Македонија
Младите бараат одговорност од обвинителот за случајот со Мартин Нешковски
Со извици „Нема правда, нема мир“ и транспаренти „Слеп обвинител, селективна правда“ група млади граѓани фатени за раце пред влезот на зградата на Основното јавно обвинителство протестираа незадоволни од
Со извици „Нема правда, нема мир“ и транспаренти „Слеп обвинител, селективна правда“ група млади граѓани фатени за раце пред влезот на зградата на Основното јавно обвинителство протестираа незадоволни од обвинителниот акт за случајот со Мартин Нешковски, во кој се бара одговорност само од „тигарот“ Игор Спасов, а нема одговорност за полицајците кои биле на местото на инцидентот вечерта кога беше убиен младиот Нешковски.
Движењето „Стоп за полициската бруталност“ ќе поднесе претставки до скопскиот јавен обвинител, вишото обвинителство Скопје и републичкиот јавен обвинител за утврдување на дисциплинска одговорност на обвинителката пред советот за јавни обвинители. До Основното јавно обвинителство поднеле и кривични пријави против непознати полициски службени лица.
„Со покренувањето на обвинителниот акт, нашите институции покажаа дека дефинитивно немаат способност за контрола врз полицијата. Ние сме разочарани и револтирани од одлуката на обвинителката да го гони само „тигарот“ Игор Спасов, односно само едно лице. Сите индиции покажуваат дека има огромни пропусти во истрагата. Според меѓународни стандарди, инволвираните полицајци според сите очевидци во обвинителниот акт, му дозволиле на обвинетиот да го напушти местото. Значи може да одговораат за непријавување на кривичното дело или сторителот“ вели Предраг Ристиќ од Движењето „Стоп за полициската бруталност“.
Освен овие пропусти тие велат дека обвинителството воопшто не ги побарало видео камерите кои се поставени на плоштад. Го повикаа обвинителството и судот да обрнат посебно внимание на изјавите од сведоците кои своите искази ги дале по исказот на Игор Спасов, како и изјави на сведоци кои се вработени во МВР.
Пред основното јавно обвинителство беа и родителите на Мартин Нешковски.
„Има уште луѓе кои што треба да одговараат. Со ова обвинение ние не сме задоволни во никој случај. Не може тие што му помагале на Спасов да бидат сведоци и бараме да се прошири делото“ изјави мајката на Нешковски.
„Настанот се прикриваше од највисоките државни органи, од Министерството за внатрешни работи“ изјави таткото на Нешковски, кој пред зградата на Обвинителството извикуваше „Доста ни се опструкции“.
Од Здружението најавија дека ќе поднесат претставки и до меѓународните фактори, како и до Меѓународниот суд во Стразбур. Движењето започна и граѓанска иницијатива за предлагање на Закон за надворешна независна и граѓанска контрола на полицијата. За оваа цел ќе ја искористат законската можност за собирање на 10.000 потписи, по што иницијативата со конкретни предлози ќе биде испратена во Собранието.Мартин Нешковски беше претепан до смрт додека се славеше изборната победа вечерта на 5 јуни на плоштадот Македонија. За смртта на момчето се дозна по два дена, кога осомничениот за убиството, Игор Спасов се пријави сам во полиција. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.
Македонија
Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ-и заедницата и поткопана слобода на изразување, забележа Стејт департментот во извештајот за човекови права во Македонија
Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.
Извештајот меѓудругото нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, вели извештајот.
„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“.
Анкетите покажале силна недоверба на јавноста кон судството.
„Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.