораат. Се надевам дека нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и ќе се гарантира секој глас кој што е даден на демократски начин дека ќе излезе на површина“, рече Таравари.
Македонија
Кузеска: Констатирани се мали прекршувања на изборниот процес, ги очекуваме резултатите и уверени сме дека граѓаните ќе ја поддржат европската иднина
Богданка Кузеска од Изборниот штаб на СДСМ, по затворањето на избирачките места изјави дека изборниот ден бил демократски, а гласањето се одвивало во фер и демократска атмосфера.
„Граѓаните својата волја ја изразија слободно и достоинствено како што доликува на една демократска земја – членка на НАТО со започнати преговори со ЕУ. Констатирани се само неколку многу мали прекршувања на изборниот процес. Сакаме да изразиме благодарност до сите граѓани кои денеска гласаа. Самото гласање е суштински чин кој произлегува од моќта на граѓаните да одлучуваат за својата иднина и иднината на државата. Ги очекуваме изборните резултати и уверени сме дека граѓаните и денеска и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина за Македонија. Иднина во која Македонија е дел од европското семејство и членка на ЕУ“, порача Кузеска.
Повтори дека ги очекуваат изборните резултати и наскоро ќе излезат со точни податоци.
Македонија
Евидентирани 12 случаи на фотографирање гласачко ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање, соопшти Тошковски
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денешниот изборен ден поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера.
Како што рече, безбедните избори биле резултат на добрата соработка меѓу полицијата, Државната изборна комисија и сите други чинители кои биле вклучени во спроведувањето на изборниот процес
„Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа на гласање и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општество“, кажа Тошковски.
Истакна дека биле евидентирани повеќе настани кои се однесуваат на прекршување на изборниот процес.
„На ниво на целата држава евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачко ливче, шест пријави за нудење на поткуп и 15 пријави за агитирање. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријавата за испукана димна бомба од страна на тимот за антитероризам извршена е проверка , подигната е направата и предадена е на претседателот на избирачкиот одбор. Констатирани се шест прекршоци, а ќе бидат поднесени и две кривични пријави, една за повреда на тајност на гласањето и една за повреда на избирачко право“, потенцира Тошковски.
Во Охрид било пријавено јавно гласање пред комисијата а во Тетово биле пријавени упатени навреди кон шеф на штаб на политичка партија.
Во Куманово како што додаде, две гласачки места во село Умин Дол биле затворени а избирачкиот материјал бил вратен во канцелариите на ОИК.
Во Струмица едно лице го покажало гласачкото ливче на набљудувач.