Македонија
Свечено испратен контингентот на АРМ во силите ИСАФ
Од касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево со пригодна свеченост беше испратена тринаесеттата ротација припадници на АРМ во состав на силите ИСАФ во Авганистан. Новиот контингент е сочинет од припадници на 1. механизирана пешадиска бригада.
Министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими, им порача на војниците дека тие се „наш лик, лик на Македонија, лик на денешнината и на иднината“.
„Наша определба е континуираниот придонес и посветеноста кон развојот на мирот, на демократијата и на севкупниот просперитет“, рече Бесими.
Во оваа ротација АРМ учествува со механизирана пешадиска чета – во Авганистан ќе заминат 149 припадници на 1. Механизирана пешадиска бригада кои заедно со најстариот национален претставник ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул.
Македонските мировници во наредните шест месеци задачите ќе ги извршуваат во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде што ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.
Мировниците на АРМ во Кабул ќе извршуваат и сложени задачи како што се: патролирање и обезбедување на воената база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи во зависност од потребите на мисијата. Покрај нив во оваа ротација ќе биде распореден и менторскиот тим за обука (OMLT-3) на Авганистанските безбедносни сили кој во истиот период задачите ќе ги извршува во Мазар-е-Шариф во рамките на регионалната команда Север, која е под команда на вооружените сили на СР Германија, а двајца старешини ќе бидат распоредени во Кабулскиот интернационален аеродром КАЈА.
Во контекст на подготвеноста, командантот на контингентот, потполковникот Душан Станков рече дека „постигнатите резултати, залагањето и посветеноста на работата, ми даваат за право да верувам во подготвеноста на припадниците на контингентот за извршување на задачите кои произлегуваат од поставената мировна мисија“.
„Очекувам повторно како и досега припадниците на контингентот успешно да се носат со сите задачи, рамо до рамо со припадниците на останатите земји кои се дел од силите ИСАФ“, рече заменикот на командантот, мајорот Љуљзим Нуредини.
Според тоа што го истакна разводникот Данијела Ѓорѓиовска, и женскиот персонал – дел од контингентот, е целосно подготвен да одговори на сите задачи.
„Како претставник на петте припаднички во оваа ротација би истакнала дека ни претставува чест и задоволство што ќе бидеме дел од силите ИСАФ, и дека во текот на извршувањето на мисиите, доследно ќе ја претставиме Република Македонија“, рече Ѓорѓиовска.
АРМ во најголемата мисија на НАТО во Авганистан учеството со механизирана пешадиска чета го започна во jуни 2006 година кога во првата четна ротација беа упатени припадници од 1.мпбр. За досегашното беспрекорно и професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, добиваат највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг. /крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и Скопје 2014, велат од СДСМ
Ништо не е променето во ДПМНЕ, оценуваат од владејачката СДСМ.
„На митинзите на ДПМНЕ и Силјановска е истата кореографија од времето кога се носеа Хунзи и кога им се правеше пречек на скопскиот аеродром, а граѓаните Македонци се претставуваа како нивни големи наследници.
Тоа е истото време на грабежот од Скопје 2014 и историскиот инженеринг на ДПМНЕ“, додаваат од СДСМ.
Според нив, ДПМНЕ е истата режимска партија.
Со ДПМНЕ, како што велат, е можно само враќање назад во изолација и режим, во темното минато на недемократските процеси и далеку од ЕУ.
Македонија
Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање на национално единство, и запирање на сите напади кон Левица и ЗНАМ, државата е одземена од народот
„ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе. Долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, некогаш занемаруваше, некогаш впрочем и попусти беа обидите да се оствари, но обиди иако неуспешни имало“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот митинг во Охрид.
Тој нотираше дека сака да успее во тоа, да создаде македонско национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум и запирање на сите напади кон партите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да пробам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога тоа и е најпотребно на државата, во моменти кога државата е одземена од народот и во рацете на неколкумина корумпирани политичари од ДУИ со неколкумина корумпирани политичари од СДСМ кои се седнати во скут кај овие од ДУИ“, рече Мицкоскит.
ПИстакна дека Македонија мора да се обединува по сите основи, за тоа да се случи мора да се почне од некаде, и нема подобар период од тоа, тој процес да започне токму сега.
„Ќе има во иднина моменти кога националното единство ќе е неопходно, исто како што ќе има моменти кога ќе се прејде на едно граѓанско единство без разлика на етничката припадност, затоа што ова, е земја на сите граѓани кои живеат во нејзе и сите ние граѓаните од различни етнички заедници сме нераскинлив дел и столб на оваа држава и на нејзината иднина“, заклучи тој.
Неговата порака е дека нема откажување од граѓаните, нема откажување од единството помеѓу сите, затоа што само така заедно сложни со силата и капацитетот на сите, сме иднината на ова земја, порача Мицкоски.
Македонија
Маричиќ: Оваа Влада ги покачи пензиите за 50 проценти и ветуваме дека во наредниот мандат просечната пензија ќе биде од 500 евра
Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, оствари средба со граѓаните пензионери од Изборната единици 1, каде што тој е дел од листата на Социјалдемократскиот сојуз и Коалицијата за европска иднина.
Маричиќ јавно се обврза дека како член на наредната Влада што ќе ја предводи СДСМ ќе продолжи да работи за пензионерите да имаат убав и достоинствен живот.
„Оваа Влада ги покачи пензиите за 50% и ветуваме дека во наредниот мандат ќе биде просечна пензија од 500 евра. Исто така се обврзуваме на зимски регрес од 3000 до 6000 денари за секој пензионер, а најмногу ќе добиваат оние со најниски пензии. Исто така ветуваме енергетски пакет од 1500 денари месечно во текот на грејната сезона за оние пензионери на кои најмногу им треба“, вети Маричиќ.
Тој нагласи дека пензионерите тоа го заслужуваат.
„Без вашата генерација и без влогот кој што го дадовте немаше да имаме држава. Токму затоа сме дожни и обрзани да работиме пензионерите да имаат мирни и спокојни пензионерски денови и мирно да ги гледаат своите деца и внуци како растат. А како растат внуците така нека растат и пензиите“, нагласи Маричиќ на средбата со тетка Верица и пензионерите од Карпош.
Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, порача дека тој, СДСМ и Коалицијата за европска иднина „не се откажуваат од подобриот животен стандард за спокоен живот за пензионерите“.