Македонија
Европратеници: Пристапниот дијалог не е замена за пристапните преговори
Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската Комисија(ЕК) не е замена за пристапните преговори, порачаа европратениците Ричард Хауит, Едуард Кукан и Алојз Петерле по денешната средба со шефот
Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската Комисија(ЕК) не е замена за пристапните преговори, порачаа европратениците Ричард Хауит, Едуард Кукан и Алојз Петерле по денешната средба со шефот на дипломатијата Никола Попоски.
Сметаат дека дијалогот, што ќе стартува во март, е добра основа за напредок во интеграцијата на Македонија и начин да се искористи времето до стартот на пристапните преговори.
„Пристапниот дијалог на високо ниво не е замена за пристапните преговори. Мислам дека стартот на пристапните преговори треба да остане главна цел на вашата влада, но и на нас. Не знам колку долго ќе трае ова, но треба целосно да го искористиме, бидејќи што и да разговараме и постигнеме, може потоа да биде искористено во пристапните преговори“, рече словачкиот европратеник Кукан.
„Мислам дека ова е начин како да го искористиме времето на конструктивен начин. Завршената работа во оваа рамка ќе донесе резултати, ќе ја подобри основата за подобрување и многу подобро е да го искористиме времето и оваа можност отколку да чекаме за решение на т.н. главно прашање. Мислам дека овој дијалог може да доведе до многу добри резултати. Мислам дека е добра понуда“, рече Словенецот Петерле.
Осврнувајќи се на нацрт-резолуцијата за Македонија, што треба да биде усвоена во Европскиот Парламент во март, известувачот Хауит рече во текстот се дава јасна поддршка за стартот на пристапните преговори меѓу Македонија и ЕУ, а се посочува и дека терминот „македонски“ треба да се користи во однос на именувањето на јазикот.
„Нацрт-резолуцијата јасно кажува дека Европскиот Парламент треба да го поддржи стартот на пристапните преговори без одложување. Нацртот јасно кажува дека зборот „македонски“ треба да се користи во однос на јазикот, идентитетот и културата на оваа земја. Како група на пријатели, критиките што се дадени во резолуцијата се пријателски, мотивирани од силната желба да се подобри животот на луѓето во оваа земја и да се постави перспективата на оваа земја да стане полноправен член на Европската Унија.“, рече британскиот европратеник Хауит.
„Значајно е од наш аспект што Европскиот Парламент го забележува сензибилитетот во Република Македонија што постои околу употребата на придавката „македонски“. Сметаме дека практиката ќе се води од оние демократски принципи што се воспоставени во рамки на Европската Унија“, рече Попоски.
Предвидено е тројцата европратеници да имаат средби со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски, а ќе имаат средба и со членовите на собраниската Комисија за надворешна политика, за европски прашања, Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ и членовите на Националниот совет за евроинтеграции. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија, 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјава право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.