Македонија
ЗНМ: Новинарите нема да бидат топовско месо во пресметката меѓу медиумите и неистомиселниците
Нема да има казна затвор за новинарите, одговорноста за тоа што ќе биде објавено во медиумот ќе ја делат новинарот, уредникот и сопственикот на медиумот и ќе се ограничат надоместоците за нематеријална штета.
Ова според претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани се главните придобивки на новинарите, од договорот што во средата го постигнаа новинарите и владата за декриминализацијата на навредата и клеветата.
Селмани денеска најмногу се задржа на споделувањето на одговорност и на ограничувањето на надоместоците.
„По донесувањето на овој закон новинарите нема да бидат главната жртва ако некој биде осуден за клевета и навреда. Одговорноста мора да да биде споделена меѓу новинарот, тој што го пишува текстот, уредникот кој го одобрува и издавачот кој го издава весникот. Не може повеќе новинарите да бидат топовско месо во пресметката меѓу медиумите со неистомислениците. Главните и одговорните уредници мора да бидат одговорни, Најголемите критичари се уредниците. Зошто? Затоа што ќе им се расипе комодитетот кој го имаат. Кога ќе се добијат тужбите, на суд завршуваат новинари и тие ги плаќаат надоместоци. Има многу новинари кои земаат пола плата со години за да ја платат тужбата. Каде беа тие уредници да протестираат и да се бунат дека тоа е самоцензура“ праша Селмани.
Досегашната максимална казна за клевета и навреда во кривичниот законик е 1,8 милиони евра и според Селмани е многу повисока од она што го договорија вчера владата и ЗНМ, до 2.000 евра за новинарот, 10.000 евра за уредникот и 15 илјади евра за сопственикот на медиумот.
За пресвртот во преговорите меѓу ЗНМ и владата голем придонес дала Европската Унија, откри Селмани, најмногу помогнал директорот на Директоратот за проширување на Европската Унија Стефано Санино.
Предлог законот ќе биде ставен на јавна дебата. Според податоците на ЗНМ, моментално се во тек судски процеси против 290 новинари. Со ова предлог законско решение, ќе запрат и правосилните судски одлуки во кривичниот суд и новинарите кои немаат започнато да ја отплаќаат казната нема да треба да ја платат. Тужителот ќе има можност да поднесе повторно тужба во рок од три месеци. За пресудите за навреда и клевета кои не се правосилни, постапката запира, а тужителот има право да поднесе тужба во рок од еден месец./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.
Македонија
Апасиев: НАТО не носи демократија, НАТО е кршач на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за декларацијата на Собранието по повод четири години од членството во НАТО истакна дека Нато не носи демократија.
Нато, според него, е кршач на меѓународното право и повелбата на Обединетите Нации.
„Без дозвола на Совет за безбедност НАТО ја нападна Југославија во 1999 година, ја нападна Либија, го нападна Ирак и редици други држави.
Последниот пункт е дека народот сакал во НАТО. Не е точно. Не е испочитуван член 120 од уставот кој што вели: Одлуката за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинство од вкупниот број на избирачи. Референдумот во 2018 беше неуспешен и немаше цензус и оттука уставниот услов за да влеземе во НАТО не е испочитуван, што значи противуставно и против волјата на народот сме влезени во НАТО”, додава Апасиев.
Скопје
Арсовска избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денес во Совет на Европа на конгресот на локални власти едногласно е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво.
Арсовска минатата година беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, а годинава со нов мандат за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво ќе ги води и следи процесите на почитување на европскиот кодекс на однесување за сите лица вклучени во локалното и регионалното управување.
Нејзини надлежности, како што информираат од Град Скопје, меѓу другите, се да го координира и подобри влијанието на работата на конгресот за спречување на корупцијата во локалните власти, да известува за утврдени случаи на корупција на локални и регионални власти и да ја промовира стратегијата на конгресот за спречување на корупцијата и унапредување на јавната етика на локално и регионално ниво.
Арсовска ќе го претставува конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и справување со корупцијата, организира и координира активности со групата држави против корупцијата (ГРЕКО), со цел идентификување и размена на добри практики, решенија за предизвиците и начини за промовирање на јавната етика и спречување на корупцијата.