Македонија
Општина Гостивар го осудува убиството на момчињата
Општина Гостивар денеска со соопштение изрази загриженост и го осуди вчерашното убиство на две млади момчиња во центарот на градот. Беа убиени Бесник Шехапи и Имран Мехмеди , а во нив пукаше полицаецот Јаким Трифуновски.
Општина Гостивар денеска со соопштение изрази загриженост и го осуди вчерашното убиство на две млади момчиња во центарот на градот. Беа убиени Бесник Шехапи и Имран Мехмеди , а во нив пукаше полицаецот Јаким Трифуновски. Според првичните наоди на истрагата, пред да биде пукано, момчињата и полицаецот се скарале за паркинг место. Општина Гостивар бара целосно разоткривање на случајот и изрекување максимална затворска казна за виновникот. Во соопштението на општината потпишано до градоначалникот Руфи Османи, се вели дека „овој настан може да ја загрози кревката рамнотежа меѓу Албанците и Македонците од овој регион”. Од општината се убедени дека „граѓаните Албанци имаат легитимно право да го изразат своето незадоволство и огорченост преку мирни и демократски протести, бидејќи денес како никогаш досега тие се чувствуваат загрозени од припадници на институциите кои се плаќаат за да гарантираат безбедност и мир. Овој преседан треба да биде доволен аргумент за да ова влада дефинитивно констатира политичка одговорност за челници од највисоките нивоа во Министерството за внатрешни работи”. Во соопштението општината ги повикува сите граѓани да ја сочуваат ладнокрвноста и да се воздржат од каков и да е коментар кој може да поттикне омраза./крај/мф/км.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.