Македонија
Охридско Езеро 17 сантиметри над дозволеното
Нивото на Охридското езеро по вчерашните врнежи порасна и денеска изнесува 17 сантиметри над дозволената кота утврдена со билатералниот договор меѓу Македонија и Албанија.
Последен пат во 1986 година биле регистрирани 18 сантиметри над дозволената кота, а земајќи го в предвид фактот дека нивото на езерото секојдневно расте, веќе во петок може да се очекува и ова критично ниво.Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески во интервју за бугарската агенција Фокус, во средата предупреди дека нивото на Охридското езеро уште ќе расте.Според хидролозите расте и нивото на реката Црн Дрим, откаде истекуваат поголеми количества вода откако во среда беа отворени сите шест порти за испуст. Во моментов испустот на вода во Црн Дрим изнесува 62 кубни метри во секунда.Екипи на Македонија пат и Хидро централата Глобочица започнаа со распоредување механизација на бреговите на реката Црн Дрим поради опасност од излевање.Од друга страна најкритична останува состојбата во охридската населба Пештани каде поплавени се поголем дел од куќите и другите станбени објекти а водата веќе ги зафати подрумите на куќите.Според Пештанци постои опасност и од зарази бидејќи поради надојдената вода започнале да се излеваат и септичките јами, па водата во поплавените куќи според нив се измешала со фекалии. Екипи на јавно здравје и Дирекцијата за заштита на храна во текот на вчерашниот ден излегоа на терен за да земат мостри од водата и истата е на испитување со што ќе се утврди нивото на заразност.Пештанци стравуваат дека насипот што го изградија надлежните служби на регионалниот пат ќе спречи поплави само доколку езерото е мирно.„Ако задува поголем ветер, како што дуваше пред некој ден. езерото ќе удри над насипот и ќе го земе во водата. Додека не се изгради потпорен ѕид патот не може да биде со сигурност заштитен“, вели Трајан Симоноски, член на Кризниот штаб од Пештани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.