Македонија
Иванов одржа билатерални средби со Сејдиу, Топи и Вујановиќ
Изнаоѓањето на начини за зајакнување на регионалната соработка е централната тема на денешните билатерални средби на Претседателот Ѓорге Иванов со претседателите на Косово, Црна Гора и Албанија, Фатмир Сејдиу, Филип Вујановиќ и Бамир Топи во рамки на регионалниот самит што се одржува во Призрен
Претседателот Иванов на средбата со својот косовски колега, Сејдиу, било разговарано за севкупните билатерални односи меѓу двете земји. Двајцата претседатели го отвориле прашањето за евентуално постоење на масовни гробници во Македонија од времето на косовската криза. Иванов изразил подготвеност ова прашање да се истражи и побарал властите во Приштина по институционален пат да ги достават сите докази што ги поседуваат. Иванов го поттикнал директниот дијалог меѓу Косово и Србија, со образложение дека дијалогот е најдобар начин да се надминат пречките од минатото.Македонскиот претседател на средбата го отворил и прашањето за статусот на Гораните-Македонци во Косово и изразил очекување дека на престојниот попис во 2011-та година ќе биде овозможено слободно изразување на ова население, како и обезбедување на пристап до институциите.На средбите на Иванов со Вујановиќ и Топи било разговарано за енергетско и инфраструктурно поврзување меѓу земјите. Информирајќи ги за последната средба со рускиот претседател Дмитриј Медведев и челниците на Гаспром, Иванов ги повикал претседателите да размислат за нивно вклучување во гасоводот „Јужен поток“.На средбите со тројцата претседатели било изразено и охрабрување за соработка во борбата против организираниот криминал.На заедничката средба што четворицата претседатели ќе ја имаат попладнево, Иванов ќе понуди Македонија догодина да биде домаќин на третата регионална средба од овој формат, со очекување дека на неа ќе учествуваат и српскиот и грчкиот претседател, Борис Тадиќ и Каролос Папуљас.Денешниот регионален самит се одржува во близина на косовскиот град Призрен. За него постои голем интерес кај медиумите од регионот. Првата средба на четворицата претседатели се одржа лани во Валона, Албанија
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.