Македонија
Иванов: Мисијата во Авганистан е поддржана од целата јавност
Учеството на македонските војници во мировната мисија во Авганистан ја има поддршката од сите македонски граѓани, политичари и од целата јавност
Ова во петок во Тетово го изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов при испраќањето на 149 припадници на Втората механизирана пешадиска бригада (мпбр) кои заедно со најстариот национален претставник и двајца штабни офицери ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул. „Свесен сум за личната жртва, за семејните одрекувања и тешкотии, што секој војник решил да ја поднесе за да даде учеството во мисијата во Авганистан,“ изјави Иванов.Тој посочи дека Македонија на овој начин, не само на зборови туку и на дела, го докажува своето пријателство и припадност кон коалицијата на демократски и слободни држави.„Македонија и самата била изложена на закани и знае да ја цени безбедноста и сигурноста, затоа решивме во оваа мисија да дадеме значаен придонес, споредено со нашата реална моќ и големина“, рече Иванов.Потсетувајќи дека во АРМ има припадници на сите вери, нации и култури, Иванов порача дека македонските војници имаат можност да покажат дека во Македонија војници од сите верски заедници може да се потпрат едни на други во најтешки и најсериозни воени задачи. Мисијата на леопардите во Авганистан, ја поздрави и заменик министерот за одбрана Емил Ѓеорѓиев кој истакна дека испраќањето на војниците е дел од трајната определба на армијата за членство во НАТО.Тој изрази надеж дека леопардите кои потекнуваат од втората пешадиска бригада ќе го обелат образот на македонската армија, за која ова е осма ротација во Авганистан. Во склоп на мисијата има и неколку жени кои не го криеја задоволството што и тие ќе можат да го дадат својот придонес за мирот во Авганистан.„Чест ми е што ќе бидам амбасадор на нашата држава и што ќе можам чесно и одговорно да го дадам својот придонес во мисијата. Нашите војници ги чека одговорна работа која мора да биде чесно и успешно завршена“, рече Александра Цветковска која по втор пат ќе престојува во Авганистан. Командантот на “леопардите” кој ќе раководи со мисијата од јануари до јуни, мајор Блаже Николовски истакна дека станува збор за високопрофесионални војници кои се психофизички подготвени да се справат со сите предизвици и ризици со кои би можеле да се соочат на теренот.На истата тема, денеска при обиколката на Стариот театар и Музеј во Скопје учеството на македонските војници во мисијата ИСАФ го поздрави и премиерот Никола Груевски кој рече дека Македонија генерално ги презема обврските како да е членка на НАТО, иако сеуште го нема добиено членството.„Ние ги делиме истите вредности како со земјите членки на НАТО и затоа партиципираме во овој дел. Веруваме дека брзо ќе се разрешат проблемите, што на некој начин ни го одложија влезот во алијансата“, истакна Груевски коментирајќи го учеството на Македонија во мисијата Исаф во Авганистан.Ова е осма ротација на мировната мисија ИСАФ која треба да заврши во јуни.АРМ своето учество со мешана пешадиска бригада во најголемата мисија на НАТО во Кабул ја започна во 2006 г.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Пендаровски ја призна конекцијата со мешетарот Еисин и после се сокри од јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Пендаровски ја призна конекцијата и комуникацијата со балканскиот мешетар Асаф Еисин и се сокри од јавноста. Го нема со денови да излезе и да даде одговори, дали тој, дали СДС, дали Ковачевски или сите комплет го ангажирале Еисин за консултации“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој скандал е дотолку поголем што постојат сериозни индиции дека овој сомнителен лик е ангажиран за креирање на црната кампања на власта и за тоа според основани сомнежи се плаќа со пари во кеш. Овие црни пари не се водат во ниедна евиденција и се испумпани од криминалните тендери во РЕК Битола.
Надлежните институции треба овој случај детално да го проверат, бидејќи ангажманот на мешетарот Еисин и двете лица кои му помагаат а кои се сместени во еден скопски хотел, не фигурира во ниеден извештај. Доколку актуелните институции не го истражат овој случај, тогаш после промената на власта се ќе биде детално проверено. Време е за промени, а наскоро после тоа ќе дојде и времето за одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Нема промена во ДПМНЕ, над 80% од листите се истите пратеници кои спроведуваа активни блокади“, велат од СДСМ
„Составот на листите за пратеници на ДПМНЕ потврдува дека во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е партија свртена кон минатото. Повеќе од 80% од кандидатите на листите се истите пратеници, кои спроведуваа активни блокади на Собранието, правеа опструкции и кочеа, сé што е во интерес на граѓаните и државата“, соопшти СДСМ.
„Тоа се истите лица што во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите, кои два дена на собраниска седница ги преместуваа точките на дневниот ред.
Беа и против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во НАТО, и против евроинтеграциите, тропаа и вревеа со вувузели додека во парламентот зборуваше Урсула фон дер Лајен.
Нивната работа изминатите четири години ја одбележаа одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од ДПМНЕ.
Со истите лица на листите Белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.