Македонија
Македонската дијаспора бара екскомуникација на грчкиот митрополит Антимос
Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) го повикува Светиот и Духовен Синод на Цариградската патријаршија јавно да го осуди грчкиот митрополит Антимос за повикување на насилство и да иницира постапка за негова непосредна екскомуникација од црквата.
Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) го повикува Светиот и Духовен Синод на Цариградската патријаршија јавно да го осуди грчкиот митрополит Антимос за повикување на насилство и да иницира постапка за негова непосредна екскомуникација од црквата. Ова е реакцијата на македонската дијаспора по минатонеделната проповед на митрополитот Антимос од Солун кога ја повика грчката младина и другите да ја уништат радио станицата на македонски јазик која допрва треба да почне да емитува програма во Овчарани.“Антимос е срамна непријатност за цело православие и треба да биде лишен од својата титула од Цариградскиот патријарх и од Светиот и Духовен Синод“, рече Методија Коловски, претседател на ОМД. “Оваа реторика е варварска и штетна за Грција, за Цариградската патријаршија и за Грчката православна црква. Наместо да ги промовира христијанските вредности за мир, толеранција и заедништво, Антимос ја користи својата позиција и ја потикнува грчката нација на етничка омраза и насилство. Како христијански лидер, говорот на Антимос е целосно неприфатлив и тој заслужува екскомуникација, бркање од црквата“.На 14 август митрополитот Антимос изјави: “Кај нас се уште има некои од тие кои беа оставени тука од Граѓанската војна, како што ние го нарекуваме – тежок период. Тие не заминаа на другата страна и останаа, тука со нас … И сега тие се револтирани и поттикнати од странство, од скопската пропаганда… Затоа се обративме до Министерството за внатрешни работи и до заменик-министрите одговорни за медиумите да ни кажат дали е вистина дека во Мелити (Овчаране) ќе има радио станица. Ако одговорот е да, тогаш јас, со младината и кој било кој друг што сака, со најмалку 40 или 50 автобуси ќе одиме таму, и заедно со нашите браќа од Флорина и од Мелити сето тоа ќе го уништиме. Работата поинаку не може да се заврши“.“Употребата на грчкото свештенство како инструмент на грчката држава да ги тероризира Македонците во северна Грција има долга и крвава историја. Само да се потсетиме на владиката Германос Каравангелис кој нареди обезглавувања на Македонците по улиците на Костур“, речеМарк Бранов, уредникот на списанието на ОМД Глас. ОМД ги повикува Македонците во Овчарани и градоначалникот на градот, Панајотис Анастасијадис (Панде Ашлаков) да отворат случај против митрополитот Антимос пред грчкото Јавното обвинителство. Јавниот повик на митрополитот Антимос за насилство е јасно прекршување на грчкиот закон, а јавниот обвинител мора да интервенира, смета ОМД./крај/макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Македонија
Митрески – Бомгартнер: Северна Македонија и Франција имаат одлични односи, меѓусебната соработка и поддршка ќе се продлабочат
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денес оствари средба со aмбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер.
Изразувајќи задоволство од одржувањето на средбата, Митрески ја констатира одличната соработка меѓу двете држави и особено соработката на парламентарен план.
Амбасадорот Бомгартнер, честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, се сложи со констатациите за интензивираната динамика на меѓусебна соработка. Во тој контекст ги поздрави средбите на парламентарци од Собранието на Република Северна Македонија и Националното собрание и Сенатот на Француската Република во изминатите години како позитивен тренд што треба да продолжи и во иднина.
Информира за претстојната посета на претседателката на групата за пријателство, Лилијана Танги, на земјата, како дел од набљудувачката мисија на ОБСЕ за претстојните претседателски и парламентарни избори.
Беше особено поздравено одржувањето на втората едукативна активност во Собранието „Имам став – Млад франкофонски парламент“, во рамките на одбележувањето на март – месец на франкофонијата, еден исклучителен настан и манифестација која полека прераснува во убава собраниска традиција.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните собраниски активности, текот на изборите и конституирањето на новиот парламентарен состав. Беше изразена општа согласност за потребата од унапредувањето на соработката во доменот на културата, економијата, енергетиката и други области од заемен интерес за двете земји, како и за потребата од зголемување на бројот на француски инвестиции во земјата.