Македонија
Македонија станува туристичка дестинација за Италијанците
Македонија со својот фолклор, култура и традиција може да стане многу интересна дестинација за италијанските туристи, чиј број се очекува наскоро значително да порасне во целиот балкански регион
За таа цел денеска во Скопје беше промовиран туристички водич за Република Македонија на италијански јазик, кој се очекува значително да ја разбуди љубопитноста кај обичниот Италијанец за Македонија.Водичот, чиј автор е Фабио Котифава, е издаден во соработка со регионалната невладина асоцијација „Балканија“, а целосно е финансиран од страна на италијанската транспортна фирма „Паганела“.Предвидено е овој водич бесплатно да им биде поделен на туристичките работници ширум Италија, со цел Македонија да биде ставена во нивните понуди.Македонскиот министер за економија Фатмир Бесими очекува дека со овој водич ќе се предизвика значителен пораст на италијански туристи во државата.„Овој водич има големо значење со цел Македонија да се направи поблиска за италијанскиот пазар, но и пошироко“, рече Бесими.Авторот Котифава истакна дека Македонија до пред некое време беше неправедно непозната на италијанскиот пазар, изразувајќи надеж дека со овој водич таа празнина ќе биде пополнета.„Идејата која се роди да се направи овој водич беше токму да им дозволиме на нашите сограѓани да ја запознаат вашата прекрасна земја“, рече Капавали.Идејата на невладина асоцијација „Балканија“, е да се промовира целиот регион како туристичка дестинација, преку алтернативните форми на туризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема докази дека уапсените за убиството на докторот се сторителите
Нема докази дека лицата кои беа приведени за убиството на докторот во Железара се сторителите.
Од Обвинителството велат дека продолжуваат со дејствија, со цел идентификација на сторителите.
-До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело. Од тие причини, јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан, велат од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.
Македонија
Постигната либерализација во товарниот транспорт за и од трети земји со Црна Гора
Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија и Министерството за собраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол за либерализација на товарниот транспорт за и од трети земји.
Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период.
Ова беше постигнато на состанокот на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока кој се одржа во Скопје.
До сега, двете земји врз база на реципроцитет разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.
Либерализацијата е чекор напред кон отстранување на сите админстративни постапки во однос на дозволите, процес што ќе придонесе за побрз и ефикасен транспорт како и зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.
Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.
Македонија
Воздухопловните сили на Италија од денеска ќе патролираат над македонското небо
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го потпишаа Техничкиот договор со кој Италијанските вооружени сили и официјално се вклучија во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо.
Министерката Петровска по потпишувањето истакна дека со вклучувањето на Италија во оваа НАТО мисија, единството во Алијансата го гледаме на дело.
„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, рече министерката.
Со Италија изградивме вистинско сојузништво и развивме силна соработка, рече Петровска, и додаде дека фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.
Италијанскиот министер Крозето порача дека со денешното потпишување на овој историски договор, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото на Северна Македонија и дополни дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.
Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија.
Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.