Македонија
Пајажина: Четворица од обвинетите тврдат дека не се виновни
Четворица од обвинетите за случајот „Пајажина“, братот на сопственикот на А1 телевизија, Велија, Амди Рамковски, управителите Невин Рауф, Зоран Мицевски и ќерката на Велија, Емел Рамковска
Четворица од обвинетите за случајот „Пајажина“, братот на сопственикот на А1 телевизија, Велија, Амди Рамковски, управителите Невин Рауф, Зоран Мицевски и ќерката на Велија, Емел Рамковска денеска дадоа исказ пред судскиот совет. Сите тврдеа дека се невини, но само Мицевски одговараше на прашањата на судот и обвинителството.
Амди Рамковски наводите во обвинителниот акт ги смета за произволни, недокажани и невистинити и истите ги отфрла. Амди Рамковски во својата одбрана тврди дека не е дел од никакво злосторничко здружување и дека со никој од обвинетите не заговарал или договарал било какво криминално поведение.
Тој бил совесен стопанственик и никогаш немал намера да избегне плаќање на било какви давачки кон државата. Сите банкарски трансакции, Амди Рамковски тврди дека биле извршени во овластени банки и со одобрување од Народната банка, за кои постоеле документи.
Невин Рауф, која работела како комерцијалист во А1 телевизија збунета пред судскиот совет велеше дека не ја разбира својата вина во обвинението, но сепак даде своја одбрана во која ги отфрли делата за кои се товари. Таа истакна дека во периодот од 2006 до 2010 година биле наведени многу фактури, за кои не можела да зборува без да ги види. Таа одби да одговара на прашањата на судот, обвинителството, полномошникот и бранителите на другите обвинети.
Управителот на „Акстра трејд“, Зоран Мицевски рече дека книговодствената докуменатција во фирмата каде бил управител ја водело сметководството. Тој не вршел влијание врз нивната работа бидејќи не бил стручен, а тој бил задолжен за одбирање на работен персонал, нивна обука и контрола. Не бил припадник на никакво злосторничко здружение и не добивал налози за работа од Рамковски.
И ќерката на Велија, Емел Рамковска пред судскиот совет рече дека не е виновна за ниедно дело за кое ја товари обвинителството. Во периодот од 2006 до 2009 година таа со семејството живеела и работела во Турција, а во Македонија доаѓала само за празници.
Таа побара да и се замени притворот со домашен притвор и судот да и дозволи да биде мајка, за да ги чува и воспитува своите три малолетни деца.
Вчера пред Судскиот совет исказ даде првообвинетиот во случајот Пајажина, Велија Рамковски. Во своето излагање тој ги отфрли како невистини обвиненијата кои го товарат за злосторничко здружување, перење пари, даночно затајување и злоупотреба на службената положба.
Во своја одбрана Велија Рамковски тврдеше дека не е виновен за делата кои му се ставаат на товар и дека не постои никаква злосторничка група. Според него, тоа биле деловни и финансиски односи меѓу компаниите.
Обвинителството го товари Рамковски, за основање на 24 фирми во Македонија и странство кои биле раководени од останатите обвинети, негови роднини и блиски соработници.
Според обвинението, Рамковски и соработниците преку меѓусебно плаќање невистинити фактури и фиктивни позајмици, вршеле перење пари и избегнувале плаќање данок.
Се переле пари преку повеќекратно плаќање на исти веќе претходно платени фактури, и тоа на странски фирми кои според обвинителството биле раководени од злосторничко здружение./крај/макфакс/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ромите за Демократија: Членови на СДСМ се закануваa на Ромите набљудувачи на изборите
Денес, додека Северна Македонија ги организира своите претседателски избори, се појави голема загриженост за безбедноста и интегритетот на изборниот процес. Членовите на фондацијата „Ромите за Демократија“, кои се набљудувачи на изборите, беа изложени на сериозни закани и заплашувања од членови поврзани со партијата СДСМ, се истакнува во соопштението на оваа фондација.
Додаваат дека како одговор на овие алармантни случувања, фондацијата „Ромите за Демократија“ испратила официјално писмо до лидерот на партијата СДСМ, во кое бараат итна акција.
Во писмото, како што појаснуваат, се повикува на итна истрага за заканите кон ромските изборни набљудувачи и се нагласува потребата од брзи и соодветни санкции против сите вклучени членови на партијата.
Фондацијата „Ромите за Демократија“ најостро го осудува овој чин на заплашување што се применува врз ромските набљудувачи на изборите“, изјави Селвије Мустафи Алкан, извршен директор на Фондацијата.
„Безбедноста на сите набљудувачи на изборите мора да бидат гарантирани за да се обезбеди интегритет на изборниот процес и да се поддржуваат принципите на демократијата“.
Во писмото дополнително се бара одговор од лидерот на партијата СДСМ до крајот на денот, во кој се наведени чекорите преземени за решавање на ситуацијата и спречување какви било дополнителни инциденти. Непочитувањето, како што велат, ќе резултира со информирање на меѓународната заедница, нагласувајќи ја одговорноста на партијата за безбедноста на набљудувачите на изборите.
„Нема да толерираме никакви закани или насилство врз оние кои се посветени на обезбедување слободни и фер избори“, продолжи Алкан. „Партијата СДСМ мора да ги почитува принципите на демократијата и да преземе итни активности за да ја обезбеди безбедноста на ромските набљудувачи на изборите“, истакнуваат од оваа фондација.
Македонија
Две лица од Скопје го искинале гласачкото ливче, неколкумина го фотографирале
Во 14 часот е пријавено дека на избирачко место во Штип М.Ш. (23) го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок, соопшти МВР.
Полициски службеници од СВР Штип го привеле Г.Ј. (34) од с. Тработивиште затоа што го фотографирал гласачкото ливче. Според полицијата по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
„Во 15.30 часот е пријавено дека на избирачко место бр. 1680 во с. Сопот Р.А. од с. Сопот го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок.
Во 15.40 часот е пријавено дека на избирачко место бр. 2880 во Скопје Р.Х. (72) го скинал гласачкото ливче. Р.Х. е приведен и по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
Во 15.50 часот е пријавено дека во избирачкото место бр.2783 во Скопје Б. С. (48) го скинала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок“, информираат од МВР.
Македонија
Максим Димитриевски: Народот одлучува за иднината на Македонија
Народот одлучува за иднината на Македонија, порача кандидатот за претседател, Максим Димитриевски по гласањето.
„Jас го остварив своето право и гласав. Народот одлучува за иднината на Македонија! Посакувам демократски избори и можност граѓаните самостојно да одлучат!“, рече Димитриевски, споделувајќи фотографии од гласањето.