Македонија
Јанакиески: Со изградбата на пешачката патека и плажите Дојран ќе стане попривлечен за туристите
Очекувам најдоца во првата недела од март веќе да започнат градежните работи за патеката во Дојран, рече во недела министерот за транспорт и врски Миле Јанакисеки, на отпочнувањето на реконструкцијата на улицата „Ратко Митровиќ 2“ во село Драчево.
„Се работи за патека нешто повеќе од два километра, со тоа целосно ќе се поврзат Нов и Стар Дојран и тоа ќе биде една дополнителна атракција за голем број на туристи, чиј број се зголемува од година во година. Очекувам во март да започнат градежните работи и најдоцна до крајот на оваа година целосно да биде изградена таа патека, што е продолжение на постоечката“, рече Јанакиески.
Во однос на плажите, како што нагласи Јанакиески, во текот на наредната недела ќе има јавна аукција.
„Очекувам до крајот на февруари, доколку сè биде во ред, да се склучи договор исто така и за плажата од 600 метри во Дојран. Се работи за една инвестиција која драстично ќе ги подобри условите во Дојран. Плажата ќе биде автентична, онака како што граѓаните ја избраа на јавниот повик, значи современа плажа, со пристап, со паркинг, со тоалети, со шанкови, песок, чадори, значи сè она што граѓаните го одбраа“, рече Јанакиески. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Постигната либерализација во товарниот транспорт за и од трети земји со Црна Гора
Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија и Министерството за собраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол за либерализација на товарниот транспорт за и од трети земји.
Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период.
Ова беше постигнато на состанокот на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока кој се одржа во Скопје.
До сега, двете земји врз база на реципроцитет разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.
Либерализацијата е чекор напред кон отстранување на сите админстративни постапки во однос на дозволите, процес што ќе придонесе за побрз и ефикасен транспорт како и зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.
Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.
Македонија
Воздухопловните сили на Италија од денеска ќе патролираат над македонското небо
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го потпишаа Техничкиот договор со кој Италијанските вооружени сили и официјално се вклучија во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо.
Министерката Петровска по потпишувањето истакна дека со вклучувањето на Италија во оваа НАТО мисија, единството во Алијансата го гледаме на дело.
„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, рече министерката.
Со Италија изградивме вистинско сојузништво и развивме силна соработка, рече Петровска, и додаде дека фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.
Италијанскиот министер Крозето порача дека со денешното потпишување на овој историски договор, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото на Северна Македонија и дополни дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.
Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија.
Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.
Македонија
(Видео) Шкријељ: Понудата на ДПМНЕ е понуда за блокада на ЕУ, над 80 проценти од листите се истите пратеници
Составот на кандидатските листи за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ потврди дека нема никаква промена во оваа партија. Ова е понуда за блокада на европскиот пат на државата, тоа е кристално јасно, истакна на денешната прес-конференција Санела Шкријељ, пратеничка на СДСМ.
„Над 80% од предложените кандидати за пратеници се истите кои досега спроведуваа активна блокада на македонското Собрание.
Освен блокада на европскиот пат на државата повеќе од 2 години Собранието е под опструкции, блокади, кочење, од страна на ВМРО-ДПМНЕ
Наместо за интересот на граѓаните и државата се спроведуваа теснопартиски инетерси а често слушнавме и навреди и омаловажувања кон жените-пратенички.
Во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите.
Беа против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во ЕУ.
Тропаа и вревеа со вувузели во парламентот“, вели таа.
Оценува дека граѓаните беа сведоци на одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од опозицијата.
Со истите лица на листите, Белата палата, според Шкријељ потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
В„о ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена и не можат да донесат никакви промени на подобро, напротив.
Затоа, кристално јасно е.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност, враќање 10 години назад со ДПМНЕ далеку од ЕУ“, прецизира пратеничката на СДСМ.