Македонија
Османи : Секоја општина да си ги згрижи наркозависниците
Градоначалниците на општините од град Скопје да ги реализираат и имплементираат заклучоците од последниот состанок со Министерството за здравство и секоја општина да си обезбеди локација за зависниците од својата општина.
Порача министерот за здравство Бујар Осман кој денеска ја посети Kлиниката за Токсикологија и рече дека во некои општини од кои едната е Шуто Оризари , ситуацијата е алармантна и дека под итно е неопходно отворање на центар за наркозависници.
„Предложивме варијанта секоја општина да си обезбеди простор и објект за зависниците кои се нејзини жители, а Министерството ќе обезбеди медицински персонал и метадон или бубренорфин за лекување на тие пациенти. Тие покажаа добра волја и очекувам што побрзо да се обезбедат тие локации“ рече Османи.
Тој додаде дека постои опасност од незгрижување на овие пациенти и експлозија на епидемија во некоја од општините каде има поризично однесување на зависниците а има такви општини во Скопје каде е можна епидемија на ХИВ/СИДА.
„Ги повикувам локалните самоуправи да ја разбијат стигматизацијата и стравот од оваа категорија на пациенти.Оваа клиника се наоѓа во центарот на градот а ние тука примаме зависници од дрога и никакви проблеми досега не сме имале.Не ги двоиме пациентите во различни соби , тие лежат со останатите пациенти“ порача Директорот на Клиниката за Токсикологија Андон Чибишев.
Тој формираше дека додека пациентите се хоспитализирани на Клиниката ,детоксикацијата е на сметка на Клиниката а откако ќе бидат пуштени во наредните два до три месеци сами си ја купуваат терапијата.
„Ако тие во наредните два до три месеци по завршување на хоспиталниот дел на лекување ги исполнат нашите критериуми ги внесуваме во Програмата за детоксикација со бубренорфин, која ја финансира Владата односно Министерството за здравство преку програмите за борба против болести на зависност “, рече Чибишев.
Чибишев информираше дека Клинката добила девет милиони денари за набавка на бубренорфин но и дополнителни три милиони денари за хоспитализирање на пациентите./крај/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.
Македонија
Апасиев: НАТО не носи демократија, НАТО е кршач на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за декларацијата на Собранието по повод четири години од членството во НАТО истакна дека Нато не носи демократија.
Нато, според него, е кршач на меѓународното право и повелбата на Обединетите Нации.
„Без дозвола на Совет за безбедност НАТО ја нападна Југославија во 1999 година, ја нападна Либија, го нападна Ирак и редици други држави.
Последниот пункт е дека народот сакал во НАТО. Не е точно. Не е испочитуван член 120 од уставот кој што вели: Одлуката за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинство од вкупниот број на избирачи. Референдумот во 2018 беше неуспешен и немаше цензус и оттука уставниот услов за да влеземе во НАТО не е испочитуван, што значи противуставно и против волјата на народот сме влезени во НАТО”, додава Апасиев.
Скопје
Арсовска избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денес во Совет на Европа на конгресот на локални власти едногласно е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво.
Арсовска минатата година беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, а годинава со нов мандат за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво ќе ги води и следи процесите на почитување на европскиот кодекс на однесување за сите лица вклучени во локалното и регионалното управување.
Нејзини надлежности, како што информираат од Град Скопје, меѓу другите, се да го координира и подобри влијанието на работата на конгресот за спречување на корупцијата во локалните власти, да известува за утврдени случаи на корупција на локални и регионални власти и да ја промовира стратегијата на конгресот за спречување на корупцијата и унапредување на јавната етика на локално и регионално ниво.
Арсовска ќе го претставува конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и справување со корупцијата, организира и координира активности со групата држави против корупцијата (ГРЕКО), со цел идентификување и размена на добри практики, решенија за предизвиците и начини за промовирање на јавната етика и спречување на корупцијата.