Македонија
Премиерот се сретна со министерот за одбрана на Турција
Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска оствари средба со министерот за национална одбрана на Република Турција,Веџди Ѓонул, информира секторот за односи со јавноста при македонската влада. На средбата било изразено задоволството од одличните традиционално пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Турција кои се карактеризираат со висок степен на доверба и меѓусебно разбирање, како и успешна соработка во повеќе области од заемен интерес, вклучително и во областа на одбраната. Премиерот Груевски изразил благодарност за досегашната логистичка поддршка од Република Турција на планот на опремување, едукација и обука на АРМ. Во овој контекст, претседателот Груевски изрази задоволство од денешното потпишување на Воениот грант меѓу Министерството за одбрана на Република Македонија и Министерството за национална одбрана на Република Турција, со што уште еднаш се потврдува добрата волја и желба за помош и соработка. Двајцата соговорници заклучиле дека квалитетот на односите меѓу двете земји континуирано се развива во повеќе сегменти и достигнува степен на стратешко партнерство. крај/со/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССМ повика на првомајски протест: Бараме враќање на трошоците за храна и превоз и минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) повика на првомајски протест за враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на платите во првите 100 дена од новата влада. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов најави дека пораките испратени од првомајскиот протест треба да бидат црвен аларм за сите оние кои ќе го очекуваат гласот на работниците на осми мај.
„Ние работниците излегуваме на протест и на Први мај ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право кое го изгубивме во 2009 година поради бруто системот за пресметка на плати во Македонија. Ќе бараме зголемување на платите и тоа во првите 100 дена од новата влада, особено зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, онолку колку што истата изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“, рече претседателот Трендафилов.
Трошоците за храна и превоз кои ССМ бара да се вратат во пресметките за плата, изнесуваат 20 отсто од просечната плата. Според сегашните пресметки, ако од минималната плата се одбијат овие трошоци и давачките кои сега се плаќаат, излегува дека работниците кои имаат минимална плата, работат за 14.000 денари.
„Бараме 20 отсто од просечната плата за трошоци за превоз и за храна ако имаме предвид дека секојдневно поскапуваат не само реагенсите туку и трошоците за храна. Ако се има предвид синдикалната кошничка, над 20.000 денари изнесуваат трошоците за прехранување на едно четиричлено домаќинство. Зборуваме за леб и за вода, не за повеќе. Сметаме дека трошоците за храна и за превоз треба да се вратат во платите на работниците ако имаме предвид дека 22.500 е минималната плата од месец март, доколку ги пресметате трошоците за храна и за превоз, согласно даночните ослободувања, ќе видите дека немате плата ниту 14.000 денари. Заради тоа работниците го очекуваат од нас барањето за враќање на трошоците за храна и за превоз“, рече Трендафилов.
Тој потсети на првомајскиот протест од 2018 година организиран под мотото „Гаси скара, касни плата“ за кое рече дека важи и денес оти доцнат плати во Македонски шуми, работниците во културата преку протести издејствуваа усогласување и исплата на платите, а повеќе од 20.000 работници, според податоците од Управата за јавни приходи, земаат плати пониски од минималната.
„Да не се лажеме, ако не излезете на протест нема да добиеме ништо. Колку ќе дојдеме, колку ќе излеземе на протест, толку и ќе добиеме. Доколку очекувате во наредните пет години некој кога ќе ја води државата да ве слушне сте се излажале. Денеска е моментот кога треба да излезете на улица и да кажете што барате од сите тие кои очекувате да ја водат државата“, повика Трендафилов.
Заедно со протестот, Трендафилов најави дека работниците ќе го бранат и Работничкиот дом од институциите кои го преземаа. „Нека дојдат и нека си ја пробаат среќата“, порача тој.
Протестот Ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом ќе продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и ќе заврши пред Владата каде работниците ќе ги упатат пораките, ќе кажат зошто не се задоволни и ќе им кажат на оние кои го чекаат гласот од нив дека треба да се погрижат повеќе за работниците.
Македонија
УЈП: До 26 април продолжен рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите
Управата за јавни приходи информира дека пропишаниот рок за поднесување на пријавите за данокот на додадена вредност, ДДВ-04, кој истекува на 25.4.2024 година, се продолжува за еден ден.
Според соопштението од УЈП, краен рок за поднесување на пријавите ДДВ-04, ќе се смета 26.4.2024 година имајќи ја предвид владината одлука, со која 24.4.2024 година (среда) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.
Македонија
Гласањето на затворениците и болните се одвива без проблеми, велат од ДИК
Денес, 2.569 гласачи своето право на глас ќе може да го остварат во 31 гласачко место во ДКП, каде што се пријавиле да гласаат, а чии пријави се прифатени од страна на Државната изборна комисија.
На гласачките места во 14 казнено-поправни установи своето гласачко право денеска ќе може да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
До овој момент гласањето тече без проблеми. Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе може да го остварат и двајца гласачи, кои се водат како внатрешно раселени.
Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Северна Македонија ќе го спроведат гласањето на лица што се болни или немоќни, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 6.935 граѓани, кои се пријавиле како болни или немоќни.
Денес, 534 гласачи, кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа, ќе имаат можност да го остварат своето право на глас во центарот во кој се сместени. Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни, странски и меѓународни организации и медиуми. Државната изборна комисија досега им издаде акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари. На сите граѓани на располагање им се и интернет-страницата на ДИК, www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“, X, „Инстаграм“, како и каналот на „Јутјуб“, каде што ќе може да најдат правовремени и точни информации поврзани со изборите.
Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.