Македонија
Ламбсдорф: ЕУ останува настрана од спорот со името
По пресудата од Хаг и повторното одлагање на стартот на преговорите на Македонија со ЕУ, Николаус Гроф Ламбсдорф од германското МНР за Дојче Веле на македонски јазик оценува дека Грција не ја уценува ЕУ. Решението, според него, треба да се бара со посредство на ОН.
По пресудата од Хаг и повторното одлагање на стартот на преговорите на Македонија со ЕУ, Николаус Гроф Ламбсдорф од германското МНР за Дојче Веле на македонски јазик оценува дека Грција не ја уценува ЕУ. Решението, според него, треба да се бара со посредство на ОН.
Николаус Гроф Ламбсдорф, задолжен за Западниот Балкан од германското МНР прашан до кога Грција ќе ја уценува Европската унија, оценува:
„Не верувам дека е вистински кажано дека Грција ја уценува Европската унија. Грција е членка на ЕУ и е една од нас. Точно е, меѓутоа, дека тоа што до сега не е најдено решение за името е препрека за Скопје и проблем за Европската унија“, изјави Николаус Ламбсдорф, кој осврнувајќи се на пресудата од Хаг вели дека мора да се утврди какви ќе бидат последиците од неа.
„Ова не е директна пресуда околу спорот со името, но веруваме дека една ваква пресуда која е јасно донесена, треба да има и политички консеквенци. Претпоставувам дека за ова ќе се разговара и со нашите грчки партнери и пријатели“, вели Ламбсдорф.
Во врска со евентуалното вклучување на Европската Унија и Германија во спорот и помош од нивна страна за негово надминување, германскиот дипломат објаснува:
„Се сомневам дека Европската унија може нешто да направи, зашто Грција е дел од ЕУ. Значи е една од нас. Германија, пак, самата овој проблем сигурно не може да го реши. Но, едно е јасно: Мора да има консензуално решение, решение со кое и Скопје и Атина ќе бидат согласни и со кое ќе може да живеат. Ова се обидуваме и да го поттикнеме. Можеби одлуката од Хаг нуди некоја оперативна точка“, дополнува Ламбсдорф.
Во однос на идејата за старт на пристапните преговори и нивно водење паралелно со разговорите за името, Ламбсдорф вели:
„Дури и за тоа е потребна едногласност, консензус во ЕУ. Во овој момент сметам дека ова би било тешко изводливо. Го разбирам предлогот. Природно дека има смисла, но во сите одлуки во ЕУ каде се бара консензус неопходна е согласноста и од Грција. Значи, за тоа мора да се разговара со Атина и да се види, дали може да има поместување. Сметам дека за прашањето околу името мора да има движење и од обете страни: и од Скопје и од Атина“, коментира за Дојче веле Николаус Гроф Ламбсдорф, задолжен за Западниот Балкан, Турција и земјите на ЕФТА во германското сојузно Министерство за надворешни работи. /крај/dw/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема докази дека уапсените за убиството на докторот се сторителите
Нема докази дека лицата кои беа приведени за убиството на докторот во Железара се сторителите.
Од Обвинителството велат дека продолжуваат со дејствија, со цел идентификација на сторителите.
-До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело. Од тие причини, јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан, велат од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.
Македонија
Постигната либерализација во товарниот транспорт за и од трети земји со Црна Гора
Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија и Министерството за собраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол за либерализација на товарниот транспорт за и од трети земји.
Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период.
Ова беше постигнато на состанокот на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока кој се одржа во Скопје.
До сега, двете земји врз база на реципроцитет разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.
Либерализацијата е чекор напред кон отстранување на сите админстративни постапки во однос на дозволите, процес што ќе придонесе за побрз и ефикасен транспорт како и зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.
Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.
Македонија
Воздухопловните сили на Италија од денеска ќе патролираат над македонското небо
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го потпишаа Техничкиот договор со кој Италијанските вооружени сили и официјално се вклучија во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо.
Министерката Петровска по потпишувањето истакна дека со вклучувањето на Италија во оваа НАТО мисија, единството во Алијансата го гледаме на дело.
„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, рече министерката.
Со Италија изградивме вистинско сојузништво и развивме силна соработка, рече Петровска, и додаде дека фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.
Италијанскиот министер Крозето порача дека со денешното потпишување на овој историски договор, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото на Северна Македонија и дополни дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.
Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија.
Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.