Македонија
Обвинет во Ровер тврди дека иако ги дал клучните информации за случајот, седи на обинителна клупа
Обвинителството нема докази дека обвинетите го сториле или помогнале да се изврши убиството врз Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година, рекоа во завршните зборови одбраната и обвинетите во случајот Ровер, меѓу кои е и поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски.
Обвинетиот Ивица Ристиќ, кој се товари дека им помогнал на Србите, обвинети дека се извршители на убиството, да влезат во Македонија, во завршниот збор ги отвори картите и рече дека иако и ги дал клучните информации на полицијата за овој случај сепак, сега е на обвинителна клупа.
Ристиќ, кој најпрвин се бранеше со молчење, а потоа даде исказ, тврди дека токму тој во 2001 година, кога се случи убиството, во полиција пријавил дека група луѓе по убиството дошле во неговата кафеана на Табановце и оставиле пиштол „црвена застава“ и му рекле да го фрли.Но пиштолот го однел во полиција, а според обвинението убиството било извршено токму со таков пиштол.
Тој тврди дека има це-де на кое можело да се види кој ги донел луѓето во кафеаната и пиштолот. Пред јавноста покажа и фотографија на која се гледа лице, за којшто Ристиќ тврди дека ги донел извршителите на убиството.
„Во Македонија колку помалку знаеш, толку подобро, ако знаеш и кажеш, можеш да завршиш во притвор 11 месеци“, рече Ристиќ. Тој тврди дека во полиција имало касета од погребот на Орце Коруновски, кој што според обвинението е нарачател на убиството, а неговиот ковчег го носеле токму лицата обвинети за убиството.
Адвокатот Гоце Штерјовски, којшто ги брани првите четворица обвинети дека се извршители на убиството, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, обвинет за помагање, во завршните зборови рече дека обвинителството нема докази дека токму овие лица го извршиле убиството.
Според него, обвинителството не го испочитувало законот за меѓународна соработка и договорот меѓу Македонија и Србија за екстрадиција и воопшто не се потрудило да ги најде обвинетите. Освен тоа, според него, обвинителството има само вербални докази за ова тешко кривично дело, но не и материјални докази. Не се докажало дека пиштолот кој се наоѓа во полиција го користеле некој од обвинетите, не се докажало дека обвинетите биле на местото на убиството, а сведоците кои биле повикани во судот немале кредибилитет да зборуваат.
Дончо Наков, адвокат на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски пред судот изјави дека судот немал доказ дека Бошкоски и Коруновски се сретнале воопшто и според него, Бошкоски како министер не можел да им нареди на полициските структури да не го обработат убиството како што треба и дека во самото обвинение пишувало дека имало увид на лице место и биле преземени и други дејствија.
И останатите адвокати на Бошкоски дадоа своја одбрана, а се очекува судот да закаже и пресуда за овој случај./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.