Македонија
Македонија очекува и бара старт на пристапните преговори со Европската Унија
Премиерот Никола Груевски и шефот на дипломатијата, Никола Попоски побараа Европскиот Совет да ја валоризира третата по ред препорака на Европската Комисија и во декември да одреди датум за старт на пристапните преговори со Македонија.
Премиерот Никола Груевски и шефот на дипломатијата, Никола Попоски побараа Европскиот Совет да ја валоризира третата по ред препорака на Европската Комисија и во декември да одреди датум за старт на пристапните преговори со Македонија.
На отворањето на денешниот состанок „Европските предизвици на земјите од Западен Балкан“ во Скопје, на кој учествуваат министрите за евроинтеграции од западниот Балкан, премиерот Груевски, говорејќи за реформскиот процес во земјата, побара од Европската Унија билатералните прашања да не бидат пречка за европската иднина на регионот.
„И покрај сета апсурдност на спорот со името, Македонија е активна и конструктивна во разговорите со Грција за надминување на разликите околу името, кои се водат под покровителство на Обединетите Нации. Она што е потребно е и грчката страна активно и конструктивно да придонесе во разговорите со цел без натамошно одлагање да се изнајде заедничко прифатливо решение кое нема да наштети на јазичната и културната самоидентификација ниту на македонскиот, ниту на грчкиот народ. Сметам дека напредокот на земјите аспиранти во исполнувањето на Копенхашките критериуми треба да остане единствен критериум за напредок кон членството во Европската Унија. Билатералните прашање не треба да го држат во заложништво пристапниот процес на Балканот, затоа што тој е круциален фактор за земјите од регионот“, рече Груевски.
„Европската Комисија останува наш кредибилен партнер, би рекол наш вистински добронамерен ментор во евроинтегративниот процес. Сепак, по обновената препорака, очекуваме земјите членки во Советот на Европската Унија да се раководат од заедничкиот ЕУ-интерес и во декември 2011 година да успеат да постигнат консензус и да ја донесат одлуката за почеток на преговори со Македонија“, рече Попоски.
За преставниците од Унијата, кои ја поздравија повторената препорака за старт на преговорите со Македонија, интеграцијата во Европската Унија е најдобар начин за надминување на проблемите со кои се соочува регионот.
„За нас многу важна вест е фактот што уште еднаш нагласуваме и му препорачуваме на Советот уште еднаш да ги отвори преговорите со Македонија. Мислам дека ова е важен елемент и важна точка и уште еднаш признание за напорите што вие ги правите“, рече Стефано Санино, директор на Генералниот директорат за проширување во Европската Комисија.
„Доколку работиме на пристапувањето на вистински начин, тоа не треба да се гледа како предизвик, туку како придонес во решавањето на проблемите со кои сите земји се соочуваат“, рече европратеникот Ричард Хауит, известувач за Македонија во Европскиот Парламент.
Учеството на конференцијата, на која е и косовската министерка Влора Читаку, во последен момент го откажа српскиот вицепремиер Божидар Ѓелиќ.
„Жал ми е што, иако беше прифатена како иницијатива, во последен момент беше откажано присуството на господинот Ѓелиќ. Секако, разбирајќи ги сите околности и комплексноста на Балканот, очекуваме дека во иднина западниот Балкан ќе успее да ги помине своите поделби и ќе гради една заедничка маса, маса на Европа која ќе биде поставена на Балканот“, рече вицепремиерот за европски прашања, Теута Арифи.
На денешната конференција, која е во организација на Секретаријатот за Европски Прашања, учествуваат и претставници на Албанија, БиХ, Црна Гора, Хрватска и Турција. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: ДУИ во Руско сценарио бара лек за изборниот пораз
Навреме предупредивме дека очајниот ДУИ смислил сценарио за предизвикување политичка криза после првиот круг на претседателските избори со цел да избегне чесно признавање на извесниот пораз. Нивен сон е техничката Влада на Талат Џафери да опстои повеќе од предвидените 100 дена, велат од коалицијата „Вреди“.
„Бујар Османи избегнува одговор на многу логичното прашање што правел како претседавач со ОБСЕ во текот на 2023 за оваа меѓународна институција да оцени дека постои потенцијал за нарушувањето на безбедноста во изборниот процес и го зголеми бројот на набљудувачи. Исто така молчи дали Османи како домаќин на Лавров го прашал за рецептот за суспендирање на демократската волја на граѓаните.
Но, контурите на ова руско сценарио полека излегуваат на виделина. Владата на Талат Џафери незаконски спречува поставување на началник и дополнителен началник на СВР Тетово за да може да ги злоупотребува партиските војници на ДУИ инсталирани во полицијата во кампањата. Потврда за ова е последниот скандал со училиштето во Житоша кое не само што е претворено во штаб на ДУИ, туку во него полицајци отворено агитираат за Али Ахмети, се фотографираат и објавуваат на социјалните мрежи“, реагираат од коалицијата.
Очекуваат како што велат, дека раководството на МВР соодветно ќе ги евидентира и санкционира овие девијации од страна на полициски службеници.
„Јасно им порачуваме на полициските службеници и останати кадри на ДУИ во државните институции, добро да размислат какви партиски задачи прифаќаат и спроведуваат. Ништо не може да ја смени реалноста. ДУИ после осми мај преминува во опозиција и за секој нивен кадар кој се огрешил пред законите ќе следи соодветна правосудна постапка. Добро е секој партиски активист на ДУИ да размислува трезвено и да не се впушта во незаконски авантури лажно верувајќи дека ќе продолжат кариерите на Али Ахмети, Бујар Османи и Артан Груби.
Знаеме дека исплашеното раководство на ДУИ и нивните коалициони другарчиња се подготвени на различни предизборни далавери, но треба да земат предвид дека на секој обид за спречување на слободно, фер и демократско гласање на Албанскиот народ, жестоко ќе одговориме“, додаваат во партиското соопштение.
Нагласуваат дека ништо не може да ги спречи промените. Гласачите, како што оценуваат, уште повеќе се мотивираат да гласаат против ДУИ кога ги гледаат овие нивни очајнички потези.
„Бранот е тргнат и тој секојдневно ќе расте додека не се претвори во цунами за ДУИ на изборите“, се потенцира во напишаното од коалицијата „Вреди“.
Македонија
Први април, вториот ден на Велигден, неработен за граѓаните од католичка вероисповед
Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр. 21/98 и 18/07), 1 Април 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден, според грегоријанскиот календар, е неработен за граѓаните од католичката вероисповед во Република Северна Македонија.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните од католичка вероисповед им го честита празникот.
Македонија
Донесено упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори
Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, со цел појаснување на начинот на примена на правилата од Изборниот законик, донесе упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024.
Со упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк, особено за периодот на преклопување на двата изборни процеса.
За време на изборната кампања за претседателските избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу седумте подносители на листи/кандидатите за претседател. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи/кандидатите за претседател, кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг.
За време на изборната кампања за парламентарните избори, радиодифузерите имаат право на дополнителни девет минути и триесет секунди за рекламирање реален час, исклучиво наменети за ППР. По потврдувањето на поднесените листи на кандидати за пратеници од страна на Државната изборна комисија, Агенцијата соодветно ќе го дополни упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарни избори 2024.
За време на изборниот молк за претседателските избори, на 23 и на 24 април (до 19 часот) 2024 година продолжува изборната кампања за парламентарните избори, но запира медиумското покривање во вестите и во посебните информативни емисии на учесниците во изборните кампањи за двата изборни процеса.
Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост.
Упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 е достапно на веб-страницата www.avmu.mk.