Македонија
30 години од основањето на Лекарската комора

Лекарската комора на Република Северна Македонија се издигна во почитувана, независна професионална организација, етаблирана на домашен и меѓународен план, со свои јасни цели и јасна програма во рамките на промоција на правата на лекарите и унапредување на здравствениот систем, констатираа говорниците на свечениот настан, кој по повод одбележување на 30-годишниот јубилеј се одржа вчера во Скопје.
Процесот за воспоставување на Лекарската комора почнува во 1991 година кога во Македонското лекарско друштво е поведена иницијатива за формирање на Лекарската комора како здружение што ќе се бори за правата на лекарската професија и паралелно за заштита на пациентите. Целиот процес за формирање се заокружува на 5 јуни 1992 година кога се одржува основачкото собрание во просториите на Воената болница во Скопје.
Проф. д-р Калина Гривчева-Старделова во своето обраќање истакна дека Комората одговорила на целта за која е формирана.
„Проф. д-р Јован Тофоски, еден од иницијаторите за формирање на Комората на основачкото собрание, рече ‘се водеше вистинска битка идејата да се озакони’, а претседателот Глигоров изрази надеж дека ‘Лекарската комора ќе го најде своето место во новото граѓанско општество и нејзиното формирање е еден од влоговите за создавањето на новата структура на нашето општество во кое секој човек и преку својата професија ќе си го најде своето место и ќе се создаде тој сложен мозаик на едно демократско општество’. Триесет години подоцна со гордост и со голема чест може да кажеме дека битката вредеше, дека влогот се исплатеше, бидејќи Лекарската комора прерасна во почитувана, самостојна и независна професионална организација, која е етаблирана на домашен и меѓународен план со свои јасни цели и јасна програма во рамките на промоција на правата на лекарите и унапредување на здравствениот систем. Направено е многу за релативно краток период ако се земе предвид дека период од 30 години и не е толку многу време кога станува збор за воспоставување институција. Важно е во иднина да продолжиме по патот кој веќе е трасиран, заедно, сплотени, со интегриран пристап да изнаоѓаме решенија за проблемите со кои се соочуваме“, истакна проф. д-р Гривчева-Старелова.
Првиот претседател на Комората, проф. д-р Алексај Дума, во своето обраќање на прославата рече дека идејата за формирање на Лекарската комора како еснафско здружение не била прифатена од социјалистичката власт и затоа и не бил лесен процесот на нејзино воспоставување.
„Многу беше тешко да докажеме дека професионалното достоинство и професионалноста немаат врска со политиката и политичките интереси и дека интересите на докторите се и интереси на пациентите и борбата за нивното здравје. Комората почна да функционира во темната комора на Институтот за судска медицина, што ја користевме за развивање фотографии, во шест квадратни метри, а во почетокот ја финансираа членовите на Извршниот одбор. Се радувам што денеска дојдовме до тука“, истакна проф. д-р Дума потенцирајќи дека лекарите за време на короната покажаа дека се доследни на Хипократовата заклетва и дека ќе направат сè за пациентите, па макар и на лична штета.
На настанот беше доделено и највисокото признание на Комората, плакетата „Св. Наум Охридски“, која ја доби д-р Весна Марковска, педијатар од Берово. Плакета за најдобар научен труд доби трудот „Мадикаментозно лекување Ковид-19: актуелни сознанија и важечки препораки“ на авторите д-р Миле Босилковски, д-р Марија Димзова, д-р Костадин Попоски, д-р Ане Петрушевска, д-р Маја Марковска-Илиевска и д-р Александар Дервишов. Посебна награда „Примариус д-р Димитар Ивановски“ добија тројцата студенти со најдобар просек од трите медицински факултети во Скопје, Тетово и во Штип – Стефан Неделковски, Елизабета Митева и Дрилон Мифтари. Лекарската комора додели и плакети и признанија во знак на добра соработка на медицинските факултети, другите еснафски комори, фармацевските компании и на новинари, кои подолг временски период известуваат за теми поврзани со здравството и здравствените политики. Јубилејна награда – уметничка слика – им беше врачена на тројцата поранешни претседатели на Комората, проф. д-р Алексеј Дума, проф.д-р Владимир Борозанов и проф. д-р Кочо Чакалароски. По повод јубилејот вчера беше промовирана и монографија „Кратка историја на Лекарската комора на РСМ“, чиј автор е Јосиф Џочков.
На настанот присуствуваа голем број лекари, сопругата на претседателот на РСМ, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска, како и претставници на државни институции и други еснафски комори.
Министерот за здравство, д-р Беким Сали, истакна дека трудот на лекарите треба да биде соодветно вреднуван и вети продолжување на трендот на зголемување на платите.
„Почнуваме и нов проект, кој предвидува вработување веднаш за 50 студенти од трите медицински факултети, кои ќе ги завршат студиите со најдобар просек. Ќе се унапреди стручното усовршување, се работи на подобрување на безбедноста на работното место. Лекарската комора е наш партнер и нејзиниот придонес е од непроценливо значење. Уверен сум дека таа соработка ќе продолжи со реализација на многу успешни проекти“, истакна д-р Сали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Маричиќ: Достоинствено ќе чекориме на патот кон полноправно членство на ЕУ

Нашата Влада направи сериозни напори и во изминатите години но особено во овој состав во изминатите неколку месеци на повеќе нивоа, да разговара отворено, искрено со Бугарија за да ги исполниме нашите надворешно политички цели, изјави заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„ Нашата цел е пристапување во членство во ЕУ но секако во исто време заштита на нашите интереси во смисла на јазик, идентитет и започнување на преговори како процес кој ќе биде одржлив и партнер кој ќе можеме да го имплементираме на тој начин што ќе доведе до членство, одговори Маричиќ на новинарско прашање.
Тој смета дека во задачата којашто му е дадена од Владата e важно да се грижи за овие интереси и да работи за тоа и дека не можат ниту да се откажат од патот кон ЕУ, затоа што тоа е утврдено уште при нашата независност, но исто така не можат да се откажат од некои позиции кои се важни за секоја држава.
„ Заштитата на јазикот и идентитетот, за секоја држава е важно достоинствено да чекори кон патот на ЕУ, секако имајќи ги предвид добрососедските односи како битен критериум којшто ни е ставен во рамката, односно во критериумите за пристапување“, рече Маричиќ.
На прашањето во однос на цензурата, која се споменува во францускиот предлог, вицепремиерот истакна дека ние имаме законодавство кое приближно е усогласено со ЕУ, и за говор на омраза и за сè што важи за ограничување на слободата на говор.
„ Било што да се спроведува, би се спроведувало во рамките на нашето законодавство и преку нашите институции. Ниту министерствата се надлежни за тоа ниту пак може да го гонат. Целта на отворање на темата за говор на омраза е системски да се воспостават механизми за борба со говорот на омраза кон сите па вклучувајќи ги и Бугарите, истакна Маричиќ.
Маричиќ уште еднаш потврди дека во моментот кога ќе имаат каков било официјален предлог, тој секако ќе биде доставен на разгледување и во Владата и кај коалициските партнери во Владата и се разбира во некоја форма ќе биде консултирано и Собранието и комисијата за надворешни работи во секој случај.
Македонија
Утре сончево и топло време, попладне нестаблно со пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб северозападен, а во западните делови умерен западен ветер. Попладне и во вечерните часови ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени. УВ=7
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Доцна попладне и во вечерните часови во делови од котлината ќе има повремен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во вториот ден од викендот ќе се задржи сончево и топло време, а во попладневните и вечерните часови ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Од понеделник ќе има стабилизирање на времето со благ пораст на дневните температури.
Македонија
Утре во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека на 25.6.2022 година (сабота), поради одржувањето на Парадата на гордоста, ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците во централното градско подрачје на Скопје.
За време на движењето (по потреба) за сообраќај ќе бидат затворени улиците 11 Октомври, Димитрие Чуповски, Васил Главинов, булеварот ВМРО, булеварот Илинден, улицата Аминта Трети“ и улицата 1732.
МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.