Македонија
Жерновски: Црквата ќе продолжи да се гради
Црквата „Свети Константин и Елена“ ќе продолжи да се гради и сé што е друго почнато со градба, изјави градоначалникот на скопската општина Центар, Андреј Жерновски.
Тој се обиде да ја смири ситуацијата во општина Центар и појасни дека за она што Владата сака допрва да го гради ќе мора да се консултира со општината, како и со граѓаните на општината.
„Апелирам да се смири ситуацијата и да продолжи седницата на советот на која ќе се донесат овие одлуки“, рече Жерновски.
Според него, не доликува да се кршат прозорците во општинските бараки, а особено ако тоа е поттикнато од советниците од владејачката партија.
Дали ќе продолжи седницата, зависи од тоа дали полицијата дали ќе обезбеди услови за работа, рече Жерновски. Како што изјави, иако побарале поголем број полицајци од надлежниот командир, тој рекол дека тој ќе процени колку полицајци се потребни.
Жерновски обвини дека сево ова е оркестирано и дека граѓаните се изманипулирани поддржувајќи го тоа тврдење со многубројните инспекции кои ја мониторирале општината откако е тој градоначалник, а вчера заработил казна од четири илјади евра.
Сите советници се сé уште присутни во општинските простории и чекаат да продолжи седницата. Околу бараката има педесетина граѓани кои на секој обид да продолжи седницата удираат по прозорците. Бараката на општината ја обезбедуваат 30-тина полицајци.
Напладне кога граѓаните тргнуваа од местото каде треба да се гради црквата кон општина Центар се обрати и владиката повардарски Агатангел кој го повика Жерновски да не крева рака врз христијански објект што според него би било прв и единствен атак врз Македонската православна црква. Тој го предупреди дека доколку реши да ја урне црквата народот ќе му се собере и ќе биде лошо./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување билатерален договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на Министерството за внатрешни работи за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста, кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото-настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото-настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори ќе им бидат презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Преку дружење со претставници и членови од мото-клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење електрични превозни средства“, велат од Општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на факултетот ќе бидат Клиничката болница – Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ – Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид , Специјалната болница за нефрологија – Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти, кои ќе станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места да студираат во своето место. Значително ќе придонесе во создавањето нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.