Македонија
30 земји се здружија во борбата против криминалот на Западен Балкан
ЕМПАКТ-програмата (Европска мултидисциплинарна платформа за борба против закани од криминал), која вклучува нелегална трговија со огнено оружје, нелегална миграција, измама со документи и нелегална трговија со дроги, обедини 6.758 полициски службеници, од кои 6.708 теренски и 50 службеници од Оперативниот центар во седиштето на Европол во меѓународната операција Денови на заедничка акција (ДЗА) за Западен Балкан за 2019 година.
По неколкумесечната подготвителна фаза, во почетокот на месецот се спроведе оперативната фаза на овие меѓународни полициски активности, во која 50 полициски службеници од речиси сите земји членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан, Европол, Фронтекс, ИНТЕРПОЛ и ИПА/2017 ги интензивираа проверките во спречување на нелегалната трговија и шверцување оружје и муниција, како и на недозволена трговија со дрога и илегална миграција, соопшти МВР.
Врз основа на претходно добиени информации за регионалните трендови и правците на движење на горенаведените видови криминал, диференцирани беа три гранични премини на територијата на Северна Македонија, на кои се вршеа зајакнати контроли на патници и возила – ГП Табановце/Србија, ГП Блаце/Косово, ГП Богородица/Грција.
Притоа, во меѓународната операција Денови на заедничка акција (ДЗА) за Западен Балкан за 2019 година беа проверени вкупно 214.147 лица, возила и простории, а беа уапсени 175 лица (26 беа уапсени за време на подготвителната фаза, а 149 во оперативната). Покрај ова, издадени се 329 одбивања на влез, откриени се 164 тајни влезови, како и 111 пречекорувања на дозвола за престој. Во операцијата беа детектирани 14 измами или злоупотреба на визи, 71 фалсификуван документ, како и 54 огнени оружја и 895 парчиња муниција.
За време на реализацијата на оперативната фаза од акцијата, активностите беа следени и координирани во рамките на двата оперативни штаба, во МВР и во Европол во Хаг, Холандија, каде што работеше Оперативниот координативен центар, со претставници од земјите учеснички во акцијата и од меѓународните организации.
Операцијата беше координирана од ЕМПАКТ-програмата како дел од Политичкиот циклус на ЕУ, четиригодишен план за борба против организиран и сериозен криминал, а резултатите и собраните информации ќе помогнат во тековните и идните истраги, заедничко зајакнување на границите на Европа и внатрешната безбедност.
Заради потребата од брза размена на информации во текот на акцијата, односно обезбедувањето пристап на СМПС и Бирото за врски во Европол до сите расположливи национални бази на податоци, заради вршење проверки во реално време, целокупната коресподенција со учесничките се одвиваше преку одделението за Европол и користење на СИЕНА-апликацијата за брза и безбедна размена на информациите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски: На 8 мај двојна победа за сите нас и за Македонија
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски денеска беше меѓу жителите на општината Чучер-Сандево.
Заблагодарувајќи им се што одлучиле попладнето да го поминат со него, Пендаровски рече дека на 8 мај е загарантирана двојната победа.
„100% победуваме. На 8 мај ќе славиме за двојната победа за сите нас и за Македонија“, истакна Пендаровски.
Говорејќи за досегашната работа на актуелната политичка гарнитура, Пендаровски го истакна членството во НАТО, како најголема организација која ја гарантира безбедноста и стабилноста на сите членки без исклучок.
„Без пријатели, мала земја како нашата, тешко може да опстане“ потенцираше Пендаровски.
Тој ги повика граѓаните на Чучер-Сандево масовно да излезат на гласање на 24 април, да заокружат број 1 и да добијат гаранција за подобра иднина на нивните деца и на нивните внуци.
Македонија
(Видео) Димитриеска Кочоска: Платформа 1198 значи повисок животен стандард, раст на БДП од 5% на среден рок, повеќе пари за малите и средни бизниси, повисоки пензии
„Состојбата е катастрофална во секоја сфера. Главниот проблем е тоа што државата не е функционална и тоа што граѓаните воопшто не можат да имаат никакво влијание и немаат влијание врз одлучувачките процеси. Ако немаме економија, тогаш не можеме да очекуваме развој во ниту еден сегмент“, рече Гордана Димитриеска Кочоска, кандидат за пратеник во изборна единица 1.
„Не смееме да дозволиме и понатаму, државата да биде киднапирана од стотина луѓе од власта кој што носат одлуки само за нивни лични интереси и за нивно богатење.
И токму поради тоа, народот треба да стави стоп на ваквото однесување. Да излезе масовно и да гласа, затоа што се потребни промени, промени кои што ќе ја направат Македонија твоја.
Денес сум во Македонски Брод, кој што можам комплетно да кажам дека е целосно заборавен од централната власт и токму тоа треба да се промени.
Имав средби со граѓани, имав средби со стопанственици. Едногласно е секаде размислувањето и одлуките на луѓето дека промени мора да да има. При тоа, го искористивме периодот од денот да ги презентираме мерките и решенијата кој што ВМРО-ДПМНЕ ги има во својата Платформа 1198, кој што и всушност значат многу подобар живот за граѓаните, повисок животен стандард, раст на БДП од 5% на среден рок, повеќе пари за малите и средби бизниси, повисоки пензии.
Затоа, масовно треба да излеземе и да гласаме на 24 април и на 8 мај, со цел да има промени и за повторно Македонија да биде твоја, односно да биде наша“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, кандидат за пратеник во изборна единица 1.
Македонија
Мицкоски: Буквално насекаде низ Македонија се чувствува победничката атмосфера
„Во овие 15 дена од кампањата за првиот круг за претседателски избори буквално насекаде низ Македонија се чувствува победничката атмосфера, се чувствува како граѓаните се обединуваат околу желбата за промени“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Ранковце.
„Масовно на 24-ти април да излеземе овде во Ранковце и да го поддржиме идниот претседател на Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова. Тоа е многу важно затоа што државата ни е одземена од мала група на луѓе кои што се дел од раководството на ДУИ и неколкумина измеќари од СДСМ кои што цело време за да добијат некое парче коска од наместените тендери, да добијат некое ситно евро во џебот и да ги задржат своите фотелји упорно и упорно шест и половина години измеќарат на овие од Мала Речица“, појасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Македонија ја претворија во еден вид на артаноиден режим. Таква е денеска Македонија поради дел од раководството на ДУИ и неколкумина измеќари од СДСМ.
„Пред шест и половина години овие што сега се Влада ни ветуваа дека ќе донесат слобода, ќе донесат правда, подобар живот, подостоинствен живот, поквалитетен живот за граѓаните, повеќе пари за граѓаните. А, во суштина што направија? Донесоа цикличен артаноиден хибриден режим“, рече тој.
„Кога велам артаноиден тука мислам и на неговиот ментор, а тоа е Али Ахмети од Зајас, кој што денеска ја доби Македонија на тацна од Ковачевски, Зечевиќ и останатите неколкумина политичари во раководството на СДСМ, кои се покажаа и докажаа како главни измеќари“, укажа Мицкоски.
Тој посочи дека никој не очекуваше една државотворна партија СДСМ да се претвори во гранапче на Али Ахмети, на Артан, на ДУИ и да бидат главни измеќари само за да ги задржат своите позиции.
„Тоа е политичкото мочуриште во кое што ние денеска живееме“, истакна Мицкоски.
Мицкоски укажа дека СДСМ и Стево Пендаровски немаат план, немаат програма. Единствено нешто што научиле е само ЕУ, ЕУ.
„А, од ЕУ им остана само еврото кое што го крадат од вас граѓаните преку наместени тендери“, нагласи тој.
„После осми мај Македонија ќе биде повторно слободна и предводена од Влада на ВМРО-ДПМНЕ. А, сите оние кои што и нанесоа зло, неправда, болка, јас ви ветувам дека ќе одговараат“, порача Мицкоски.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ на овие избори се бори за 61 пратеник и за претседател Гордана Силјановска Давкова. Време е граѓаните да живеат достоинствен живот во Македонија каде што ќе има правда, успешен образовен систем, подобар здравствен систем.