Македонија
Потврда на одличните односи помеѓу Македонија и Норвешка – потпишан Договорот за соработка за проектот „ЛЕПЕЗА“
Министерот за одбрана Талат Џафери и одбранбеното аташе на Норвешка во Македонија, полковникот Есбен Ас, го потпишаа договорот со кој се продолжува соработката помеѓу двете држави кога станува збор за програмата „ЛЕПЕЗА“.
„Со поддршка од Кралството Норвешка, Министерството за одбрана на Република Македонија воспостави систем за подготовка на воениот персонал за враќање во цивилен живот по престанокот на службата во Армијата“, изјави во оваа прилика министерот Џафери.
Џафери додаде дека двете министерства имаат долгогодишна плодна соработка на многу полиња – заедничкото учество во медицинските тимови во Авганистан, соработката во воспоставувањето на балкански медицински сили, соработката во прераснувањето на Регионалниот тренинг центар за комуникации во Центар за односи со јавноста на Партнерството за мир, како и други заеднички активности кои даваат исклучителни резултати во поддршката на мирот во светот и во воспоставувањето на регионални проекти во доменот на одбраната.
Во оваа прилика полковникот Есбен Ас истакна дека „Норвешка ќе продолжи да ја дава својата поддршка на проекти во Македонија, со цел да даде придонес во натамошното европско интегрирање на земјата, како и да ја охрабри и поттикне континуираната имплементација на тековните активности како и регионалните проекти каде што Македонија игра активна улога, како на пример проектот кој што се однесува на балканските медицински наменски сили“.
Истовремено, полковникот Ас се заблагодари за поддршката и придонесот кои Македонија ги дава во силите ИСАФ, посочувајќи на соработката која што е воспоставена помеѓу две земји во поглед на Авганистан и хируршките тимови од Македонија, кои како дел од полската воена болница предводена од Норвешка, стационирана во Малмана, прикажаа импресивна компетенција и професионална посветеност.
Програмата „ЛЕПЕЗА“ која датира од 2006 година, обезбедува квалитетна помош и поддршка на лицата (офицери, подофицери, професионални војници и цивилен персонал во Армијата на Република Македонија) на кои им престанува службата во АРМ, со цел лесна и ефикасна транзиција во цивилен живот. Имено, лицата добиваат помош во стекнување на високо ниво општи и специфични цивилни знаења, вештини и квалификации за втора, цивилна кариера. Во овој период, покрај поддршката во воспоставувањето на трите центри за транзиција, во Скопје, во Штип и во Кичево, многу значајна беше и поддршката во обучувањето на обучувачите за спроведување на процесот на подготовка за враќање во цивилен живот. Низ процесот на подготовка на воениот персонал за враќање во цивилен живот во периодот од 2007 до 2012 година поминаа повеќе од 400 лица на кои им престана службата во Армијата./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тренчевска: Најемотивна сум кога зборувам со пензионерите, креаторите на државата денес
Коносителката на листата за пратеници на Изборна единица 4 од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска денес им се обрати на пензионерите во Општина Струмица и ја објасни изборната програма на која според неа столб е грижата за пензионерите.
„Да се потсетиме на се она што го имаме направено за вас пензионерите и да ве информираме за се она кое се обврзуваме како партија во наредниот период. Како помлади генерации сме обврзани да ви обезбедиме спокојни пензионерски денови, затоа во изминатиот период ја донесовме методологијата со која гарантираме постојан раст на пензиите. Пред нашиот мандат најниската пензија која изнесуваше околу 8000 денари, денес е покачена на скоро 14.000 денари“ изјави Тренчевска.
Таа посочи дека покрај континуираното покачување на пензиите продолжува да се исплаќа и финансиската поддршка која е директно на терет на буџетот на Министерството за труд и социјална политика и дека истата не ја загрозува исплата на пензиите.
„Најголем дел од вас се сеќаваат дека ги добивавте пензиите во 6 групи на пензионери, затоа што системот на пензиско и инвалидско осигурување на бил стабилен. Денес сите вие секој први во месецот пензиите ги имате на вашите сметки, системот е стабилен и гарантира долгорочна сигурност“ истакна Тренчевска.
Таа рече дека никогаш повеќе нема да дозволи фондот да биде нестабилен, затоа што сите предвидени мерки и политики кои се предвидуваат не се на терет на фондот, туку ќе бидат на централниот буџет.
„Се обврзуваме на минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. Воведуваме новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6000 денари како, картичка за пензионерите со попуст од 30% на прехранбени производи како и изградба на најмалку 12 нови домови за стари лица“ рече Тренчевска.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Како што ветив, платите се за 12% повисоки за културните работници
Вработените во култура ја добија мартовската плата покачена за 12 проценти. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека со тоа, таа го исполни своето ветување.
„Како што ветив, платите на културните работници од денеска се покачени за 12 проценти.
Овааа Влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во Секторот култура се искачи на 52 отсто, со потпишувањето на Колективниот договор“, изјави министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека веќе две години се бори за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат.
„Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога Законот за кој оваа Влада се избори е на страната на културните работници“, вели министерката.
Таа, како предизборна игранка и манипулација ги оцени реакциите и протестите на СКРМ.
Вчерашниот состанок во Министерство за финансии, вели министерката за култура, „не беше свикан со намерата која Синдикатот за култура им ја презентираше на своите членови, нути пак за некаква игра, денес тоа се докажа“.
Пред две недели од Министерството за култура кажаа дека нема промени во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот за култура. Единствена промена била внесувањето на минималната плата во диспозитивот на договорот.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.