Македонија
Транспарентност нулта корупција:Пропусти во случајот против Пауновски
Пропусти во кривичната постапка што се водела против екс министерот за одбрана Љубен Пауновски, кои би можеле да го сменат текот на постапката и кои би можеле да влијаат на конечната одлука, обелоденува невладината организација Транспарентност нулта корупција.
На барање на Пауновски, организацијата постапувала по овој предмет и ги анализирале сите документи кои биле користени во текот на постапката, при што утврдиле низа пропусти во органите кои го воделе случајот, од истрагата преку обвинението до работата на судот.
Ниту вештаците, ниту одбраната, ниту судијата не забележале дека на тие документи постојат ознаки за строга доверливост.
„Во случајов постоел договор меѓу Министерството за одбрана и Агенцијата за стокови резерви во којшто договор од 1995 година во член 13 од тој договор точно е утврдено дека податоците од овој договор и неговите подоцни измени и дополненија како и целокупната документација во врска со неговата реализација се сметаат за службена тајна во смисла на член 5 точка 5 од Уредбата за критериумите и мерките за заштита на тајноста на податоците од значење на одбраната и ќе се степенува со „Одбрана“, „Државна тајна“ и „Строго поверливо“ . Согласно ова општите правила за јавни набавки не можеле да бидат применети во овој случај“ изјави претседателката на Транспарентност нулта – корупција, Слаѓана Тасева.
Според неа, ова е ситуација која надлежните институции морале да ја утврдат во постапката.
„Ова е само еден случај кој покажува како не треба да се води борбата против корупцијата. Битна е само вистината и правото и владеењето на правото, правната сигурност и секогаш да настојуваме да излеземе на крај со корупцијата користејќи законски средства“ додава Тасева.
Екс – министерот Пауновски беше осуден на три пол годишна казна затвор за злоупотреби, односно поради тоа што дозволил фирма зад која стоеле неговиот дедо и баџанак да изврши набавки на храна за потребите на АРМ.
Освен овој случај од 2001, организацијата најави дека еднаш месечно ќе објавува случаи преку кои ќе се анализира практиката на надлежните државни органи за случаи поврзани со корупција, во рамки на кампањата „Верувале или не антикорупциски скандали“.
Тасева верува дека и случајот со минситерката за култура Елизабета Канческа Милевска „Патриотска метла“ ќе стане дел од нивните случаи.
„Надлежните институции треба да ја погледнат постапката за да се утврди фактичката состојба и да се утврди одговорноста на сите чинители и актери во овој случај. И првиот човек на институцијата треба да утврди колкав е степенот на неговата одговорност согласно нормите коишто важат за таа позиција“ вели Тасева.
Во врска со сметкопотврдата што ја приложи министерката за култура Канческа, на која нема датум кога се вратени парите во министерството, Тасева вели дека ова треба да се истражи.
„Според нормите, битен момент е дали лицето го направило дејствието откако некој друг ќе дознае за тоа. Значи фактот дека се вратени парите, дали се вратени пред да се дознае за тоа или се вратени откако почна да се шири приказнава. Доколку се вратени претходно, институциите може да ја разгледуваат можноста за евентуална одговорност, а доколку се вратени откако се дознало за случајот тогаш апсолутно треба да се испитува во согласност на законите колкав степен и каква одговорност може тука да се бара“ вели Тасева./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гласањето на затворениците и болните се одвива без проблеми, велат од ДИК
Денес, 2.569 гласачи своето право на глас ќе може да го остварат во 31 гласачко место во ДКП, каде што се пријавиле да гласаат, а чии пријави се прифатени од страна на Државната изборна комисија.
На гласачките места во 14 казнено-поправни установи своето гласачко право денеска ќе може да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
До овој момент гласањето тече без проблеми. Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе може да го остварат и двајца гласачи, кои се водат како внатрешно раселени.
Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Северна Македонија ќе го спроведат гласањето на лица што се болни или немоќни, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 6.935 граѓани, кои се пријавиле како болни или немоќни.
Денес, 534 гласачи, кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа, ќе имаат можност да го остварат своето право на глас во центарот во кој се сместени. Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни, странски и меѓународни организации и медиуми. Државната изборна комисија досега им издаде акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари. На сите граѓани на располагање им се и интернет-страницата на ДИК, www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“, X, „Инстаграм“, како и каналот на „Јутјуб“, каде што ќе може да најдат правовремени и точни информации поврзани со изборите.
Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.
Македонија
Инспекторатот ќе контролира дали работодавците ја почитуваат владината одлука за неработен ден
Државниот пазарен инспекторат им укажува на сите работодавци дека во согласност со заклучокот на техничката Влада деновите на изборите – 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) – се неработни за сите граѓани.
„Работодавците во наведените денови не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние кај кои работните процеси поради својата природа не може да се прекинат“, порачаа од Инспекторатот.
За наведените денови, Државниот пазарен инспекторат ќе воведе дежурства и преку државните пазарни инспектори ќе контролира дали заклучокот на техничката Влада се почитува од страна на работодавците.
Македонија
ДИК објави упатство за гласање на претседателските избори
Пред утрешното гласање на првиот круг од претседателските избори, Државната изборна комисија (ДИК) на својата официјална веб-страница објави повеќејазично упатство за гласање.
УПАТСТВО ЗА ГЛАСАЊЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ
1. Гласањето се врши лично на гласачките места во Република Северна Македонија и во ДКП/КК.
2. Избирачкиот одбор на гласачите им го објаснува начинот на гласање и им овозможува да гласаат.
3. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.
4. Гласачот го приложува документот за лична идентификација – важечка лична карта или патна исправа, односно лична
карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.
5. Гласачот става отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација, а доколку
гласачот нема десен показалец се зема отпечаток од показалецот од левата рака или во случај на гласачот да му
недостигаат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака.
6. Доколку гласачот нема две раце гласачот се внесува во техничката опрема со пребарување преку неговиот единствен
матичен број (ЕМБГ).
7. Доколку УБИГ не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прсти со отпечатокот од прсти на гласачот во
електронскиот избирачки список, гласачот се внесува во УБИГ преку отчитување на личниот документ на МРЗ скенерот
или преку внесување на единствениот матичен број (ЕМБГ), а потоа гласачот става отпечаток од прст на УБИГ.
8. По потврдувањето на идентитетот, гласачот го става својот потпис во изводот од Избирачкиот список.
9. Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, му задолжително се става печат на предната страна
на местото определено за печат и потоа му се дава на гласачот.
10. Гласачот добива едно гласачко ливче.
11. Гласачот гласа сам, тајно зад гласачки параван.
12. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот/името на листата со хемиско
пенкало со мастило во сина боја.
13. Превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија.
14. Гласачот го подигнува документот за лична идентификација.
15. Гласач кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Изборниот
законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако не доведе со себе лице кое ќе му
помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на гласачите. Лицето не смее да
влијае врз одлуката на гласачот.
16. Забрането е семејното и групното гласање, како и гласањето за друго лице.
17. Забрането е фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање.
18. Забрането е носење оружје на гласачкото место.