Македонија
Случај Чеврески: Никој не кажува кој го украл златниот синџир од убиениот другар
Кој го украл златниот синџир од вратот на Чеврески остана неразјаснето. Тројцата обвинети си ја префрлаа одговорноста. Првиот вели дека тоа е второбвинетиот, тој го посочува третообвинетиот кој пак го обвинува првообвинетиот.
Во Основниот суд 1 во Скопје денеска седум часа без прекин беа сослушувани обвинетите за убиството на Михајло Чеврески, момчето кое летоска беше најдено мртво со две прострелни рани во главата во близина на браната Козјак. Го убија и фрлија во грмушки неговите најдобри другари.Мотив за убиството е реченицата „Бегај бе наркоман еден, ти ќе ми кажеш”, нешто што Чеврески кој бил алкохолизиран му го кажал на егзекутурот, се дозна на деешното рочиште. Поради кавга со два куршума во главата Чеврески бил ликвидиран, фрлен во дол и ограбен. За свирепото злосторство сега им се суди на Александар Алексовски, Александар Костевски и Панче Наумовски. Првиот го убил, а другите двајца го фрлиле телтото. Во судницата сите беа распрашувани до најситни детали околу кавгата и околносите поради кои Чеврески бил убиен. Првообвинетиот Алексовки тврди дека не сакал да го убие другарот, туку дека пиштолот првиот пат пукнал сам, вториот тој испукал од страв, а третиот пат стрелал во воздух но не знае зошто. Тврдеше дека пиштолот го имал од поодамна и дека сите заедно се договориле да одат во шума и да пукаат. Но другарите, односно останатите двајца обвинети, пред судот беа категорични во исказите дека никогаш не се договарале дека ќе пукаат.И Костевски и Наумовски пред судот кажаа дека пиштолот Алексовски го купил нелегално и дека на свадбата на Наумовски пукал, за разлика од превообвинетиот кој пред судот кажа дека пиштолот го нашол во подрум. Кој го украл златниот синџир од вратот на Чеврески остана неразјаснето. Тројцата обвинети си ја префрлаа одговорноста. Првиот вели дека тоа е второбвинетиот, тој го посочува третообвинетиот кој пак го обвинува првообвинетиот. Бидејќи во неколку делови од исказот Алексовски и Костески кажуваа сосема различни верзии на настанот, судот ги соочи. И двајцата гледајќи се в очи тврдеа дека секој ја зборува вистината. Дури и за тоа кој го зел синџирот еден на друг си рекоа : „Ланецот го зеде ти”. Второ и трето обвинетите Костовски и Наумовски беа едиствени во исказот дека Алексовски им се заканил дека ќе ги убие ако не се ослободат од телото или, пак, ако некому нешто кажат. Дури, според нивното сведочење Алексовски ги поучил како да зборуваат пред полиција. Костески кој бил другар од детство на Чеврески бил задолжен да биде блиску до семејството на момчето кое го барале, за да дознае детали од потрагата. Тој бил и на погребот на другарот. Неговата мајка во ходникот од судот се доближи до таткото на убиениот и му изрази сочувтсво за убиството извинујвајки му се за тоа што го сторил синот. Таткото на Чеврески без зборови само крена раменици. Третообвинетиот Наумовски пред судот во детали кажа како Михајло бил ликвидиран и дека сите тројца имале крв на нозете. Со влажни марамчиња се бришеле а украедниот синџир било негова должност да го исчисти. Потоа го исекле на три дела и го продале. Алексовски тврдеше дека парите си ги поделиле, но Наумовски кажа дека парите ги зел првообвинетиот за да плати лихварски долг. Костески и Наумовски кажаа дека биле свесни дека лажат во полиција за исчезнувањето на Чеврески, но тоа го сториле поради голем страв од Алексовски. „Кога видов како ладнокрвно го ликвидира Михајло, морав да правам сé како што ќе каже, бидејќи ми беше многу страв, за мене, за сопругата и ќеркичката”, појасни пред судот Наумовски, кој додаде дека тој ги расфрлал чашите и пивското шише за полицијата да ги открие. Судењето продолжува следниот месец кога пред судот треба да биде сослушан таткото на убиениот Михајло Чеврески. крај.км
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таткото на Вања ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата
Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа укинат му е притворот и определени се мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.
„Врховниот суд ја извести јавноста дека по одржаната јавна седница, Советот за казниви дела донесе решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје, КСЖ-320/24 од 2.4.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А. Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, велат од Врховниот суд.
Претходно денес, бранителот на осомничениот Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, на седницата рече дека решението со кое е продолжена мерката притвор е донесено без доволно образложенија во кои не се наведува ниеден доказ со кој се докажува зошто овој човек би требало да остане во притвор. Дополни дека осомничениот не може да се даде во бегство затоа што важноста на патната исправа му истекла и дека тој активно учествува во истрагата.
Ѓорѓиевски истакна дека е обвинуван за некои работи, кои и ден-денес не ги разбира.
„Бев прикажуван екстремно спротивно од она што сум како родител и татко. Сакам и јас да знам што точно се случува затоа што и јас водев истрага, знам парченца од тие делови. Би сакал да го дочекам моментот кога ќе го дознам идентитетот на тие луѓе, сите се еднакво криви“, рече тој.
Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва на 3 декември. За делата грабнување и убиство на свиреп начин првообвинет е Љубомир Палевски-Палчо за кого се чека екстрадиција од Турција. Таткото е осомничен дека помагал во грабнувањето.
Македонија
Висок функционер од НАТО се сретна со Џафери: „Вие сте ценета членка во алијансата“
Џафери – Лапсли: Северна Македонија е ценета членка на алијансата, која посветено ги развива одбранбените капацитети
Техничкиот премиер Талат Џафери вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли, во рамките на неговата посета на Скопје.
Џафери му посака срдечно добредојде на помошникот на генералниот секретар Лапсли и воедно го потврди придонесот на Северна Македонија во НАТО, кој во континуитет се зацврстува. Достигнувањето на 2,05 % од БДП во буџетот на одбраната, од кои 30 % се за модернизација на Армијата, се силен индикатор за тој придонес.
Воедно, со учеството во колективната безбедност преку мултинационалните сили на алијансата во Романија, во Бугарија и во Латвија, како и во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, земјата дополнително се позиционира и како еден од столбовите на регионалната стабилност.
На средбата двете делегации имаа можност да разговараат за самитот на НАТО во Вашингтон во духот на 75-годишнината на алијансата, како и за актуелните одбранбени планови имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба во Европа и светот.
Воедно, двете делегации ја потврдија и поддршката што земјите членки, вклучително и Северна Македонија, ја даваат за Украина.
Од страна на помошникот на генералниот секретар Лапсли беше истакнато дека Северна Македонија е ценета членка во алијансата имајќи го предвид целокупниот придонес што досега го има дадено. Алијансата е пообединета и посилна од кога било во својата историја, а со зачленувањето на Финска и Шведска, НАТО станува гарант на безбедноста на над 1 милијарда граѓани од демократскиот свет.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.