Македонија
30 милиони евра за згрижување на 7 500 деца и подобри услови во градинките

Со презентација пред високи претставници од Светска банка, градоначалници и директори на центри за социјални работи, вчера во Владата на Република Македонија беше означен стартот на Проектот за подобрување на социјалните услуги и детската заштита. Проектот е во вредност од 30 милиони евра обезбедени од Светска банка, а во следните черири години ќе го спроведува Министерството за труд и социјална политика.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во своето обраќање истакна дека со Проектот за подобрување на социјалните услуги ќе се постигнат значајни резултати кои се во согласност со тековната реформа за социјална заштита и заштитата на децата.
„Ќе го зголемиме пристапот и квалитетот на социјалните услуги, вклучувајќи ги и предучилишните услуги. Ќе создадеме дополнителни 7 500 нови места во градинките преку изградба на нови објекти и пренамена на постоечките, како во урбаните така и во руралните подрачја. Со проширувањето на мрежата на предучилишни установи ќе го зголемиме опфатот на деца од 3 до 6 години за 50%. Со имплементацијата на проектот се очекува и повеќе од 3 000 корисници да имат бенефит од новите вонинституционални социјални услуги обезбедени на локално ниво“, рече Царовска.
Со прокетот ќе се развие интегриран софтвер за администрирање на парични надоместоци и социјални услуги со што ќе се поддржи социјалната реформа. Исто така, ќе се воведе семеен социјален работник кој ќе биде задолжен да ги следи потребите на секое семејство коешто е во социјален ризик.
Во врска со стартувањето на Проектот свои обраќања имаа и министрите за финасии и за образование и наука, Драган Тевдовски и Арбер Адеми, како и директорот на Канцеларијата на Светска банка за Македонија, Марко Мантованели.
Со Стратегијата за соработка со Светската банка има и други нови проекти за унапредување на човечкиот капитал во Македонија, како што е Проектот за примарна здравствена заштита, за јакнење на вештините, претприемништвото и проекти за животната средина. Вкупната вредност на проектите од Стратегијата се околу 400 милиони долари и треба да се спроведе во наредните четири години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.