Македонија
Интерпол ќе трага по двајцата осомничени за убиството кај Смилковци
Министерството за внатрешни работи денеска ќе распише меѓународна потерница по двете лица кои се осомничени дека ги убиле четирите момчиња и 45-годишниот жител на Црешево, а кои се во бегство.
Според полицијата, тројца од уапсените биле директни извршители на убиството, а двајца им помагале да избегаат на Косово. Двајца од тројцата осомничени дека го извршиле убиството, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство.
Според министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска материјалните докази кои ги предложиле пред судот биле доволно убедливи за судот да утврди мерка притвор и понатаму да продолжи со истрагата.
„Ние продолжуваме со дел од вештачењата кои сé уште не се завршени заради објективни причини бидејќи сепак се работи за голем материјал за кој е потребно дополнително време. Истрагата во таа насока продолжува и понатаму. За нас најважно во овој момент е да ги направиме сите дополнителни напори кои се потребни за да ги обезбедиме преостанатите две лица, за кои во текот на денешниот ден ќе биде распишана меѓународна потерница. Што значи дека од денес по нив трга и Интерпол и со тоа практично целосно да се заокружи овој случај, а понатаму да му оставиме на судот да ја донесе финалната одлука иако од она што можев да го чујам во изјавата на обвинителот евидентно е дека во согласност со законските прописи ќе се инсистира на максимална казна која ја предвидува нашиот закон“ изјави Јанкулоска.
Извршено е вештачење на запленетото оружје, но засега нема докази дека било користено во петкратното убиство. Сепак Јанкулоска тврди дека и без оружјето има доволно материјални докази за да поткрепат дека упасените се сторители на грозоморното убиство.
„Министерство за внатрешни работи на Република Македонија стапи во директен контакт и со косовските служби за размена на податоци и информациии околу лицата по кој се трага“ соопштуваат од МВР.
Јанкулоска вели дека сé уште е рано да се зборува за тоа дали овие лица биле поврзани со некоја терористичка организација од надвор. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.