Македонија
Законот за лустрација изгласан во првo читање без опозицијата
Парламентот со 63 гласа „за“ и двајца „против“ ги изгласа измените на Законот за лустрација, во прво читање.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељановски пред гласањето повторно ги повика пратениците од опозицијата да се вратат во Парламентот, и како што рече, да учествуваат во гласањето на важни закони.
Со измените се предвидува да се зголеми временскиот опфат, т.е. законот да важи од август 1944 година сè до траењето на Законот. Ќе биде зголемен и опфатот на лица што ќе бидат лустрирани зашто ќе важи и за уредниците и новинарите во медиумите, членовите на МАНУ, медијаторите, адвокатите, лицата од високообразовните институции и од политички и верски организации.
Со измените се уредува и основањето и надлежноста на Комисијата за верификација на факти како и постапката на лустрирањето пред Комисијата и судот за утврдување несоработка со органите на државната безбедност и правните последици од таквата соработка.
До Комисијата за лустрација ќе се доставуваат само оригинални документи. Комисијата ќе води регистар кој по лустрацијата ќе го достави до Државниот архив на РМ за да има податоци доколку некое лице во иднина биде избрано за носител на јавна функција.
Доуредени се и одредбите во однос на составот на Комисијата, начинот на избор и мандатот на претседателот и заменик–претседателот, се професионализира вршењето на функцијата член на Комисијата за верификација на факти и ќе се продолжи примената на Законот – од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот на десет години од денот на изборот на составот на Комисијата за верификација на факти.
Пратеникот Стојан Андов кој е предлагач на законот за лустрација, посочи дека законот не треба да биде усвоен без консензус.
Вели дека кога се гласал Законот за лустрација, во двете фази било гласано со консензус. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и Бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Идната наша влада ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Главен фокус на идната влада во здравството ќе биде укинување на дуализмот. Ќе се спроведе спојување на клиниките во еден интегриран Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“. Интегриран Клинички центар во Скопје ќе значи подобри услуги за пациентите и намалување на трошоците при јавните набавки, кои ќе бидат вршени централизирано. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заокружи целиот процес со Клиничкиот центар во Скопје со изградба на нов објект“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, истовремено владата ќе биде силно фокусирана и на довршување со градбата на Клиничката болница во Штип.
„По изградбата на Клиничката болница истата ќе биде опремена со најсовремена опрема и истата ќе се доекипира со соодветен медицински кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го има здравјето на граѓаните на прво место, затоа континуирано ќе вложуваме во здравството. Време е да ја вратиме државата на народот“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.