Македонија
Груевски го честита 23.Октомври – Ден на македонската револуционерна борба
Македонскиот премиер Никола Груевски, на граѓаните на Македонија им го честита 23.Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
„Пред нас е чествувањето на денот на кој пред 119 години беше формирана Македонската револуционерна организација. По тој повод, од името на Владата на Република Македонија, и од свое лично име, сакам на сите граѓани во Република Македонија и во дијаспората, да им го честитам големиот државен празник, 23-ти Октомври – Денот на македонската револуционерна борба“, вели Груевски во честитката.
Премиерот потсетува дека „организираното дејствување и мотивот на нашите предци за создавање на сопствена, слободна и независна македонска држава претставуваат едни од најсветлите моменти во македонската историја. Таквиот идеал, со посебна жестина во сите свои манифестации, избликнал сред нашиот народ кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, кога добива и карактеристика на инспирирано, организирано интелектуално и вооружено движење, чија основна цел се слободата и правдата. Симбол на таквиот изблик е токму Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, чие основање се случило токму на 23-ти Октомври 1893 година“.
Според него, празнувањето на овој ден, претставува вистински израз на почит кон големите дела на македонската историја.
„Под крилото на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, биле остварувани идеалите и реализирана борбата на народот за достоинство, за слободата, правдата и човечките права. ВМРО израснала во вистински култ на македонскиот непокор, и Организација која во својата суштина се темелела на вредностите, цврсто го почитувала моралот, соработката и почитувањето со останатите народи кои живееле на овие простори. Оваа организација е извор на бројни легендарни подвизи на храброст и саможртва на македонските револуционери, но и на високо интелектуални исчекори на полето на политичката и општествена мисла“, вели Груевски.
„Со своето дело, илинденската генерација го направи достапен сонот за слободата, сон кој продолжи да се сонува од сите следни генерации, за конечно да стане реалност на заседанието на АСНОМ во 1944 година и целосно да се потврди на референдумот за независност на Македонија во 1991-та година. Наша обврска е да ја продолжиме изградбата на нашата Татковина Република Македонија во силна, модерна и напредна држава, член на Европската Унија и НАТО. Дострелот на македонската револуционерна организација е пример за восхит и почит! Нека е вечен и вековит споменот за Македонските револуционери! Нека е честит големиот празник 23-ти Октомври!“, завршува македонскиот премиер./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЛДП в петок организира „Pet Friendly“ ден во канцеларијата „Либерално ќоше“
Во новоотворената канцеларија на ЛДП „Либерално ќоше“ во срцето на Скопје в петок од 18:00 часот ќе се одржи „Pet Friendly“ ден за дружење, разговори и идеи на граѓаните со претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова.
– Водејќи се од нашата совесност, свесност и одговорност, покренавме иницијатива за носење на нов закон за благосостојба на животните. Милениците, се семејство, не потрошен предмет и затоа секој сопственик кој го остава својот миленик на улица треба да сноси одговорност и да се обезбеди регулиран систем на одговорно одгледување и размножување. Воедно да се обезбедат соодветни услови за бездомните кучиња и мачки и при тоа да ги заштити граѓаните од несакани повреди, е пораката на Зајкова.
Граѓаните се добредојдени на петочното дружење заедно со своите миленици, а своите идеи и предлози може да ги споделат и во писмена форма.
На полето на заштита на животните, ЛДП до Собранието поднесе и предлог за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, којшто ќе воведе построги мерки против оставање животни на улица, поодговорно сопствеништво и ќе ги подобри нивните услови.
Скопје
„Маски, смеа, рингишпил- дојди во Шеговил!“ – голема забава под маски во Кисела Вода
Под слоганот „Маски, смеа, рингишпил- дојди во Шеговил!“ општина Кисела Вода, в понеделник, на први април, организира голема забава под маски за најмладите.
Пред салата Расадник ќе биде поставен забавен парк со најразлични реквизити, ќе има кловнови и аниматори, а за музичкиот дел се задолжени „Поточиња”.
Настанот започнува во 11 часот, а за изборот на најдобра маска ќе одлучи жири комисија од општината. Најдобрите маски ќе добијат награди, велат од општината и ги покануваат сите дечиња да дојдат во Шеговил и со своите насмевки, шеги и маски да поминат еден прекрасен ден.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.