Македонија
Средба на шефовите на полициите од југоисточна Европа
Шефовите на полициите на земјите од југоисточна Европа денеска се сретнаа во Скопје каде започна и Генералното собрание на асоцијацијата на шефовите на полициите од југоисточна Европа (SEPCA), чиј домаќин е македонското Министерство за внатрешни работи
„Како менаџери на полиции, разговаравме за повеќе теми, меѓутоа една од темите беше и трговијата со дрога. Разговаравме за создавање заеднички истраги, создавање заеднички тимови кои ќе работат на тие истраги, начин на собирање на информации и проверка на тие информации, како и размена на истите, до развивање на степен за тој случај да се предаде на работа на јавните обвинителства на нашите земји, коишто се засегнати со тој проблем и реализација на истите“, изјави претседавачот со на SEPCA, Љупчо Тодоровски.„Кога станува збор за борбата против организираниот криминал, тоа е еден од нашите приоритети во последните години, имаме намера на тоа да работиме и оваа година. Кога се во прашање приоритетите кои ги имаме сега, оваа и наредната година ние ќе се обидеме да се фокусираме на неколку работи. Организираниот криминал е еден проект. Мораме во меѓувреме да развиеме крим разузнавачка мрежа меѓу членките на асоцијацијата на подрачјето на југоисточна Европа, истовремено ја развиваме мрежата на полициски службеници на подрачјето на југоисточна Европа“ изјави Златко Вељовиќ, шеф на црногорската полиција, чија земја е нареден претседавач.На Генералното собрание покрај челните луѓе на полициите на повеќе земји од регионот, Албанија, Италија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Турција, Бугарија, Австрија, ќе учествуваат и претставници на повеќе меѓународни и други институции (Европол, Интерпол, американската ФБИ, Seci Центарот, MARRI, ОБСЕ, DCAF).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.