Македонија
Фуере: Неприфатлива е практиката на бојкот
Практиката на бојкот на парламентот е неприфатлива, поради тоа што политичкиот дијалог е единствениот начин земјата да се соочи со сите препораки содржани во извештајот на Европската Комисија,
Ова во вторникот го изјави евроамбасадорот Ерван Фуере во Тетово, по средбата со лидерот на опозициската ДПА, Мендух Тачи. Притоа евроамбасадорот повика сите политички лидери во земјата да сторат се за политичкиот дијалог да биде повторно воспоставен.„Мислам дека праксата на бојкот е неприфатлива за Европската Унија и за Собранието каде што треба сите прашања со кои се соочува земјата да бидат дискутирани. Но, факт е дека има парламентарна криза во земјата. Од друга страна, навистина е важно владата со лидерите на сите политички партии да ги направат сите напори се со цел да ги усвојат препораките содржани во извештајот на Европската Комисија. Јас мислам дека таму многу јасно стои дека политичкиот дијалот е единствен пристап кон соочување со сите предизвици што постојат во земјата“, изјави Ерван Фуере.Од својата страна, Мендух Тачи порача дека неговата партија ќе се врати во парламентот во оној момент кога ќе се створеле услови за, како што рече здрав, демократски дијалог.„Потребно е да се исполнат условите за еден здрав, демократски политички дијалог со цел да се вратиме во парламентот. Ако ова се исполни, враќањето ќе биде само техничка работа“, рече Тачи.Покрај бојкотот на парламентот, тема на разговор на средбата на Фуере со Тачи бил и Охридскиот рамковен договор и престојниот попис на населението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, да излеземе уште помасовно на 8. мај
Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати, да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација на Македонија, порача ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од претседателските избори.
„Народот избра промени. Македонија повторно ќе биде горда и твоја.
Огромната поддршка на народот обврзува за промени и брзи резултати, работата не е завршена, црвениот картон граѓаните ќе го дадат на 8-ми мај.
На 8-ми мај СДС ќе доживеат уште поголем пораз, затоа што народот сака промени, и просперитет за Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на напорна работа и експресни резултати по 8-ми мај, народот мора брзо да ги почувствува промените и Македонија да тргне напред.
По 8-ми мај Македонија ќе тргне по патот на економска обнова, поголеми плати и пензии, развиена инфраструктура, квалитетно образование, здравство какво што заслужува секој човек. По 8-ми мај следува економска трансформација на Македонија.
Ги повикуваме граѓаните уште помасовно да излезат во вториот круг и да ги потврдиме промените. Народот ќе си ја врати Македонија.
Македонија повторно твоја“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите
Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори, каде како и во 2019 година ќе се соочи со нејзиниот опонент Стево Пендаровски.
Според пребројани 99,85 отсто од гласовите, Силјановска освои 362.682 гласа, или 40,08 отсто, додека Пендаровски првиот изборен круг го завршува со 180.306 гласа, односно 19,93 отсто.
Зад нив е Бујар Османи од Европскиот фронт со освоени 120.903 гласа (13,36 отсто), потоа Максим Димириевски од ЗНАМ со 83.787 гласа (9,26 отсто), Арвен Таравари од ВРЕДИ со 83.356 гласови (9,21 отсто). Следна е Билјана Ванковска од Левица со освоени 41.172 гласа (4,55 отсто) и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 0,90 отсто, односно 8.103 гласови.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.